Брашнаров не случајно се нашол во ВМРО (обединета). Идеолошки, оваа организација е наследник на Македонската социјалистичка група (МСГ) и на ставовите на македонските великани како што се Гоце Делчев или Јане Сандански. ВМРО (обединета) се залага за „ослободување и обединување на Македонија во едно политичко цело, независна македонска република и нејзино федерирање со други слободни национални републики – за изградување балканска федерација“
Повод: 141 година од раѓањето на Панко Брашнаров, еден од најистакнатите македонски национални дејци, посветен на политичкото и националното ослободување на Македонија и македонскиот народ
На денешен ден (9 август) пред 141 година е роден Панко Брашнаров, истакнат македонски национален деец и револуционер што целиот свој живот го посвети на каузата за политичко и национално ослободување на Македонија и македонскиот народ. Брашнаров е меѓу оние македонски дејци од крајот на 19 век што ги прифатија левичарските идеи, на кои им остана верен до крајот на својот живот. Во македонската национална меморија останува запаметен како личност што бескомпромисно се залагаше за создавање македонска држава, во услови кога многумина немаа јасен став за македонското прашање. Затоа Брашнаров е член на првиот Централен комитет на ВМРО (обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Не случајно како делегат на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, одржува говор со емоции што предизвикуваат восхит и солзи кај присутните на заседанието и со тоа ја отвора работата на собранието.
Убеден приврзаник на идејата за независна македонска република
Брашнаров е роден во Велес во 1883 година. Во тој период Македонија се наоѓа во рамките на Османлиската Империја, а припадниците на македонскиот народ се соочуваат со недостиг од политичка слобода, но и од основни човекови права. Додека тој се школува во Скопје, македонското револуционерно движење пушта длабоки корења во Македонија. Во тој период револуционерното движење не е компактно и постојат неколку организации и групации, а меѓу нив највлијателна е Македонската револуционерна организација (МРО) со седиште во Солун. Во тоа време на територијата на Македонија дејствуваат и членовите на Македонската социјалистичка група (МСГ) на Васил Главинов. Брашнаров набрзо потпаѓа под влијание на македонските левичари и како ученик учествува во активностите на социјалистичкиот кружок при учителското училиште во Скопје. Во кружокот биле и Иван Елезанов, Андон Димов и Мирче Кипров. Македонската социјалистичка група тогаш имала свои разграноци во Велес, Скопје, Крушево и во Битола, а меѓу активните дејци на оваа групација биле Веле Марков, Никола Русински, Никола Карев и многу други.
Македонската социјалистичка група извршила силно идеолошко влијание врз младиот Брашнаров, како од општествен така и од политички аспект. Во тој период од сите организации и групации во македонското револуционерно движење, МСГ има најјасни ставови за македонското прашање. Имено, на 28 јуни 1895 година излегол првиот број на весникот „Револуција“, со подзаглавие Орган на македонските револуционери, и била објавена програма на групата околу Васил Главинов.
Во статијата „Нашата програма“ било нагласено дека за да „востане народот во Македонија, пред сѐ треба да биде подготвен и обучен. Условите налагале систематска пропаганда, неуморна дејност од страна на сите дејци што при срце го имаат ослободителниот идеал. Затоа излегол весникот „Револуција“, кој ќе биде орган на сите млади револуционери, а девизата ќе биде ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци. Во систематската борба ќе се пропагира идејата за создавање една независна македонска република. „Како интернационалисти, ние ќе ги присоединиме своите усилби со тие на српските, хрватските, грчките и другите револуционери и на тој начин ќе ги парализираме сите шовинистички агитации и ќе приготвиме почва за создавање на една слободна и независна држава“. Овие определби на Македонската социјалистичка група оставиле вечна трага во идеолошките убедувања на Брашнаров.
Бескомпромисно кон македонските национални и политички цели
Пред почетокот на Илинденското востание, разграноците на Македонската социјалистичка група во Македонија се слеваат во Македонската револуционерна организација, а нејзини членови стануваат истакнати раководители и војводи, како што е Веле Марков или Никола Карев. Во тој период Брашнаров учителствува во кумановските села, каде што ги шири првите револуционерни идеи. По востанието, членовите на МСГ се пасивизираат, но по засилувањето на борбите помеѓу припадниците на МРО и врховистите, членовите на МСГ како сојузници на МРО се враќаат во Македонија.
Во услови кога доаѓа до поделби во македонското движење, поради отворената соработка на некои дејци со бугарските политички кругови, левичарите се обединуваат околу Јане Сандански, а меѓу нив е и Брашнаров. По младотурскиот државен удар од 1908 година, заштитниците на македонската самобитност ја создаваат Народната федеративна партија, меѓу чии членови е и Брашнаров.
По Балканските војни и Првата светска војна, како и поделбата на османлиска Македонија од страна на Грција, Бугарија и Србија, Брашнаров се враќа во родниот крај. Одбива да работи како учител и работи како воденичар, градинар и крчмар. Како убеден левичар, станува член на Комунистичката партија на Југославија. Како таков учествува на повеќе конференции и конгреси на КПЈ во 20-тите години на 20 век. Во 1920 година е избран за делегат од велешката партиска организација на Вуковарскиот конгрес; во 1922 година учествува на Првата земска конференција на КПЈ во Виена; во 1924 година е делегат на Третата земска конференција на КПЈ во Белград; во 1926 година учествува на Третиот конгрес на КПЈ во Виена.
Во почетокот на 20-тите години на 20 век македонските дејци се обидуваат да создадат единствен фронт, а од тие активности произлегува и Мајскиот манифест во 1924 година, во кој јасно и прецизно се дефинирани национално-политичките интереси на македонскиот народ на Балканот и поврзување на македонското револуционерно движење со комунистичкото и другите движења. Брашнаров го поддржал новиот правец, меѓутоа по убиството на Тодор Александров и новите поделби во македонското движење, оваа платформа не заживеала. По поделбите, на основачкиот конгрес на ВМРО (обединета) во октомври 1925 година е избран за член на нејзиниот прв централен комитет.
Брашнаров не случајно се нашол во ВМРО (обединета). Идеолошки, оваа организација е наследник на Македонската социјалистичка група и на ставовите на македонски великани како што се Гоце Делчев или Јане Сандански. ВМРО (обединета) се залага за „ослободување и обединување на Македонија во едно политичко цело, независна македонска република, и нејзино федерирање со други слободни национални републики – за изградување балканска федерација“.
Меѓутоа, во август 1926 година е уапсен и во април 1927 година е осуден на двегодишна робија. Од затвор излегува во февруари 1928 година. Кон крајот на мај 1929 година, на пат за конгресот на ВМРО (обединета) во Берлин, уапсен е на југословенско-австриската граница. По настанатата голема провала на ВМРО (обединета) во Вардарска Македонија на 5 јули 1929 година, Брашнаров е спроведен назад во Велес. На судењето во јуни 1930 година тој е осуден на пет години робија и доживотно губење на граѓанските права. Затворен е во затворот во Сремска Митровица.
Остварување на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна и обединета Македонија
По окупацијата на Македонија од страна на царска Бугарија во текот на Втората светска војна, во мај 1944 година преминува на слободна територија и станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Како најстар делегат го отвора Првото заседание на АСНОМ. На него е избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ. На 6 август е избран за повереник за информации во Президиумот на АСНОМ.
Брашнаров во својот говор истакнал: „Во овој момент, во ова историско место Св. Отец Прохор Пчињски и на овој историски ден – Илинден, кога објавуваме да е отворено Првото антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнета со радост и пред премрежните очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава. Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите илинденци – на Гоце Делчев и денешните илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија“.
По ослободувањето на Македонија, на 26 ноември, во ослободеното Скопје, на Првата конференција на Народноослободителниот фронт на Македонија е избран за негов потпретседател. Реизбран е во Президиумот на АСНОМ на Второто заседание на АСНОМ во декември 1944 и на Третото заседание во април 1945 година. По објавувањето на Резолуцијата на Информбирото против раководството на КПЈ во јуни 1948 година, Брашнаров недвосмислено застанува на страната на СССР и Сталин во спорот. Брашнаров е уапсен на 11 декември 1950 година и на 29 јуни 1951 е осуден на „општествено полезна работа во траење од 24 месеци“. Во првите денови од јули е испратен во логорот на Голи Оток, каде што набрзо, на 13 јули, умира. Д.Ст.