„Идеолошки, Самуиловото Царство (во германското издание, Острогорски го користи терминот Македонско Царство) било поврзано за старото Бугарско Царство, затоа и самите негови творци (Самуил и неговите наследници б.н.) и Византија го нарекувале бугарско. Бидејќи традициите за царство и патријаршија, освен во Византија, постоеле уште само во Бугарија (се мисли само за Балканот б.н.). Самуил ги прифатил тие традиции и го презел наследството на Симеоновото и Петровото царство (Првото Бугарско Царство б.н.), кое паднало под ударите на Византијците. Всушност неговото царство (на Самуил б.н.) значајно се разликувало од Симеоновото и Петровото царство. И по составот и по карактерот тоа било ново царство. Неговиот центар се преместил спрема југозапад и Македонија го сочинувала неговото јадро. Ако главната цел на Самуил би била воспоставување на стaрото Бугарско Царство, тој секако би се свртел кон бугарските земји и на прво место би се стремел да ги ослободи. Меѓутоа интересот на Самуил кон старите бугарски земји бил впечатливо мал. Во текот на сите негови борби во областите источно од Сердика играле изненадувачки скромна улога, така што изворите скоро и не ги спомнуваат. Експанзијата на Самуиловото Царство била пред сè свртена кон југ“, Георги Острогорски
Повод – 1.010 години од смртта на цар Самуил
Македонија одбележува 1.010 години од смртта на средновековниот македонски владетел Самуил, кој на преминот од 10 кон 11 век создал пространо царство на територијата на Балканскиот Полуостров, територија што ги опфаќала денешните држави Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Босна, Црна Гора и Хрватска. Историчарите, за да направат јасна дистинкција помеѓу новата држава што ја создал Самуил и Првото Бугарско Царство, ја именуваат како Македонско Словенско Царство или Македонско Царство.
Самуил учествувал во бунтот на комитопулите во 969 година, кога била отфрлена бугарската врховна власт во западна и југозападна Македонија и биле поставени темелите на македонската средновековна држава, која по него е именувана Самуилово Царство, една од најголемите средновековни држави на Балканот. Во негово време македонската средновековна држава го достигнала врвот во својот развиток.
Учествувал во востанието на комитопулите против византиската власт во 976 година. Во почетокот владеел заедно со своите браќа Давид, Мојсеј и Арон, а по загинувањето на Давид и Мојсеј владеел заедно со брат му Арон, но по ликвидирањето на Арон, станал единствен владетел во државата во 986 година. Водел долга и исцрпувачка војна со византискиот цар Василиј Втори. Учествувал во сите позначајни битки и походи против Византија и далеку ги проширил границите на државата. Ги обединил под своја власт речиси сите македонски територии (освен Солун), освоил голем дел од Балканскиот Полуостров (Тесалија, Епир, Албанија, Далмација, Босна, Србија и поголем дел од Бугарија). Ги прифатил државноправните традиции на Првото Бугарско Царство и, според некои извори, се прогласил за цар, со круна што му ја испратил римскиот папа.
Починал во Преспа од срцев удар, потресен од морничавата глетка кога ги видел своите ослепени војници што му ги испратил Василиј. Бил оженет со византиската благородничка Агата од Драч, со која имал четири ќерки и синот Гаврил Радомир. Зачуван е неговиот натпис (992/3), во спомен на родителите и на братот Давид.
Околу прашањето за потеклото и карактерот на Самуиловото Царство во историската наука постојат голем број дискусии.
Тезата дека Самуил е владетел на Првото Бугарско Царство е отфрлена бидејќи Византија го уништува Првото Бугарско Царство во 971 година. Една од постарите хипотези е и Дриновљевата теорија за Западнобугарско Царство на Шишманови од 963 година, но оваа теорија одамна е отфрлена како неточна.
Постои друга гледна точка што се спротивставила на бугарските научници, а најјасно и најдетално била изложена од страна на Д. Анастасијевиќ, Хипотезата за Западното Бугарско Царство претставена во „Гласник на скопското научно друштво 3“ (1928). Според ова гледиште, никогаш во историјата не постоела поделба на Западно и Источнобугарско Царство, а византискиот цар Јован Цимискиј го освоил целото Бугарско Царство и дури потоа во 976 година со востанието на комитопулите против византиската власт и било создадено ново царство во Македонија.
За карактерот на Самуиловото Царство, Георги Острогорски, истакнат византолог, нагласува дека „Идеолошки, Самуиловото Царство (во германското издание, Острогорски го користи терминот Македонско Царство) било поврзано за старото Бугарско Царство, затоа и самите негови творци (Самуил и неговите наследници б.н.) и Византија го нарекувале бугарско. Бидејќи традициите за царство и патријаршија, освен во Византија, постоеле уште само во Бугарија (се мисли само за Балканот б.н.). Самуил ги прифатил тие традиции и го презел наследството на Симеоновото и Петровото царство (Првото Бугарско Царство б.н.), кое паднало под ударите на Византијците. Всушност неговото царство (на Самуил б.н.) значајно се разликувало од Симеоновото и Петровото царство. И по составот и по карактерот тоа било ново царство. Неговиот центар се преместил спрема југозапад и Македонија го сочинувала неговото јадро. Ако главната цел на Самуил би била воспоставување на стaрото Бугарско Царство, тој секако би се свртел кон бугарските земји и на прво место би се стремел да ги ослободи. Меѓутоа интересот на Самуил кон старите бугарски земји бил впечатливо мал. Во текот на сите негови борби во областите источно од Сердика играле изненадувачки скромна улога, така што изворите скоро и не ги спомнуваат. Експанзијата на Самуиловото Царство била пред сè свртена кон југ“. Д.Ст.
Теории за потеклото на Самуил
За потеклото на четворицата браќа комитопули, вклучувајќи го и Самуил, во историската наука сѐ уште се водат полемики. Засега се доминантни четири хипотези. Првата се сведува дека комитопулите потекнувале од словенски род, и тоа од племето Берзити. Втората дека се од бугарски род, a оваа теза се заснова врз сведоштвото на Јован Скилица, кој истакнува: Потоа пак, Бугарите, штом умре кралот, кренаа востание и за свои владетели избраа четворица, браќата Давид, Мојсеј, Арон и Самуил, синови на некој кнез, кој кај Бугарите бил многу моќен и затоа се наречени комитопули. Ова укажува на тоа дека сите дотогашни подготовки на комитопулите дале плод и дека Бугарите од стариот центар на Бугарија кренале востание против Византија и ги повикале своите владетели Самуил и неговите браќа. Tретата хипотеза дека се од персиски род т.е. од оние персиски колонисти што Византија ги населила во Македонија. Четврта претпоставка е дека тие се од ерменско потекло. Приврзаниците на последната хипотеза се потпираат на Стефан Таронски, наречен Асохикили Асолит. Тој истакнува дека Самуил и неговите браќа потекнуваат од ерменски род. Но бидејќи овие вести хронолошки се неточни прашањето за потеклото на комитопулите во науката останува отворено.
Општина Охрид одбележа 1.010 години од смртта на цар Самуил
Со пригодна свеченост што се одржа во големата сала на Општина Охрид беа одбележани 1.010 години од смртта на цар Самуил. Во рамките на настанот беше изведена драмата „Херувимите на Самуиловата круна“ од македонскиот драматург Зоран Пејковски во изведба на детското драмско студио „Цвет 75“ од Охрид, под менторство на Драгана Боцеска. Како дел од музичката програма, свој настап имаа учениците од ООУ „Ванчо Николески“ под менторство на Марија Крцоска и Маријана Крстаноска. Настанот го организираше Општина Охрид, како дел од годишната програма за одбележување празници и манифестации.