Ангел Динев се профилира како бескомпромисен афирматор на македонската национална самобитност. Следејќи ги пораките за потребата од македонски печат, за негово „издигање, ширење и усовршување и, главно, еднокрајно разграничување на улогите на бугарскиот и македонскиот печат, при што последниот за Македонецот треба да биде евангелско четиво“, Ангел ја афирмира потребата од создавање македонски литературен јазик, литература и историографија
Повод: 133 години од раѓањето на Ангел Динев
На денешен ден, 1 октомври 1891 година, во Смоквица, Гевгелиско, роден е Ангел Динев, македонски револуционер, деец на ВМРО (обединета), новинар, публицист и историчар. Меѓу двете светски војни Динев го издава најзначајното македонско периодично издание „Македонски вести“. Најпрвин како неделно списание, а потоа како весник, бил неофицијален орган на ВМРО (обединета), кој ја афирмирал културно-националната историја, особено од илинденскиот период, и ја развивал македонската национална свест, литература, наука и култура. Дванаесет години по убиството на Арсени Јовков, Ангел Динев ја запознава помладата генерација со неговите ставови во кои тој отворено се залагал дека „македонското прашање е внатрешно прашање на сите Македонци…“, како и тоа дека „Македонците во (Бугарија) се независен политички елемент и дека се гости на бугарската држава, кои треба да се третираат така како што се третираат Ерменците, Грците, Турците, Русите и дроги“.
Рани години
Ангел Динев е роден во гевгелиското село Смоквица. По завршувањето на основното училиште во селото, слугува како овчар, а во црквата учествува како псалт. Кон крајот на 1909 година се вработува во Егзархиската митрополија во Солун. До 1911 година работи како фурнаџија, се самообразова и влегува во Ученичкиот револуционерен кружок. Истовремено станал и организатор на привремениот Околиски комитет на ВМРО за гевгелиските села од десната страна на Вардар.
Во есента 1911 година Ангел Динев станал член на Околискиот револуционерен комитет на Македонската револуционерна организација, а од мај 1912 година бил секретар во четата на војводата Коста Попето. По избувнувањето на Балканската војна во 1912 година, четата излегува на планината Кожув и учествува во борбите против османлиската власт. Четата на Коста Попето влегува во состав на посебната воена единица Македонско ополчение, која ја формира бугарската армија, а Ангел како доброволец служи во Третата чета на Петнаесеттата штипска дружина. Во текот на Првата светска војна тој служи во Единаесеттата пешадиска македонска дивизија.
Негување на илинденската традиција
Во 1921 година Ангел Динев се префрла во Софија. Таму работи првин како писар во Министерството за финансии, а потоа како контролор на трамваите. Во наредната 1922 година тој ги прави првите чекори во новинарството. Динев ја започнува својата новинарско-публицистичка дејност во весникот „Илинден“ – орган на Илинденската организација, кој поради цензура на бугарската влада во наредните две години четири пати го менува насловот. Во периодот од 1922 до 1924 година, за да може да опстои, весникот „Илинден“ бил преименуван прво во „Пирин“, потоа во „20 јули“ и пак го зел првобитното име „Илинден“.
Под влијание на Арсени Јовков, еден од раководителите на Илинденската организација и главен редактор на весникот „Илинден“, потоа Димо Хаџи Димов и други прогресивни македонски дејци, Ангел Динев се профилира како бескомпромисен афирматор на македонската национална самобитност. Следејќи ги нивните пораки за потребата од македонски печат, за негово „издигање, ширење и усовршување и, главно, еднокрајно разграничување на улогите на бугарскиот и македонскиот печат, при што последниот за Македонецот треба да биде евангелско четиво“, Ангел ја афирмира потребата од создавање македонски литературен јазик, литература и историографија.
Во периодот меѓу двете светски војни Ангел Динев објавува и посебни публикации од областа на поновата македонска историја: „Движењето“ (1924), „Заборавените“ (1925), „Кресненското востание“ (1926), „Хуриетот и постхуриетските борби во Гевгелиско“ (1934). Во меѓувреме, во 1927 година, Ангел Динев станува раководител на Гевгелиското братство и на таа функција се задржува до 1947 година. Исто така, од 1928 до 1942 година тој работи како писар во Министерството за земјоделство.
Македонски литературен кружок
Меѓу двете светски војни Динев го издава најзначајното македонско периодично издание „Македонски вести“. Во весникот во продолжение излегува брошурата на Ангел Динев „Македонските Славјани“, а било најавено и печатењето на монографијата „Илинденската епопеја“. По забраната на весникот, брошурата на Динев била во целост сепаратно објавена по две години, а првиот дел од монографијата дури во 1945 година.
Пред да биде забранет весникот во октомври 1936 година, редакцијата на „Македонски вести“ го иницира формирањето на Македонскиот литературен кружок во Софија. Членовите на Македонскиот литературен кружок во Софија, како што е Никола Вапцаров или Ангел Жаров, познат и како Михаил Сматракалев, се продолжувачи на делото на Ѓорѓи Пулевски, Крсте Петков Мисирков и Димитрија Чуповски, а наедно и заштитници на македонските особености. Ова е особено видливо во искажувањето на Сматракалев, кој на македонските негатори им велел „Претставете си една картонска кутија на која пишува ’Бугарин‘, а што има во кутијата не ве интересира. Ние, за разлика од вас, го фрламе картонот и се интересираме за суштината што е во него. Не гледаме што пишува на капакот од сандакот, туку го отвораме и внимаваме што има внатре“.
Кружокот развивал литературна, културна, национална, политичка, општествена и револуционерна дејност, дејност чија цел била промоција на македонските национални особености – јазик, култура, историја итн. Кружокот имал однапред подготвени редовни неделни средби, но и неформални состаноци на кои се оценувале и читале литературни творби и критички се разгледувале песни, раскази, есеи и трактати на членовите, како и на веќе објавени книжевни дела на Македонци без разлика на државата на издавање, односно од сите делови на Македонија. Некои од материјалите се зачувани фрагментирано или интегрално.
По укинувањето на „Македонски вести“ од страна на бугарските власти, кружокот дејствувал илегално под името Македонски публицистички кружок „Нација и култура“, а бил предводен од истакнатиот македонски деец и поет Никола Вапцаров.
Подоцнежни години
Во текот на Втората светска војна, меѓу 1940 и 1944 година, Ангел Динев неколкупати бил интерниран во разни логори. По превратот во Бугарија на 9 септември 1944 година, тој бил особено активен. Во септември 1944 година, 29 поранешни дејци и револуционери на ВМРО и ВМРО (обединета) потпишуваат и испраќаат апел до македонските иселенички организации во Бугарија, а меѓу потписниците е и Ангел Динев. Во апелот се истакнува постоењето на самостојната македонска нација, како и создавањето на македонската држава.
Во апелот меѓу другото се истакнува дека „македонскиот народ водел и води епски борби за своето национално ослободување. Неговите најсмели и бестрашни синови непрестано ја напаѓаа турската тврдина на феудализмот и деспотизмот. Ентузијазмот и самопожртвуваноста на Македонците создадоа херојска епопеја среде револуционерните борби на македонскиот народ – Илинденското востание во 1903 година. Водени смело од идеолозите на македонската ослободителна борба: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Даме Груев, Јане Сандански, Димо Хаџи Димов и плејада други борци, илинденци, ја направија бесмртна таа борба и го напишаа на страниците на националреволуционерните движења најголемиот херојски подвиг“.
Динев го раководи и Сојузот на македонските доброволечки друштва во Софија и го редактира неговиот орган „Доброволец“ од 1944 до 1946 година. Динев во овој период развива широка општествено-политичка дејност сред Македонците во Бугарија. Во 1944 година тој ја објавува брошурата „Етнографската идеја на македонските Славјани“, а подоцна и „Илинденската епопеја“ I-II, каде што смело го истакнува постоењето на македонската нација.
Но откако по 16. пленум на Бугарската комунистичка партија (13 јули 1948) била укината културната автономија на Пиринска Македонија, Динев пратил протестно писмо до ЦК на БКП и на 20 август 1948 година илегално ја напуштил Бугарија. По доаѓањето во Македонија, Ангел Динев бил поставен за стручен соработник во новооснованиот Институт за национална историја во Скопје. Во 1951 година тој го публикува последното дело „Политичките убиства во Бугарија“. Умира на 17 февруари 1952 година во Скопје.
И ние Македонците ќе ја видиме слободна Македонија
На 22 април 1922 година во весникот „Илинден“ Ангел Динев ја објавува статијата „Централизам или федерација“. Во оваа статија, под псевдонимот Смаков, Динев го отвора прашањето за федерација. Поточно, тој се определува за федерација – наспроти централизам, т.е. Македонија да биде слободна и независна држава во идната балканска федерација, а не целосно присоединета кон некоја држава.
Во статијата можеме да прочитаме: „Централизмот ќе треба да му го отстапи местото на федерализмот за да паднат ‘рѓосаните синџири на победените. Во тој поглед, близок би бил денот кога и ние Македонците ќе ја видиме слободна Македонија како независна и рамноправна сосетка во една заддунавска федерација“.