Арсени Јовков во македонската национална меморија останува запаметен како учесник во македонското револуционерно движење и Илинденското востание, поет, публицист, но и првиот македонски филмски сценарист, според чие сценарио е снимен документарниот филм „Македонија во слики“ во 1923 година, а автор е и на сценариото за играниот филм „Илинден“. Тој е редактор и на весниците „Илинден“, „Пирин“ и „20 јули“, а објавил и две поеми „Проклетина“ и „Љуљебургас“
Повод: 141 година од раѓањето на Арсени Јовков
Роден е на 25 март 1882 година во струшкото село Селци. Тој е син на Атанас Јовков, кој долги години се бори против месните бегови, а негов вујко е писателот Војдан Чернодрински. Се образовал и завршил гимназија во Битола. Уште како ученик во Битолската гимназија, некаде околу 1900 година, започнал да пишува поезија, истовремено со Војдан Чернодрински. Непосредно пред Илинденското востание, неговиот татко загинува во престрелка. Како средношколец се враќа во Дебарско и влегува во Македонската револуционерна организација (МРО). Во 1903 година учествува во Илинденското востание како секретар на војводата Атанас Тасе Христов. Се бори во Дебарца и Караорман, а по загинувањето на неговиот брат Нико Јовков, Арсени станува војвода на неговата чета.
По востанието емигрирал во Бугарија, каде што го основал и раководел македонското Дебарско братство во Софија. По 1921 година, Арсениј Јовков е еден од раководителите на Илинденската организација, основач и уредник на весникот „Илинден“ (1921-1923). Во весникот пишува воведни статии и други материјали против поделбата на Македонија. По забраната за излегување на весникот „Илинден“, весникот се преименува прво во „Пирин“ (1923-1924), а потоа во „20 јули“ (1924). Арсени работи како редактор во новоименуваните весници на Илинденската организација. Како убеден заштитник на македонските интереси се истакнал со својата парола: „Бугарскиот државен патриотизам и македонскиот патриотизам се две нешта, кои не само што немаат ништо заедничко туку се и сосема противречни“.
Во весникот „Илинден“ од март 1923 година Арсени Јовков говори за потребата на Македонецот да има свои права и за борбата против тие што го потиснуваат (Белград, Софија, Атина). Тој истакнува и дека веќе израснала свеста за македонската независност. „Откако несреќната македонска земја е разделена на три дела, секој од нив стана арена на која се натпреваруваат политичките партии на соодветните држави. Уште при заграбувањето на тие делови, политичките средишта на балканските престолнини кои ни за миг не запреле пред горките солзи на Македонецот, туку со оној стремеж кој е својствен на властољубието, што ги карактеризира балканските користољубиви режими, јурнаа стрмоглаво … не за да ги чуваат интересите на „ослободените“, не вникнување во нивните болки, туку за растргнување на и без тоа ранетата македонска града … кој друг натрапен полномошник би можел да ги штити македонските интереси, да придонесе за менување на неговата судбина, освен самиот Македонец? Македонија е предопределена да биде самостојна“.
Јовков се пројавува и како литературен критичар, преведувач и филмолог. Во 1923 година заедно со Георги Занков, по свое сценарио, Јовков го снима документарниот филм „Македонија во слики“. Во овој филм, кој се сретнува уште и како „Македонија“, се прикажани и снимки од пренесувањето на останките на Гоце Делчев во црквата „Света Недела“. Исто така, тој е автор и на сценариото за играниот филм „Илинден“.
По 1923 година Арсени Јовков решително се одредува за посамостојна македонска политика. Тој е еден од авторите на меморандумот на Илинденската организација од 17 април 1924 година со кој се протестира против прогонот на македонските дејци од страната на бугарската влада на Александар Цанков. Исто така, го прифатил и Мајскиот манифест од 1924 година, како и идејата за обединување на македонските револуционерни и политички сили. Тој е меѓу првите во Бугарија што го публикуваат Мајскиот манифест.
По убиството на Тодор Александров (31 август 1924), Арсени Јовков ја напушта Софија и заминува за Македонија, но е убиен на 14 септември 1924 година во Горна Џумаја (Благоевград), Пиринска Македонија, од страна на приврзаниците на Иван Михајлов. Д.Ст.
На денешен ден Прличев го доби лаворовиот венец за поемата „Сердарот“
На 25 март 1860 година на традиционалниот грчки конкурс за поема, кој се одржал во Атина, македонскиот великан Григор Прличев доби лаворов венец за поемата „Сердарот“. Прличев останува запаметен како врвен поет, но тој е една од најзначајните македонски национални личности во втората половина на 19 век. И покрај тоа што творел на грчки и бугарски јазик, нему Македонија му била љубов и судба. Ова е особено видливо во неговото писмо до жена си, во кое запишал: „Солун е срцето, а ние вените на Македонија!“
Неговата љубов кон Македонија е очигледна и во неговиот говор пред учениците на Солунската гимназија, во кој истакнал: „Повторувам, оти учителите не се должни да проповедаат. Тие дошле не за друго, освен да ги учат вашите деца да станат добри граѓани и да си ја подигнат татковината, оваа убавица Македонија, оваа топла и благодатна Македонија, оваа плодовита Македонија, која ги подарила Светите Кирил и Методија“.

На денешен ден Методија Патчев го положи својот живот за слободата на Македонија
Оформувањето на Македонија како независна држава беше творба на неколку македонски генерации. Водени од идеалите за слобода и независност, илјадници знајни и незнајни Македонци бескомпромисно се бореа против сите непријатели на македонскиот народ. Многумина ги положија своите животи за македонската слобода и државност, а меѓу нив е и македонскиот војвода Методија Патчев
Меѓу илјадниците знајни и незнајни Македонци што се бореа и жртвуваа за македонската слобода треба да се спомене и Методија (Патче) Патчев. Роден е во Охрид и потекнува од сиромашна рибарска фамилија. Неговите родители Јаќим и Марија биле трудољубиви и чесни луѓе. Бидејќи родителите на Методија биле крајно сиромашни, не можеле да го пратат својот син на школување надвор од Охрид, иако за тоа мечтаеле и тој и тие. Од тие причини Патче го прекинал образованието токму тогаш кога навлегол во книгата, кога почнал да ги вкусува нејзините плодови. И тој, како и неговите тројца браќа, со татко си се борел за животен опстанок. Работел извесно време во ќуркчиските дуќани, а работел и како рибар со татко си, борејќи се со езерото за парче леб.
Во почетокот на 1886 година го напуштил родниот град и тргнал да бара помош за понатамошно школување во некое средно училиште. Прво отишол во Солун, а од таму во Софија, но не ја добил потребната парична помош. Во Самоков почнал да го посетува специјалното училиште, поточно сите занаети што се изучувале, а истовремено работел и во револуционерниот кружок, во чија активност веднаш се вклучил. Овој ученички кружок бил мошне активен, бидејќи бил посетуван од раководителите на Македонската револуционерна организација (МРО), како и од Гоце Делчев. Поради материјални причини Методија набргу го напуштил Самоков, бидејќи не можел да обезбеди стипендија за да учи во некое средно училиште.
Во 1896 година се вратил во Охрид и се занимавал со учителска дејност во основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во маалата Кошишта. Во истото училиште за учител бил назначен и неговиот сограѓанин Христо Узунов. Истата година влегол во редовите на МРО. Тој добивал специјални задачи – ликвидирање на непријателите на македонското ослободителното дело, како и на предавниците. Во 1894 година, само една година по формирањето на МРО во Солун, се формирала и охридската револуционерна организација. До 1900 година во револуционерниот комитет влегле Христо Узунов, Методија Патче, Кирил Прличев, Лука Групче, Климе Заро, Анастас Каневче и други. Узунов и Патче многу придонеле за омасовување на револуционерното движење во Охрид и Охридско. Двајцата им давале заклетва на новите членови на вообичаениот начин – пред евангелие, крст и кама. Честопати Узунов, за да не биде забележан од турските власти, по куќите каде што требало одел облечен како поп, а Методија Патче му го носел како клисар котлето со светена вода.
Посебно место во развојот на МРО во овој период имале т.н. терористички групи. Тие групи покрај следењето одредени луѓе и справувањето со уличните шпиони, собирале пари за потребата на организацијата, го помагале нејзиното вооружување и вршеле агитациско-организациски задачи. Најчесто овие групи биле со повремен карактер и биле составени од лојални, храбри, снаодливи луѓе, каков што бил и Методи Патче.
Во спомените од Ѓорѓи Тасиќ, учител од Охрид што се борел за ширење на српската пропаганда во Охрид, има дадено многу податоци и за другите пропаганди во Охрид, како и меѓусебните караници меѓу граѓаните на Охрид, а пред сѐ учителите. Во ширење на српската пропаганда најмногу се експонира охриѓанецот Димитрие Грдан. Охридското раководство на МРО решило енергично да се бори против српската пропаганда. Тие одлучиле да го отепаат Грдан, а тоа се случило на 5 август 1898 година. Таа задача паднало да ја реализира учителот Методија Патчев. Тој го реализира тоа кај стариот дел на градот, кај денешната Самоилова улица.
За да одредат кој ќе го убие предавникот, групата во која биле Иван Нелчин, Христо Узунов и Кирил Прличев влечела ждрепка. Иван Нелчин, кому му паднала ждрепката, се откажал правдајќи се дека нема нерви за такво дело и дека не е доволно вешт за ракување со нагант. По тоа се јавил Методија Патче и рекол дека ќе го изврши убиството доколку Нелчин даде 10 наполеони за организацијата. Откако била дадена предложената сума, бил направен друг план за убиство на Грдан. Со помош на Христо Узунов и Кирил Прличев, на 5 август 1898 година го застрелал предавникот Димитар Грдан во центарот на Охрид, по што сите тројца биле уапсени од турските власти. Иако немало сведоци на убиството, тој бил уапсен од турската власт и осуден на 15 години затвор. Методија Патче бил затворен во битолскиот затвор, каде што останал до 1901 година, кога бил амнестиран.
По излегувањето од затворот, во учебната 1901/1902 година Методија Патче бил назначен за учител во Прилеп. Но, откако турската власт му забранила да работи како учител, тој преминал во илегала и ѝ се приклучил на четата на Марко Лерински. Во октомври 1901 година Методија Патче бил назначен за војвода на првата агитациско-организациска чета во Прилепско. Со намера да привлече и зачлени поголем број комити во организацијата, патува низ Прилепскиот Регион и за релативно кусо време доаѓаат до израз неговите организаторски способности. Во текот на март 1902 година, поради разврат, го ликвидирал и прилепскиот војвода Тале Горанов.
Но, откако на 6 април 1902 година, на селскиот празник Благоец, дошол со шестмина соборци во Кадино Село, Прилепско, за да покрсти нови членови за организацијата, бил предаден и опкружен од турскиот аскер и башибозук. Додека војводата и четата биле сместени во старата кула, а народот за тоа време бил во црква, околу пладне во селото дошле околу 500 вооружени луѓе, меѓу кои аскер од Битола и познатиот разбојник Расим со 25 луѓе.
Претходно четата не била известена за движењето на силниот аскер кон Кадино Село и немала ниту време ниту можност да се извлече од кулата и селото. Опколена од сите страни, четата се забарикадирала во кулата. Започнала нерамноправна јуначка борба, која траела до наредниот ден (7 април 1902 година), сѐ до моментот кога на четата ѝ снемало муниција. На Патче и комитите не им преостанало ништо друго освен да се предадат или да умрат. На повикот од аскерот да се предадат одговориле дека македонски борци не се предаваат. Со песна, по 24-часовна борба, Методи Патчев и неговите соборци со последните куршуми извршиле групно самоубиство.
По престанокот на пукотниците, кога Турците влегле во кулата, глетката била потресна и величествена. Со прострелни смртоносни рани, со радосни лица во пресрет на смртта, комитите како да ѝ оддавале последен поздрав на својата татковина Македонија. Командантот, потпоручникот Нијази-бег, подоцна еден од истакнатите членови на Младотурската револуција, покажувајќи на положените тела на комитите, пред аскерот изјавил: „Тоа се херои. Гледајте како се бореа за својата идеја. Сами се убија“. Потоа со плотун преку мртвите тела, Турците им оддале почит на загинатите македонски борци.
Турците кај Патче пронашле шифрирани документи од кои ја откриле целата револуционерна мрежа на организацијата во Прилепско. Османлиската војска правејќи голем зулум, извршила претрес и апсења во 18 прилепски и шест мариовски села, при што биле затворени 92 припадници на организацијата. На судењето во Битола, на разни затворски казни биле осудени 16 лица, а другите биле ослободени. Врз основа на разни добиени податоци се смета дека предавството го извршиле Станко Ачкоски, кмет на селото, познат врховист и турски шпион, и неговиот заменик Јонче Врбоски. Ачковски бил осуден на смрт од организацијата и истото лето бил убиен. Селаните ги закопале македонските херои во црквата „Света Богородица“, а подоцна ги откопале и ги погребале во заедничка гробница на селските гробишта. Д.Ст.