Уште на осумнаесетгодишна возраст, во 1943 година, се вклучува во македонската Народноослободителна и антифашистичка борба, кога во Митрашинско Поле била формирана Осумнаесеттата македонска ударна бригада. Во 1944 година, поточно на 13 ноември, како припадник на македонската бригада, учествува во решавачките борби за ослободување на Скопје и преку Камени мост заедно со македонските борци влегува на плоштадот на ослободено Скопје
Повод: Сто години од раѓањето на Герасим Гриовски-Поштарот – борец во НОБ и за македонската слобода
Денеска се навршуваат 100 години од раѓањето и 44 години од смртта на Герасим Гриовски, познат и како Поштарот, човек со богата биографија, но и човек што заслужува голема благодарност за неговата пожртвуваност во македонската Народноослободителна борба во Втората светска војна, како и за неговите напори за изградба на македонската држава по ослободувањето. Роден е на 31 мај 1925 година во Будинарци, село во областа Малешевија, во околината на градот Берово, денес Општина Берово. Уште на осумнаесетгодишна возраст, во 1943 година, се вклучува во македонската Народноослободителна и антифашистичка борба, кога во Митрашинско Поле била формирана Осумнаесеттата македонска ударна бригада. Во 1944 година, поточно на 13 ноември, како припадник на македонската бригада, учествува во решавачките борби за ослободување на Скопје и преку Камени мост заедно со македонските борци влегува на плоштадот на ослободено Скопје.
По ослободувањето на Македонија и изградбата на современата македонска држава, се посветил на развојот на сопствениот крај и родното Будинарци. За разлика од многумина, Герасим негувал искрена љубов кон родното место и не заминал во Берово или во Скопје, напротив останал да гради подобар живот за соселаните. Како управител на единицата на ПТТ-мрежата во Будинарци – ООЗТ – Кочани и претседател на месната заедница бил насочен кон унапредување на животот на луѓето од тој крај. Во една пригода, во весникот „Нова Македонија“, чиј дописник бил многу години, изјавил: „Од ослободувањето до денес, постојано сум ангажиран. Од формирањето на Месната заедница сум нејзин претседател. Околу 20 години бев одборник, а сега сум делегат во собранието на Општина Берово и ги застапувам барањата на моите сограѓани. Делегат сум во многу општински организации и всушност, моето долгогодишно искуство го пренесувам на помладата генерација“.
Герасим Гриовски-Поштарот, за својата професионалност и општествените задолженија, добил признание од македонското општество, но и од своите сограѓани. Одликуван е со Медал на трудот со сребрен венец, во 1967 година, од претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито. Добива и други т.н. одликувања додека бил жив, но и по смртта, од неговите сограѓани од Будинарци. Во една покана за будинарчани, кои живеат во Скопје, во 2008 година, организаторите ќе напишат: „Под покровителство на најстариот и по иницијатива на многу Будинарчани, се свикува средба на која ќе се зборува за најмаркантната личност, Тасе Ризински, за учителот Пеновски Карчовски Јован и за најзаслужниот за селото, што оставил спомени кои и ден денес постојат, а не се нашла негова замена – Герасим Гриовски Поштарот“.
Еден од авторите на монографијата „Нашето Будинарци“, објавена во 2006 година, Григор Поповски (писател и новинар, роден во Будинарци и пријател на Герасим Гриовски), истакнува: „Сѐ што се постигна и што се направи во нашето Будинарци, за неговиот развој, а со тоа да заличи на привлечна населба, е врзано за името на Герасим Гриовски. Тој уште од рано пројавува организаторски способности. Му останува верен на селото, работеше за него и многу постигна. Тој беше предводник на секоја акција што требаше да се спроведе во селото. Умееше, на нему својствен начин, да ги собере и поведе и старите и младите, па со малку средства и многу ентузијазам да се гради. Со негова иницијатива се изгради Културниот дом на местото на најстарото училиште, здравната амбуланта, продавницата што е на местото на најстарото училиште. Неговите активности не запираат тука, па се канализира селскиот поток во селото, се засадија дрва од двете страни. Изграден е сопствен водовод од планинската рекичка Каменица, се направи одвод за отпадните води. Со негово залагање во 70-те години на минатиот век се асфалтираа неколку улици во селото. Работниците на ГП Гранит, кои го градеа мостот на р. Брегалница и патот Берово-Виница-Кочани, беа бесплатно сместени во селото, а за возврат бесплатно го завршија асфалтирањето низ селото“.
Во споменатата монографија за Будинарци, Григор Поповски исто така нагласува дека Гриовски неколку години работел во Народната одбрана во општината Берово, а потоа во ПТТ-Будинарци, како и дека многу години бил претседател на Месната заедница во Будинарци. Според Поповски, тој бил неколкупати избиран за одборник во Собранието на општина Берово, а за неговата активност бил одликува и со Медал за трудот.
– Со своите активности, можеби ќе постигнеше уште многу, но, за жал, почина прерано, на истиот датум кога е роден, 31 мај 1981 година – нагласува Поповски.
Д.Ст.
Гордост на новите поколенија
Герасим Гриовски-Поштарот никогаш не ги заборавил своите соборци од Втората светска војна, кои ги положија своите животи за слободата на македонскиот народ и македонската државност. Тој е иницијатор за поставување на спомен-бистите на загинатите борци од овој крај. За Герасим Гриовски-Поштарот има општо почитување од жителите на Будинарци, Берово и на Малешевијата, а значајни се и убавите спомени и гордоста што неговиот лик и дело ги предизвикуваат кај неговите семејни поколенија. Неговата правнука, Надја Димитрова, тогаш ученичка во четврто одделение при основното училиште „Димитар Миладинов“ во Скопје, на зададената тема „Мојот прадедо партизан“, ќе го напише следното: „Прадедо ми, со неговата бригада, гордо, смело и со песна маршираше преку Камениот мост во ослободено Скопје“.
