Човекот што го посвети сопствениот живот во одбрана на македонството!

  • „Македонците треба да бидат горди што во нивната земја се родила и цутела првата црковнословенска литературна традиција (или култура), која станала основа за сите други словенски литератури“, своевремено има кажано полскиот лингвист и македонист Збигњев Голомб. Овој негов познат цитат се однесува на огромното значење на македонскиот јазик во контекст на севкупната словенска писменост. Голомб често нагласувал дека македонскиот јазик е клучот за разбирање на старословенскиот јазик, бидејќи токму солунскиот говор на македонските Словени бил земен како основа за првиот писмен словенски јазик

Денес се навршуваат 32 години од смртта на полскиот лингвист и македонист Збигњев Голомб, за кого Виктор Фридман, неговиот студент и сегашен професор на Универзитетот во Чикаго, ќе каже: „Тој беше еден од најголемите светски експерти за македонскиот јазик“. Виктор Фридман денес исто така е македонист од Универзитетот во Чикаго со светско реноме.
Севкупните научни истражувања и научното дело на Голомб претставуваат не само исклучително значајна меѓународна афирмација на постоењето на македонската етничка, јазична и идентитетска засебност во Балканот и Европа туку и жестока негација на сите шовинистички напади врз македонскиот народ и врз неговиот јазик, идентитет и култура.

Улчар: Грците имаат паничен страв од Македонците

Потпирајќи се врз резултатите од истражувањата на Збигњев Голомб, професорката д-р Елка Јачева–Улчар од Институтот за македонски јазик открива зошто кај Грците постои паничен страв од Македонците. Таа го цитира Голомб, кој го открива одговорот за стравот на Грците и за проблемот со нивниот грчки идентитет.
„Модерните Грци биолошки се многу поблиску до Словените одошто до старите Грци. Денешните Грци се само хеленизирани Словени, кои се хеленизирале со примањето на христијанството!“, пишува Збигњев Голомб во своето дело „Јазикот на првите Словени во Грција, 7 и 8 век“ (The language of the first Slavs in Greece: VII-VIII centuries“), објавено од МАНУ во 1989 година. Значи, Грците денес негираат дека воопшто постојат Македонци со нивен јазик и идентитет, но, од друга страна овој полски и светски лингвист со аргументи своевремено им го негирал постоењето на нивниот грчки идентитет, означувајќи ги како „Словени што се погрчиле“!

Кој е Збигњев Голомб?

Збигњев Голомб (Нови Тарг, Полска, 19 март 1923 – Чикаго, 24 март 1994) е полски и американски лингвист, индоевропеист, балканист, славист македонист. Тој е член на МАНУ надвор од работниот состав од 1972 година. За македонскиот јазик, Голомб се заинтересирал уште за време на студиите, слушајќи ги предавањата на Мјечислав Малецки. Професорот Малецки во 30-тите години на минатиот век неколкупати направил дијалектни испитувања на територијата на етничка Македонија, во Солун (во селата Сухо, Висока, Боливец, Илинец, Негован и Ајватово) и во Костур. Резултатите од испитувањата ги објавувал во краковското списание „Словенски народи“, каде што ги објавил и двете книги, „Два македонски говора: Сухо и Висока во Солунско. 1. Текстови“ (1934 година) и „Речник. 2“ (1936 година). Малецки имал намера да напише целосна монографија за солунските дијалекти. Го спречила прераната смрт. Неговото дело било продолжено од Голомб, кој во 1958 година во Јагелонскиот универзитет ја одбранил докторската дисертација под истиот наслов. Целиот текст во превод на македонски јазик како „Два македонски говора – Сухо и Висока во Солунско“ е објавен во списанието „Македонски јазик“.
Во 1958 година, Голомб за првпат доаѓа на научно стажирање во Македонија. Од тоа време започнува неговото пријателство со негови колеги македонисти од Македонија, но и неговата приврзаност кон Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик до крајот на животот. Неговиот прв престој во Македонија во 1958 година значел и негов прв контакт со македонскиот јазик во живо на терен. Подоцна доаѓал уште трипати во Македонија на подолг период: во 1960, 1968 и во 1970 година. Се движел во многу делови на Македонија пеш, ширум и по должина. Вршел лингвистички и дијалектолошки истражувања во Македонија и учествувал на македонистички научни собири. Голомб им бил близок соработник на Блаже Конески и Божидар Видоески. Бил ментор на првата докторска дисертација од македонистиката во САД, одбранета од Виктор Фридман.

Придонесот на Голомб

Придонесот на Голомб за проучувањето на македонскиот јазик е непроценлив. Неговото истражување се засновува врз два аспекта: јужномакедонските дијалекти, во егејскиот дел на Македонија, и македонскиот литературен јазик. Научните достигнувања на Збигњев Голомб се изложени во стотина научни трудови, од кои 20 се објавени во македонските периодични научни списанија „Македонски јазик“ и „Прилози“ на Одделението за лингвистика и литературна наука на МАНУ. Има објавено монографија за ароманскиот дијалект во Крушево во 1984 година. Неговото последно научно дело е книгата со наслов „Потеклото на Словените: лингвистички поглед“, објавена во 1992 година.


Делото на Голомб е одговор на негаторските политики

Во оваа смисла делото на Голомб е најдобар одговор и на негаторските истапи изминативе денови на грчкиот пратеник Андреас Ворилас од партијата Ники, кој предизвика остри реакции по изјавите во грчкиот парламент со кои ги оспорува македонскиот идентитет и јазик.
Негирајќи го македонскиот идентитет, Ворилас упати барање до грчката влада за официјална реакција и против активностите на Македонците во Германија, тврдејќи дека тие „промовираат лажен македонски идентитет“. Едновремено, Ворилас побара забрана за користење на симболите, пред сè на сонцето од Кутлеш, од страна на македонската дијаспора, тврдејќи дека тоа е „ексклузивно грчко наследство“. Сите овие ставови на Јанис Ворилас се дел од ставовите на широкиот политички спектар на партии, политичари и државни функционери во Грција, кои речиси сите до еден ги оспоруваат македонскиот народ, неговиот идентитет, јазик и национални симболи.

Свето Тоевски