Александар Матковски

Матковски е автор на познатото хералдичко дело „Грбовите на Македонија“. Во делото, кое има 219 страници, се претставени сите историски податоци за грбовите на Македонија, од илирските грбовници, почнувајќи од 16 век, па до денес. Матковски ја подготвувал книгата две години, а од неговото истражување произлегле и неколку научни статии

Повод: 33 години од смртта на Александар Матковски, партизан, историчар ориенталист, прв доктор на историски науки, академик…

Деновиве се одбележуваат 33 години од смртта на Александар Матковски, кој останува запаметен како учесник во македонската ослободителна и антифашистичка борба во Втората светска војна, историчар ориенталист, прв доктор на историски науки и академик, член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Во рамките на МАНУ постои Фондот „Александар Матковски“, кој содржи документи и материјали од различни архиви и институции во светот, кои ги собирал и врз чија основа Александар Матковски ги изведувал и објавувал своите научни истражувања во текот на својата богата научноистражувачка и академска работа. По неговата смрт во 1992 година, неговото семејство ја предава личната архива на Матковски на Архивот на МАНУ, каде што е создаден фондот. Александар Матковски починал на 14 април 1992 година во Скопје.

Кој е Александар Матковски?

Роден е на 30 мај 1922 година во Крушево. Подолго време живеел во Гостивар, до 1936 година, а потоа се преселил во Скопје. Како член на КПЈ и учесник во НОБ од 1941 година, тој бил уапсен на 2 јуни 1942 година и како малолетник осуден на 10 години строг затвор. Матковски ја издржувал казната во Скопје, Варна и во скопскиот затворот Идризово, сѐ до бегството на 29 јули 1944 година. По бегството од затворот, Матковски се вклучил во Петтата македонска НО-бригада на НОВ и ПОМ. Во затворските денови напишал голем број песни на македонски јазик, зачувани во Архивот на МАНУ, некои од нив биле објавени по ослободувањето.
Во годините по Втората светска војна, Александар Матковски ја завршил Учителската школа во Скопје во 1947 година и дипломирал на Педагошката школа во Белград во 1949 година. Потоа тој го продолжил своето образование и завршил на Филозофскиот факултет (група Историја) во Скопје во 1951 година, докторирал на Филозофскиот факултет во Загреб со темата „Ѓурчин Кокалески (1775-1863)“ во 1957 година и дипломирал и на Филолошкиот факултет во Белград – група за ориентална филологија во 1961 година.
Додека се школувал, Александар Матковски до крајот на 1954 година бил вработен како учител и професор во разни осумгодишни и средни училишта, а потоа од 1 јануари 1954 година ја почнал научната кариера и ја заокружил со изборот за научен советник во Институтот за национална историја (ИНИ) на 19 февруари 1971 година, каде што бил до пензионирањето во 1987 година. Во 1986 година Александар Матковски станал дописен, а од 7 мај 1991 година бил и редовен член на МАНУ.
Матковски повеќе години бил на студиски престои во Каиро, Багдад и во Истанбул. Покрај османлискиот период, тој се занимавал и со други теми од македонското минато, како и со историјата на Евреите во Македонија. Од негови дела може да се одвојат „Ѓурчин Кокалески (1775-1865)“, „Прилог кон прашањето за создавање на селска, сточарска трговска буржоазија во Македонија“, Скопје, 1957; „Хроника на земјотресот во Скопје“, Скопје, 1964; „Грбовите на Македонија“, Скопје, 1970; „Уште една Мариовска буна (1688/89 год.)“, Скопје, 1970; „Диетот-Крвнината“, Скопје, 1973; „Крепосништвото во Македонија“, Скопје, 1978; „Историја на Евреите во Македонија“, Скопје, 1983; „Отпорот во Македонија“, Скопје, 1983; „Македонскиот полк во Украина“, Скопје, 1983; итн.

Матковски е првиот што се занимава посериозно со хералдиката во Македонија

Матковски е првиот што во Македонија се занимава посериозно со хералдиката. Интересот за хералдиката го добива кога дознава дека во некој манастир покрај Фојница во Босна има грбовник во кој, покрај другите грбови, го има и грбот на Македонија. Некаде околу 1964 г. заминува во Фојничкиот манастир, каде што фотографира грбови од овој грбовник. Во 1968 г. почнува да пишува статии на оваа тема, кои ги објавува во разни списанија.
Според д-р Јован Јоновски, хералдичар и историчар, Матковски пишува неколку статии и писма по медиумите, од кои во неговата оставина од МАНУ се зачувани неколку. Има две статии што не се датирани. Првата е најверојатно од раната фаза на истражување на оваа проблематика, тие се: „Најстарите македонски грбови“, статија за македонскиот грб во грбовникот на Корениќ – Неориќ, непознат датум. Втората е од подоцнежен период – „Македонски грбови во минатото“ – популарен текст, без фусноти, кој на 12 страници прави попис на дотогаш најдените грбови на Македонија, непознат датум.
Во текот на 1968 г. работи на книгата што има работен наслов „Стариот земски грб на Македонија и други македонски грбови (Прилог кон македонската хералдика)“. Текстот е пишуван со молив на хартија, често од различен формат. Имено текстот е пишуван на бела хартија, на задната страна од разни документи како извештаи, покани, формулари итн., но и на хартија за пакување, дури и на салфети. Често од листовите се отсечени делови, кои веројатно отпаднале од текстот. Книгата потоа е напишана на машина за пишување на латиница, од која се направени словослагачки отпечатоци дадени на авторот да ги коригира, со обележени места за слики. Во фондот на Матковски има и неколку комплети од цинкани клишеа потребни за печатењето на колорните претстави на грбовите. Целиот процес траел две години и книгата била објавена во 1970 г., во која, главно, се зборува за присутноста на лавот во илирските грбовници.
– Во книгата има скромен дел од теориската хералдика и соодветна терминологија, што, веројатно, се должи на тоа што македонската хералдичка мисла е во зачеток и недостасува позначајно објаснување за симболизацијата на лавот. Најплодна е 1969 година со писма и статии, кога и Матковски е најмногу ангажиран со пишувањето на својата книга. „Македонски грб од 1340 година не постои“ – писмо реакција на написот објавен во списанието „Журнал“ на 11.10.1969 г., автор на текстот, како што смета Матковски, е Славко Димовски, кому му ги припишува и текстовите во весникот „Нова Македонија“, како и списанието „Македонија“ на Матица на иселениците. Во писмото Матковски споменува дека лично тој, а не Димовски, прв ги видел и ги претставил пред македонската јавност пред 4 години фојничкиот грбовник и македонскиот грб, посочува Јован Јоновски.
Во писмото на пет страници пишувани на машина, Матковски пишува за дотогашните сознанија за потеклото и датирањето на фојничкиот грбовник, со што ја побива тезата дека македонскиот грб претставен таму е од 1340 г. „Најстариот грб на Македонија“, објавен во Историја, год V., 1969, кн.1. Во оваа статија Матковски дава преглед на почетокот на хералдиката воопшто и за илирската хералдика на Охмучевиќ, целосно преземајќи ја нарацијата на Соловјев.
– На крајот го споменува грбот на Македонија само од грбовникот на Корениќ-Неориќ од 1595 г. „Стари грб Македоније“, објавен во „Југословенски историски часопис“ во 1969 г., 1, 2. Текстот е на 12 страници, пишуван со машина за пишување, плус три страници со белешки. Во најголем дел го цитира А. Соловјев и неговите две дела: „Постанокот на илирската хералдика и семејството Охмучевиќ“ од 1933 г. и „Прилози за босанската и илирска хералдика“ од 1954 г. Матковски својот хералдички опус не го ограничи само на Македонија и нејзината хералдика. Така тој го пишува „Хералдичко претставување на Отоманската Империја во Европа“, објавено во „Гласник ИНИ“ во 1969 г., XII, 1-2 – вели Јован Јоновски.

Фонд „Александар Матковски“

Фондот „Александар Матковски“ содржи богат материјал, кој се однесува на различни историски периоди на регионот Македонија. Во рамките на овој богат архивски материјал, селектиран во три архивски кутии, постојат многу документи за историјата на Евреите на Балканот, започнувајќи од античко време, периодот на Османлиското Царство и Втората светска војна. Во тие рамки, архивскиот материјал се однесува на историјата на Евреите од Македонија пред холокаустот, за време на холокаустот и периодот по 1943 година обележан со еврејската трагедија во Македонија.
Архивскиот материјал во овој фонд што се однесува на Евреите од Македонија, Александар Матковски го изложува во својата книга „Трагедијата на Евреите во Македонија“ (Скопје, 1963), објавена и на англиски јазик под наслов „Destruction of Macedonian Jews“ (во: Yad Vashem Studies III, Jerusalem, 1959). Исто така, архивскиот материјал во овој фонд што се однесува на османлискиот период на Македонија, во тие рамки и положбата на Евреите во Македонија, Матковски го изложува во својата книга „Отпорот во Македонија“ (Скопје, 1983).
– Во неговата оставина во МАНУ, фондот „Александар Матковски“, се зачувани ракописи од негови статии, копии од статии со кои се служел, преписки, како и библиографски материјали што ги користел или се обидувал да ги најде. Така, во оставината се наоѓаат 78 нумерирани фиши, со податоци за библиографски единици, како и нивната сигнатура во НУБ или во библиотеката на ИНИ доколку истата таа е достапна во овие библиотеки, односно е назначено дека ја нема. Библиографските единици се преземени од други статии и книги, за кои Матковски мислел дека ќе му помогнат – нагласува Јован Јоновски.
Претежно се стари дела, три од 16 век, две од 17 век, едно од 18 век и 16 од 19 век. Понатаму од 20 век, 18 се од пред Првата светска војна, 18 од меѓувоениот период и само две од по Втората светска војна.
– Најновата библиографска единица е книгата на Александар Соловјев, „Историја на српскиот грб“, објавена во Мелбурн во 1958 г., за која пишува дека треба да се позајми од библиотеката во Белград. Од овде е јасно дека неговите ставови биле силно повлијаени од литературата издадена пред Втората светска војна, пред сè од делата на Александар Соловјев – вели Јоновски.
Од преписката со колегите, најстарото зачувано писмо во фондот е од 1966 година испратено од Софија. Со тоа се определува поблиску времето кога се јавува интересот на Матковски за хералдиката или поточно историјата на македонскиот грб, како и неговото каталогизирање, почнувајќи некаде од 1968 година. Д.Ст.