Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска денеска на прес-конференција од седиштето на партијата побара одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, но и темелна и независна истрага за трагедијата во Кочани. Таа испрати апел до Обвинителството и сите истражни органи оваа трагедија да ја истражат до крај и одговорните да одговараат.
Според Чупеска, стравична е леснотијата со која министерот ја отфрли одговорноста од себе и од Министерството за внатрешни работи, со кое како што посочи, тој раководи повеќе од една година.
– За жал, денешната последна прес-конференција на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не остави без зборови и не принуди и ние да реагираме. Да го потсетиме Тошковски дека е министер веќе 13 месеци. СДСМ веруваше дека министерот ќе има доблест да ја каже вистината и нема да прави селективно известување на јавноста во врска со настаните и очекувавме дека прецизно ќе ја лоцира одговорноста и дека ќе докаже дека нема намера никој да биде поштеден од овие настани. Но тој тоа не го направи – рече Чупеска.
Наместо тоа, подвлече Чупеска, Тошковски политизира и обвинува други, кога тој е министер веќе цела година, а Владата ги има сите институции на располагање девет месеци.
– Министре Тошковски, нели е срамно да не поднесете одговорност и оставка вие и сите во институциите, во услови кога цела година оваа дискотека работи без лиценца. Чија е одговорноста ако не е ваша, вие тоа да го проверите. Чија е одговорноста ако не е ваша и на сите инспектори кои ги водите? Да се побара одговорност и да се провери цела година дали има неправилности во работењето – додаде Чупеска.
Таа истакна дека Дирекција за заштита и спасување треба еднаш годишно да ги прави проверките за безбедносните стандарди на сите објекти.
– Како тоа полицијата била таму, како што и самиот го кажавте истово, и притоа не ја затворила дискотеката, која очигледно работела надвор од сите пропишани стандарди и процедури. Како може дискотека која никогаш порано, па дури и со старите лиценци, не смее да работи после 1 часот, сепак оваа кобна ноќ да работи до 3 часот наутро. Дали вие воопшто не мислите дека некој до сега требал тоа да го провери – рече Чупеска.
Таа додава дека пожарот е настанат од пиротехнички материјали, а токму МВР ги издава и контролира овие компании кои управуваат со овие средства.
– Тука одговорноста е целосно во МВР и зошто вие молчите за ова? Дали е точно дека летово оваа дискотека била реновирана и пуштена во употреба, кој дал согласност за тоа? Вие бевте на власт тогаш и на централно и на локално ниво. Тошковски, да ви порачаме дека во овие моменти имавте можност да докажете дека сте професионалец, но и да се претставите како човек. Жалиме што со вашето однесување, со целата пропаганда која се води на социјалните мрежи, вие решивте брутално да го политизирате овој трагичен настан – рече Чупеска.
Таа појасни дека СДСМ бара темелна и независна истрага за целиот случај. Како што рече, апелираат до Обвинителството и сите истражни органи оваа трагедија да ја истражат до крај и граѓаните да ја добијат вистината, а одговорните да одговараат.
– Апелираме до сите да не го политизираат случајот, затоа што тоа е многу ужасно и многу болно за сите оние кои во моментот трагаат по своите луѓе и тагуваат по најблиските – додаде Чупеска.