Фото: ЕПА

Претседателот на САД сака наркокартелите да бидат воени цели, а борбата против нив да има карактер на антитерористичка

Високата администрација на претседателот Доналд Трамп се обидува да ја направи борбата против наркокартелите главен приоритет на својата разузнавачка агенција – ЦИА. Овој обид за т.н. „ревизија на работењето на ЦИА“ сѐ уште не значи дека претседателот на САД веќе ѝ наредил на ЦИА да преземе директна акција против наркокартелите во земјите во Јужна Америка и да се употребат т.н. „специјални операции“ што вклучуваат и физичко елиминирање на предводниците на наркокартелите во Мексико и во некои други земји.
Имено, според безбедносните експерти, ваквата „ревизијата/проширување на овластувањето на ЦИА“ е дизајнирана да ѝ помогне на агенцијата да разбере какви активности би можело „легализирано да бидат преземени“ и кои би биле потенцијалните ризици под различни опции, коментираат експертите, нагласувајќи дека „администрацијата на Трамп сериозно ја разгледува можноста да ги преформатира „специјалните антитерористички операции“ да бидат и „антикартелски специјални (воени) операции“.
Со поедноставен речник, „природата на специјалната операција да може да биде речиси идентична како и една воена операција, при што „седиштата на наркокартелите во соседството на САД да можат да бидат третирани како воени цели“ и да бидат ракетирани од територијата на САД.
За таа цел, администрацијата на Доналд Трамп претходно оваа година означи неколку картели како странски терористички организации. Тоа е потег за кој некои сегашни и поранешни американски функционери веруваат дека е дизајниран да изгради база за воени дејствија. Патем споменато, ЦИА веќе користи дронови за набљудување над Мексико, кои можат и да се вооружат!
– Мексиканските картели не се само криминални организации. Тие работат како паравојски со длабоки финансиски ресурси, глобални синџири на снабдување и софистицирани логистички мрежи што се протегаат во САД – напиша Даг Ливермор, експерт за „нелегални војни“ и поранешен функционер на Министерството за одбрана, во една неодамнешна студија за Атлантскиот совет, (аналитички центар за надворешни работи).

– Картелите најверојатно ќе возвратат. Тие поседуваат значајна способност за тероризам, која, кога ќе се комбинира со нивното воспоставено присуство во Соединетите Американски Држави, може да ескалира во конфликт – е коментарот на истиот безбедносен експерт.
Од друга страна, според одредени коментари на безбедносни експерти во американските медиуми, ваквата тенденција за проширување на обемот на работа на ЦИА предизвикува и „загриженост кај некои американски официјални лица дека користењето на традиционалните антитерористички алатки против картелите носи многу поголем ризик од колатерална штета за американските граѓани отколку слични операции спроведени на Блискиот Исток, далеку од тлото на САД“.
– Претставниците на ЦИА се претпазливи да користат ресурси што традиционално се користеле за гаѓање воени цели, а сега се користат против цели на картел – изјави анонимен американски претставник.
Колатералната штета, исто така, може да има негативни последици за секоја земја партнер што или дозволува ЦИА да спроведува директни дејствија во нејзините граници или прифаќа разузнавачка поддршка од агенцијата за да спроведе свои смртоносни операции, истакна американскиот функционер.
Ако поддршката на ЦИА создаде политички проблем за земја партнер, на пример Мексико, нејзината влада може да одбие да ѝ дозволи на агенцијата да продолжи да работи на својата територија. Поранешните официјални лица, исто така, предупредија на ризиците од одмазда од страна на картелите, од кои некои имаат значително присуство во Соединетите Американски Држави. Р.С.