Во судењето што се одвивало во периодот помеѓу 8 и 21 јули 1936 година во Софија, против дејците на ВМРО (обединета), било подигнато обвинение врз основа на Законот за заштита на државата, односно дека се залагале за насилна промена на власта, но и промовирање дека Македонците не се дел од бугарскиот народ, туку одделна нација. Всушност ова судење е првиот судски процес во Бугарија поради искажување македонска национална свест. Впрочем, обвинетите во текот на судењето се декларирале како Македонци и ја претставиле ВМРО (обединета) како македонска национална и ослободителна организација
Забраната на ОМО „Илинден“ – Пирин не е првиот судски процес во Бугарија насочен против пројавувањето македонска национална свест
Забраната и судските процеси против организации што пројавуваат македонска национална свест не е новина во бугарското општество, а токму тоа го покажуваат историските документи и сведоштва. Совршен пример за ова е судскиот процес против членовите на ВМРО (обединета). Споменатото судење се одвивало во периодот помеѓу 8 и 21 јули 1936 година во Софија, а против дејците на ВМРО (обединета) било подигнато обвинение врз основа на Законот за заштита на државата, односно дека се залагале за насилна промена на власта, но и промовирање дека Македонците не се дел од бугарскиот народ, туку одделна нација. Всушност ова судење е првиот судски процес во Бугарија поради искажување македонска национална свест. Впрочем, обвинетите во текот на судењето се декларирале како Македонци и ја претставиле ВМРО (обединета) како македонска национална и ослободителна организација. Конкретно по потпишувањето на Мајскиот манифест и убиството на Тодор Александров во 1924 година, новоформираната ВМРО (обединета) ја прифатила идејата за автономија, независност и обединување на Македонија во рамките на балканска федерација и тие определби ги внела во своите статуси, но споменатата организација започнала и со отворено афирмирање на македонските национални особености.
Христо Калајџиев ги објаснува суштинските принципи на ВМРО (обединета)
Суштинските принципи на ВМРО (обединета) ги објаснува и Христо Калајџиев, еден од обвинетите во судскиот процес, во статијата објавена во „Македонска мисла“, списание на Македонскиот научен институт, во која вели: „Македонската нација е еден факт… Има луѓе кои упорно ритаат и ја одрекуваат. Тоа се великобугари, великосрби, великогрци и оние Македонци, кои се воспитани од нив, кои беа привлечени од нивната идеологија и станаа поголеми папи од папата, поголеми Турци и од Турците… За нив македонската нација е еден опасен, страшно непријатен призрак, кој што им ја нарушува душевната рамнотежа. Тоа се истите оние кога во Бугарија се проговори за неопходноста од македонското сознание… при изградбата на македонското дело, закрекаа хистерично и продолжително дека тоа е најголемата ерес… Тоа се истите оние кои што го развеа знамето за самостојна Македонија, а во решителниот момент ја предадоа во шепите на великобугаризам“.
На судскиот процесот му претходела провала на организацијата на ВМРО (обединета) во Горна Џумаја во март 1935 година. На 1 август истата година, членовите на организацијата поставувале знамиња на јавни објекти во Неврокопско, а потоа биле уапсени. Апсењата се прошириле на целата организација во Неврокопско, а на 15 август била извршена и провала на организацијата во Софија, додека бугарската полицијата запленила и материјал од печатницата „Симеон Кавракиров“.
Бугарската полиција во својот извештај, односно службено дело со број 190 од 1935 година, врз основа на Законот за заштита на државата на Царство Бугарија го објаснува карактерот на организацијата и обвинува 19 граѓани на Бугарија како наводни членови на организацијата, кои ги прекршиле членовите 282, 291 и 292 од законот. Бугарската полиција во извештајот тврди дека ВМРО (обединета) е една одделна група на тогаш нелегалната партија БКП, а како цели на организацијата се посочени промени во системот на државата и одделување делови од територијата на Царство Бугарија, односно одделување на Пиринска Македонија кон нова независна држава во централниот дел на Балканот. Во официјалниот полициски извештај исто така е посочено дека според идеологијата на ВМРО (обединета), Македонците не се Бугари туку се одделна и самостојна нација.
Обвинетите го бранеле македонскиот народноослободителен карактер на ВМРО (обединета)
Вкупно биле обвинети 19 лица, а на четири им се судело во отсуство, односно на Димитар Влахов, Методија Шаторов-Шарло, Васил Ивановски и Владимир Поп Томов. Од оние 15 што биле во судницата само еден бил роден во Бугарија, девет се изјасниле како Македонци, а пет како Бугари. Од тие што се изјасниле како Бугари, еден бил поранешен член на ВМРО (обединета) и бил ослободен, а тројца одрекувале учество во организацијата, додека петтиот бил ослободен. Меѓу обвинети биле и Асен Чаракчиев, Христо Калајџиев, Александар Мартулков, Мара Димитрова Петрова, Јордан Анастасов и др.
Судењето официјално започнало на 8 јули 1936 година и се одвивало во судница во Судската палата во Софија, Царство Бугарија. Обвинетите ангажирале неколку адвокати, а еден од нив бил и Никола Манолев. Сите обвинети се декларирале како невини, го бранеле македонскиот народноослободителен карактер на ВМРО (обединета) и врските со Бугарската комунистичка партија (БКП) ги прикажале како тактички. Во текот на судењето, обвинетиот Асен Чаракчиев ја претставил идеологијата на ВМРО (обединета) и јавно го искажал ставот за неопходноста за одвојување на Пиринска Македонија од Бугарија и за постоењето на македонската нација.
Сведоци на одбраната биле познати македонски емигранти, приврзаници на убиениот Александар Протогеров, како што е Петар Шанданов, и поранешни членови на ВМРО (обединета) меѓу кои биле и Ѓорѓи Занков, Павел Шатев, Димитар Сматракалев, Наум Терзијанов. Сведоците ги поддржале исказите на обвинетите и ги отфрлиле обвиненијата против нив, а Петар Шанданов се обидел да ја намали тежината на обвиненијата и говорел за македонското прашање.
Врз основа на истрагата и доказите, бугарскиот суд ја окарактеризирал ВМРО (обединета) како организација што има цел преку насилни методи да го промени државното уредување и да му наштети на територијалниот интегритет на Бугарија. На 21 јули Димитар Влахов и Владимир Поп Томов биле осудени во отсуство на 12 и пол години затвор, а другите на пет години затвор и парична казна од 50.000 лева.
ВМРО (обединета) се стремела за масовно народно движење за слободна и независна Македонија
ВМРО (обединета) е македонска револуционерна организација што се стремела да прерасне во масовно народно движење за извојување слободна и независна Македонија во рамките на нејзините географски и економски граници и нејзино конституирање во самостојна политичка единица, што ќе влезе како рамноправен член на идната балканска федерација. Нејзини најистакнати дејци биле: Панко Брашнаров, Димитар Влахов, Симеон Кавракиров, Владимир Поп Томов, Андреја Чипов, Методија Шаторов-Шарло и др. При основањето бил избран Централен комитет со седиште во Виена, а нејзин орган е весникот „Македонско дело“. За трите дела на Македонија биле создадени одделни комитети на чело со секретар, подоцна седиштето на ЦК на ВМРО (об) било пренесено во Берлин. Настанала голема провала во Велес, Куманово, Скопје и Штип (1928-1929), при што биле уапсени 113 нејзини членови, меѓу кои и членот на ЦК, Панко Брашнаров, а по испраќањето на робија на дел од осудените, наредната година престанала дејноста на организацијата во вардарскиот дел на Македонија. Во пиринскиот дел, нејзината активност постепено замира по провалата во 1935 година и судскиот процес од 1936 година. Д.Ст.