Дали од горештината или од нешто друго, цели два часа седам пред компјутерот и не можам да најдам идеја за колумна, за писание. Не мора да е некоја важна и голема идеја, нека биде обична, какви што ги има и често ни се случуваат да ги живееме во секојдневието. Ама денеска не ми текнува на ниедна од нив! Ликовниот прилог го имам направено, одбрано, текстуалниот дел не сака да тргне. Тешко е кога не ви текнува што да раскажете, како да минувате низ празен простор.
Добро е што ова не ми е главна преокупација, односно професија, тоа ме теши. Си замислувам, да застанам пред штафелај и да не ми доаѓа идеја што да насликам? Во име на вистината и тоа ми се случувало, но траело кратко, не како сега цели два часа да гледаш во екранот и да не знаеш да напишеш збор! Искусните од ова професија велат дека секоја идеја или настан има свој конец, умешноста е да го фатиш конецот, полека да го влечеш и приказната е раскажана. Тоа е така, ама денеска не ми оди. Чудно!
Бев на море, речиси еден месец, за солиден одмор покрај бањањето треба и да се пешачи. И тоа го правев, со километри одев во една насока и други километри назад. По престојот на море се чувствував во добра позитивна форма. По морето отидов на планина, останав петнаесет дена и на сето тоа сега да не можам да најдам идеја за колумна!
Во таква неблагодарна и неинвентивна состојба, од домашен план, не личи да се зборува за позицијата, тие само што дојде на власт, плус е период на одмори. Од друга страна, да се зборува за сегашнава опозиција, која како да не постои, и тоа не оди, како што вели еден искусен новинар, тоа е како да удирате по капнат волк, значи не прилега.
А на меѓународен план? Во овој домен би рекол, добро е да се знае за што ве бидува, подобро е да знаете за што не ве бидува. За такви меѓународни односи јас сум тотален незнајко! Ретко кога и пишувам за нив, бидејќи знам дека не ме бидува. Еве, секој ден гледам француска телевизија и знам што се случува во таа земја, која не кријам дека ја сакам, го почитувам францускиот народ и ја ценам француската култура. Некои настани што се случуваат на сегашнава политичка сцена во Франција не ми се јасни. Тоа не значи дека таму политичарите грешат, туку мене не ми се јасни бидејќи сум незнајко и политички неписмен!
Во Франција се случија неколку изборни циклуси, прво се одржаа избори за Европскиот парламент, во кој партијата Национално единство (Расамблемант национал) на Марин Ле Пен, а претседател е младиот Жордан Бардела, партија што се смета за екстремно десна, освои еден куп пратеници и стана важен француски фактор во Европскиот парламент. Од таквите причини, претседателот Макрон го распушти Собранието, по што следуваа вонредни парламентарни избори. За овој потег, кон Макрон следуваа рафали од критики, дури и од тие што беа, некои сѐ уште се блиски до претседателот Емануел Макрон, па во разни пригоди употребуваа критички зборови кон претседателот, кои јас не се осмелувам да ги напишам. Тоа не значи дека тие што критикуваат грешат, можеби се во право, можеби не, тоа јас не можам да проценам, бидејќи реков дека сум тотален незнајко за високи политики и маневри изработени од чудни домашни и надворешни фактори.
Во првиот круг, повторно партијата на Жордан Бардела беше фаворит, во вториот круг се случи политичко изборно чудо, прва партија со најмногу освоени парламентарни места стана коалицијата Нов национален фронт (Нуво фронт национал) создадена од Социјалистичката партија, Непокорна Франција, на Жан Лук Меланшон, Комунистичката партија на Франција и од Партијата на еколозите, втора излезе Републиканската десница (Ла дроат републикен) и партиите приврзани кон претседателот Макрон.
Сето ова мене ми заличи како во Франција да дојде некој комесар за не знам какви прашања и на Французите им кажа, ова решете го на „балкански начин“. Се разбира ова е размислување на личност, тоа сум јас, што е апсолутен незнајко за вакви сериозни политички прашања. Среќна околност во тоа е што во едно демократско општество и незнајко има право да размислува дури и тогаш кога неговите размислувања се базирани врз незнаење!
Еден пример, за време гласањето во парламентот за потпретседатели, млад пратеник беше поставен за да го надгледува процесот на гласањето, па така, секој што ќе поминеше, ќе го ставеше гласачкото ливче во вазната, наместо кутија имаше вазна, ќе се поздравеше со младиот пратеник и толку! Но пратениците од партијата Нов национален фронт, на Меланшон, одбиваа да се поздрават со младиот пратеник, бидејќи најверојатно беше од партијата на Бардела. Како незнајко си реков, дали е можно ова да се случува во Франција?
Капак на ваквата состојба е во тоа што повторно со политички надмудрувања партијата Национално единство, на чие чело е Жордан Бардела, не доби ниту едно потпретседателско место во францускиот парламент и, како што тврди Јаел Браун-Пивет, старо-нова претседателка на парламентот, тоа е спротивно на Уставот на Франција и создава услови за неможно владеење на правниот систем во државата!
Еве низ што треба да минува државата Франција, која во деветнаесеттиот век, од тврдината Бастилја прва ги изговори зборовите: слобода, еднаквост, братство и стана светски бренд за слобода и демократија на планетата Земја.
Овие записи се видувања на еден тотален незнајко на ваквите политички вештини, убеден сум дека и за многумина други претставуваат правна и политичка непознатица. Во едно друго време, не само овде на Балканот, Франција или Европа, нештата како да беа поедноставни, појасни. Немаше брзи и опасни трки за политички функции и личен благодат. Или можеби и тоа е размислување на обичен незнајко. Како прилог на сето кажано е следниот настан.
Некаде во март од 1989 година, при еден мој престој во („Сите де арт“) „Интернационалниот град на уметностите“ во Париз, госпоѓа Симон Бруно, тогашна претседателка на оваа културна институција, ме повика во нејзината канцеларија и ми рече: општината на градот Париз, по повод изборот на новиот градоначалник, организира средба на културни работници, нѐ поканија и нас од „Сите де арт“. Ќе одиме десетина сликари од разни земји, дали би сакале и Вие да дојдете, ме запраша Бруно. Со големо задоволство прифатив. По два дена, ние групата ликовни творци од „Сите де арт“, на чело со Мадам Бруно, се упативме кон општината на Париз, која се наоѓа на два-триста метри од седиштето на „Сите де арт“.
Во голем салон украсен со слики, скулптури и со тешки лустери, кои висеа од таванот на просторијата, во очекување на новиот градоначалник, службеници од општината нѐ послужија со шампањ. Во салонот беа присутни и личности од другите општини на Париз, членови на разни асоцијации, како и претставници на Владата на Франција, односно на Министерството за култура. По дваесетина минути во салонот се појави градоначалникот. Го препознав Жак Ширак, но не знаев дека ова му е трет мандат како градоначалник на Париз, и исто важно голем пријател на Македонија. Ширак кратко остана со нас присутните во раскошниот салон, но најде време, со чашата со шампањ во рака да се поздрави со сите.
Често се прашувам, дали во тоа време јас ги гледав работите поинаку, не како незнајко, или во денешно време работите се извртени целосно наопаку, со што сме принудени да дејствуваме како тотални незнајковци.
Коле Манев