Деновиве се одбележуваат 146 години од раѓањето на Димитрија Чуповски, личноста што во македонската национална историја остави вечна и неизбришлива трага. Чуповски како општествен деец, револуционер, дипломат, публицист, научник, издавач, историчар, картограф и филолог е еден од најдоследните афирматори на македонската национална мисла и бранител на македонските национални особености и политички интереси кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век
Повод: 146 години од раѓањето на Димитрија Чуповски
Од денешна перспектива, доколку се земат предвид постојните негирања на македонските особености – јазик, историја, култура итн., активностите на Димитрија Чуповски имаат уште поголемо значење, затоа што тој во еден од најкритичните моменти на Македонија и македонскиот народ, многу кристално јасно ги заштитуваше и промовираше македонските политички и национални интереси пред светот. Дејноста на Чуповски е тесно поврзана со Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург и издавањето на списанието „Македонски глас“, списание што ја пропагираше идејата за самобитна Македонија. Чуповски е творец и на првата карта на Македонија во боја и на македонски јазик, карта што јасно ги оцртува етничките граници на Македонија.
Во Русија тој го формира Македонското научно-литературно другарство во Петербург (МНЛД), предвесникот на денешната Македонска академија на науките и уметностите. Другарството развива широка мрежа од активности, пред сѐ за запознавање на руската и пошироката европска јавност со вистинските состојби во кои се наоѓале Македонија и Македонците во тоа време. Програмските начела на дејствувањето на Другарството се исцртани уште во меморандумот од ноември 1902 година, кој го составуваат Стефан Јакимов Дедов и Дијамандија Мишајков, со несомнената поддршка на Димитрија Чуповски и на Крсте Петков Мисирков. Во овој документ се забележува стремежот кон македонска национална слобода, како „отстранување на националните пропаганди од Македонија и, наместо тоа, воведување едно од македонските наречја на степен на општ македонски литературен јазик“.
Во меморандумот, кој бил објавен во првиот број на списанието „Македонски глас“, се забележуваат идеи што се среќаваат во статијата на Чуповски од 29 март 1913 година, објавена во весникот „Славјанин“. Споменатиот меморандум и статијата на Чуповски се насочени кон од создавање независна македонска држава и одлучување за нејзината структура на Македонското народно собрание во Солун.
Од дејноста на Чуповски и Македонското научно-литературно другарство во Петербург може да се одвои и афирмирањето на македонска културна традиција и на македонската историја, како и промоцијата на историски личности што биле поврзани со Македонија, како што се Александар Македонски, апостолот Павле, Св. Кирил и Методиј, Добромир Стрез, Крале Марко и др. Чуповски и неговите истомисленици јасно се залагаат за правото за самоопределување на Македонците, правото на самостојност на Македонија, обновувањето на Охридската архиепископија како независна македонска национална црква итн.
Доколку се земе предвид националната програма на друштвото, јасно изложена во „Македонски глас“, како и државата во која се пласира македонската национална платформа, Македонско научно-литературно другарство има уникатно место во заштитата и развојот на македонската национална мисла. Другарството има кристални македонски национални ставови, ставови што се очигледни во објавите на „Македонски глас“. Особено е интересна статијата „Кои се Македонците?“ објавена во 1914 година, во која, меѓу другото, се вели: „Македонските Словени, според типот и јазикот, се почисто словенско племе отколку Бугарите и Србо-Хрватите и Словенците… македонските Словени не се Срби и не се Бугари, туку едноставно Македонци, а се сродни и на едните и на другите… Кои имаат уши да чујат – нека чујат, а Словените, движени од чувството, не на ситен шовинизам, туку на словенското братство и единство врз основа на почитувањето на индивидуалните особености на секоја одделна словенска нација, не можат а да не се придружат кон нашиот извик: Да живее независна и слободна Македонија!“
Димитрија Чуповски и Македонското научно-литературно другарство, во споредба со активностите на македонската интелигенција од Софија или Белград, имаат многу појасна и почиста македонска национална определба. Според проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје, оваа пројава се должи на местоположбата и оддалеченоста од бугарската или српската национална пропаганда.
– Македонците во Бугарија или во Србија биле принудени да сообразат со условите и околностите во соодветните држави. Македонските интелектуалци во Софија и во Белград морале да водат смета за притисоците што пристигнувале или можеле да пристигнат од властите што имале негативен став кон македонското национално и политичко прашање, како што е забраната на списанието „Лоза“ од бугарската влада. Исклучок е софискиот весникот „Автономна Македонија“, кој има многу почиста македонска национална уредувачка политика од другите печатени македонски медиуми во Бугарија, во екот на илинденскиот период, но Македонското научно-литературно другарство и „Македонски глас“ имаат предимство во промовирањето кристална македонска национална и политичка платформа – посочува Ванчо Ѓорѓиев.
Македонското научно -литературно другарство (МНЛД)
Македонското научно-литературно другарство (МНЛД) од Санкт Петербург во историската меморија на македонскиот народ останува вечно врежано како промотор на теорија што укажуваше на потребата од национално, јазично, политичко и културно единство на Македонците. Беше создадено на 28 октомври 1902 година од страна на Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Стефан Јакимов Дедов, д-р Гаврил Константинович и други. При основањето го носи патронатот на Св. Климент Охридски, а со Уставот од 1903 година на Св. Кирил и Методиј. На 12 ноември 1902 година, МНЛД испратило меморандум до руската влада во кој биле манифестирани македонските национални интереси. Според некои историчари и научници, споменатиот меморандум всушност е првата македонска национална програма во која се бара признавање на македонскиот народ како посебна нација и народ, со посебен јазик, црква и граници. Д.Ст.