Книгите и печатените медиуми го издржуваат налетот на дигитализацијата
- Веќе во првиот бран на дистописки теории за книгата, во светот беше констатирано дека издавачите се единствените што не се повлекоа пред моќта на новите технологии и дека приходите од продажбата на печатени книги ги надминале петпати оние од продажбата на електронски книги
- И покрај фактот што дигитализацијата значително ги промени пристапот до информации и читателските навики, книгите и печатените медиуми имаат стабилна база на обожаватели, кои се емотивно врзани за печатените изданија
По четврт век постојани предвидувања дека дигитализацијата ќе ја „изеде“ печатената книга, денес е јасно дека тоа не се случи, дека книгите сѐ уште се купуваат и се читаат „на хартија“, пишува белградска „Политика“. Веќе во првиот бран на споменатите дистописки теории за книгата, во светот беше констатирано дека издавачите се единствените што не се повлекоа пред моќта на новите технологии и дека приходите од продажбата на печатени книги ги надминале петпати оние од продажбата на електронски книги. Така приближно остана до денес, при што книгата не ја губи битката со модерните технологии, под нивниот силен налет.
Изданијата на хартија имаат верна база на обожаватели
И покрај фактот што дигитализацијата значително гои промени пристапот до информации и читателските навики, книгите и печатените медиуми имаат стабилна база на обожаватели, кои се емотивно врзани за печатените изданија. Многумина ги нагласуваат тактилното чувство и мирисот на хартијата како клучни причини зошто избираат печатени книги. Времето е исто така важен фактор во обликувањето на потребите и навиките кон книгите и весниците. Додека како читатели на весници приоритет ни е релативно брзиот и квалитетен пристап до објективни информации, љубителите на книги уживаат во „бавноста“ на обмислениот пристап кон текстот, задржувајќи се на него и интелектуално и емотивно. Токму затоа и покрај зголемената популарност на аудио и електронските книги, хартиените книги остануваат динамично присутни на пазарот.
– Во третата деценија на дваесет и првиот век, сите значајни дела објавени во светот продолжуваат да се објавуваат во т.н. формат на хартиена книга. Затоа, не се остварија мрачните предвидувања дека печатниците ќе бидат принудени да ги затворат портите и дека редакциите на издавачките куќи ќе мора да се приспособат на производството на електронски книги. Вистина е дека секоја книга поминува низ дигитална форма во процесот на производство, а печатењето е последната фаза. Природно е дека секој издавач, поради помалите инвестиции, лесниот пристап до пазарот и испораката на книгата, се труди да објавува и е-книги, но, за среќа, тие никогаш целосно нема да ги заменат печатените. Најголем број читатели, доколку им се допадне книгата што ја читаат во електронска форма, ќе го купат и хартиеното издание. На огромната продажна платформа „Амазон“ секогаш може да се купат специјализирани академски изданија на големи британски и американски универзитети, покрај електронските, во многу скапи хартиени изданија. На крајот на краиштата, цивилизациското искуство покажува дека мнозинството од населението има потреба да поседува нешта во физичка форма. Книгата е нешто опипливо, со страст ја држиме в раце, ја подаруваме, ја чуваме и ја гледаме на полица, а многу е тешко да ја отуѓиме – заклучува Бора Бабиќ, директорка на српската издавачка куќа „Академска книга“, која на претстојниот Меѓународен саем на книгата во Белград објавува 70 нови книги, од кои 11 се објавени паралелно во електронска форма.
Директорот и главен уредник на издавачката куќа „Клио“, Зоран Хамовиќ, вели дека книгата се адаптира, а техничкиот напредок ја опремува со дополнителни функции.
Марија Младеновиќ, маркетинг-директорка на „Вулкан издаваштво“, кое во просек има повеќе од две илјади дела во својата активна понуда и околу 400 нови изданија годишно, оптимистички тврди дека побарувачката за книги во дигиталната ера не се намалува, туку расте: во ерата на мобилните телефони и кратките форми, добрата книга е засолниште од притисокот и брзината на секојдневниот живот.
Според Гојко Божовиќ, главен уредник и основач на издавачката куќа „Архипелаг“, книгата пред сѐ е текст, а постоењето на нејзините различни форми го зголемува изборот на читателите.
– По првичниот налет, ширењето на електронските книги со години е во ист процент. Повеќето читатели сè уште претпочитаат печатени книги. Изданијата на уметнички монографии и лексикографија се првите што целосно ќе преминат во доменот на електронското издаваштво, бидејќи со тоа се подобруваат квалитетот на презентацијата, начинот на пребарување и можноста за ажурирање на содржината – објаснува Божовиќ, додавајќи дека за печатената книга има многу поголеми предизвици во однос на електронските изданија.
Тој забележува дека луѓето денес читаат повеќе од кога било, но прашање е што се чита – книги, портали, блогови или објави на социјалните мрежи. Иднината на книгата и на печатените медиуми зависи од тоа како ќе одговорат на предизвиците, но засега добро се држат. Н.М.
И покрај највисокото ниво на дигитализација, печатените изданија во исклучителен пораст
Рекордна продажба на книгите на нобеловката Хан Канг во Јужна Кореја
Во Јужна Кореја е забележана рекордна продажба на романи на нобеловката Хан Канг, при што во двете најголеми онлајн книжарници се продадени повеќе од 500 илјади примероци, откако јужнокорејската писателка минатата недела ја доби Нобеловата награда за литература, објавија претставници на тие книжарници.
Онлајн книжарницата „Кјобо бук сентер“од четвртокот продала околу 260 илјади примероци од романи и книги со раскази напишани од Хан Канг, додека книжарницата, „Јес 24“во истиот период продала 270 илјади нејзини книги, објави „Јонхап“.
На листата најпродавани книги се нејзиниот роман од 2014 година „Човечки дела“, потоа романот „Вегетаријанка“, кој ја доби Нобеловата награда, како и нејзиното последно дело „Нема да се разделиме“.
Излезе од печат книгата „Киро Глигоров Жак Ширак мета на атентати“ на Ставре Џиков
Во издание на „Академска мисла“ деновиве излезе од печат новата книга „Киро Глигоров Жак Ширак мета на атентати“ на Ставре Џиков. Рецензент на книгата е професор д-р Јордан Плевнеш. Станува збор за хронолошки запис што ги опишува македонско-француските односи, со централно место на претседателите Киро Глигоров и Жак Ширак, при што свои сеќавања раскажува и авторот Џиков, кој во времето кога беше државен јавен обвинител повторно го активира предметот „Атентат“.
– Претседателот Киро Глигоров е последниот балкански лидер што преживеал атентат. Криминолозите се единствени дека атентатите на претседателот Киро Глигоров и на шведскиот премиер Улоф Палме имаат научна потврда дека се со најслабо водени полициски истраги во последните триесетина години во целиот свет – се наведува во книгата на Џиков.
Ставре Џиков е познат македонски правник, адвокат, поранешен судија и државен јавен обвинител на Република Македонија, публицист и автор на повеќе книги.
Промоција на книгата „Македонци – милениумски сведоштва на идентитетското име“ во Хрватска
Книгата „Македонци – милениумски сведоштва за идентитетското име“ (документи и анализи) од тетовскиот историчар и публицист Бранислав Светозаревиќ-Покорни денеска ќе биде промовирана во Сплит, Хрватска. Во рамките на промоцијата ќе биде одржана тркалезна маса на темата „Македонската култура низ столетијата“.
Промоцијата е во организација на македонското културно здружение „Стоби“ од Сплит, под покровителство на Советот за национални малцинства во Хрватска. Н.М.