Фото: Маја Јаневска-Илиева

Градоначалниците на скопските општини одржаа координативен состанок, од кој произлезе предлог до премиерот Мицкоски и до министерот за животна средина Меџити за административна трансформација околу надлежностите на јавните претпријатија. Тие бараат од Владата да му ги одземе на Град Скопје јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, да назначи владин повереник што ќе управува со нив и да почне трансформација со која општините ќе си ги поделат надлежностите. Нашите соговорници велат дека ова е радикално решение, но додаваат дека „кое било решение што го решава проблемот, што е во рамките на законите и подзаконските акти и, најважно, што е во функција на граѓаните е – добро решение“!

Секое решение во интерес на граѓаните и за подобрување на состојбата во Скопје – да се земе предвид!

Ескалацијата на „градските состојби“ во главниот град на Македонија, со неможноста поради политичко-административни причини да се спроведуваат основните функционални надлежности на градската управа, уште посилно и појасно ја стави во прв план во јавноста потребата од стручни, професионални и одговорни кадри што ќе се грижат за градот и потребите на граѓаните. Кризата во релациите на локалната самоуправа, но и онаа на градската со централната власт, само повеќе ја нагласи запоставеноста на одговорно институционално дејствување, но запоставеноста на општественото дејствување, односно подигнување на свеста и одговорноста на граѓаните за заедничкото урбано живеење. Целиот заплет околу законските ингеренции за менаџирање со градот и неможноста за отповикување на градоначалникот, дури и ако не ги извршува своите надлежности, укажува на потребата од реформи на законски план во оваа област на локалната самоуправа, што ќе овозможи контролен механизам во работењето на избраните функционери.
Преполните контејнери, „засилени“ со дополнителен отпад околу нив, автобуси со неизвесен возен ред во кои климатизацијата е случајна придобивка, зараснати јавни зелени површини… се доволно искуства за граѓаните на еден град (а уште повеќе за гостите и туристите), за негативна перцепција за функционалноста на локалните институции што (треба да) управуваат со соодветните појави. И обично не станува збор само за перцепција, туку за реално отежнато урбано живеење на граѓаните, опасност од зарази (особено при високи температури како летово), па и незадоволителен квалитет на услугите на Градот, за кои граѓаните плаќаат преку градските (општинските) даноци и јавните претпријатија. Со сите овие искушенија и предизвици на урбаното живеење, речиси две години се соочуваат скопјани, без нивна вина, а поради политички несогласувања на актуелната градоначалничка на Скопје со речиси сите други политички субјекти и институции во државата. Нефункционалноста на јавните претпријатија во надлежност на Град Скопје се одразува и на функционалноста на општините, во голема мера поради испреплетеност, но и ограниченост на ингеренциите.

Градоначалниците на скопските општини бараат ингеренции врз јавните градски претпријатија

За потсетување, на почетокот на оваа седмица, градоначалниците на скопските општини одржаа координативен состанок, по кој најавија дека уште истиот ден ќе испратат предлог до премиерот Христијан Мицкоски и до министерот за животна средина Изет Меџити за административна трансформација околу надлежностите на јавните претпријатија. Така и се случи. Тие бараат од Владата да му ги одземе на Град Скопје јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, да назначи владин повереник што ќе управува со нив и да почне трансформација со која општините ќе си ги поделат надлежностите. Очекуваат нивното барање да се најде на следната владина седница. Во предлогот на градоначалниците до Владата се препорачува откако ќе се расформираат претпријатијата, вработените и механизацијата да бидат поделени по општините, според бројот на жители, а по истата формула да се делат и парите од сметките, кои сега ги собира Градот. На состанокот беше наведено од повеќе градоначалници дека на овој чекор т.е. барање до Владата се принудени поради недостиг од секаква комуникација со актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.

Како до формалноправно решение што би обезбедило враќање на функционалноста на градот?

Според упатените во законските и административните процедури, одземањето на ингеренциите над јавните претпријатија од Град Скопје, т.е. од одлуките на градоначалничката Арсовска, е легално, но и заобиколно (индиректно) решение за нефункционалноста на градот (поради неможноста за одземање на градоначалничкиот мандат и покрај многубројните поплаки и докази за лошо менаџирање со обврските). Според дел од експертите, влегувањето во ингеренциите на Градот ќе значи влегување во суштински и системски промени. Дополнително законот различно ги толкува нејзината работа и мандатот. Универзитетскиот професор по административно право и јавна администрација Борче Давитковски ја изнесе својата процена – дека централната власт законски може да ѝ ги одземе ингеренциите на градоначалничката врз јавните претпријатија, но сепак нема законски услови за одземање на мандатот.
Иако Законот за локална самоуправа до 1996 година нудел можност за отповикување градоначалник, со измените што се направени во 2002 година, таквата одредба е отстранета. Според актуелно важечкиот закон – градоначалникот може да биде сменет само ако е фатен во вршење кривично дело или ако настапи смрт.
Според членот 24 од Законот за локална самоуправа, во кој се пропишуваат условите за престанок на мандатот на градоначалникот се наведува дека – мандатот на градоначалникот престанува по сила на закон доколку самиот поднесе оставка. Негово отповикување од функцијата не е можно. Мандатот на градоначалникот може да престане и во случај на смрт, ако со правосилна пресуда е осуден за кривично дело на казна затвор во траење над шест месеци, ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност, ако настапи случај на неспоивост за вршење на функцијата во согласност со Законот за локални избори, во случај на неоправдано отсуство подолго од шест месеци и ако престане да биде жител на општината.
Мандатот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, е добиен на локалните избори во 2021 година, а трае до октомври 2025 година.

Но како до содржинско и суштинско менување на нештата што би обезбедиле функционален град за жителите на Скопје

Видливите последици од ескалацијата на „градските состојби“ во главниот град на Македонија, во вид на преполни контејнери, расфрлан смет и јавни вербални престрелки меѓу надлежните функционери (градоначалничката на градот, градоначалниците на општините, директорите на јавните претпријатија кои фреквентно се менувани), уште посилно и појасно ја стави во прв план во јавноста потребата од стручни, професионални и одговорни кадри што ќе се грижат за градот и потребите на граѓаните. Кризата во релациите на локалната самоуправа, но и онаа на градската со централната власт, само повеќе ја нагласи запоставеноста на општественото дејствување, односно подигнување на свеста и одговорноста на граѓаните за заедничкото урбано живеење. Целиот заплет околу законските ингеренции за менаџирање со градот и неможноста за отповикување на градоначалникот, дури и ако не ги извршува своите надлежности, укажува на потребата од реформи на законски план во оваа област на локалната самоуправа, што ќе овозможи контролен механизам во работењето на избраните и именуваните функционери.
Но за прашањето како до функционален град, добивме многу попрецизни одговори од анкетата со граѓаните, но и од анкета со луѓе вработени во специјализираните комунални служби.
Издвојуваме две интересни изјави. Првата е од граѓанин што имал можност да живее во европски град, со високоразвиена свест на граѓаните за одржување на урбаната култура на базично ниво на хигиена.
– Во Виена постои традиционална акција на граѓаните за чистење на градот. На почетокот на пролета таа кампања е најмасовна. Имено, секоја пролет, Виенскиот оддел за управување со отпад, чистење патишта и возен парк организира акција за чистење на градските области во која учествуваат сите граѓани, без разлика на возраста. На пример, акцијата годинава беше подолготрајна и заврши во мај, а редовно пријавени учествуваа повеќе од 14.000 граѓани, кои зад себе врзуваа и секој по четворица новодонесени. Да истакнам дека заедно со граѓаните, во чистењето учествуваат и училишта, градинки и разни здруженија. Секако дека на сите волонтери им се обезбедуваат рефлектирачки елеци, работни ракавици и специјално обележани ќесиња за ѓубре, кои вработените во одделението ги земаат кога ќе се наполнат. Но, секако, сакам да истакнам дека доколку граѓаните не водат сметка за својот град или населено место, институциите попусто би работеле деноноќно и повторно би немало ефект. Само заеднички приод, општоопштествен, го решава проблемот – вели жител на Скопје, кој живеел и работел во Виена, Австрија.
Втората изјава е од вработен во комунална служба што е директно соочен со одржување на хигиената во градот.
– Понекогаш и самите се чувствуваме како херои затоа што работиме многу важна работа за заедницата, бидејќи чистотата е половина од здравјето. Некогаш сум доживеал презир и непочитување од граѓаните, но од повеќето граѓани, имам само почит – вели Сами од Злокуќани, кој ги повикува граѓаните да се однесуваат совесно кон околината бидејќи, како што истакнува, „сите сме тука да го направиме градот поубав“.
Последниот цитат од Сами, всушност е пораката до сите граѓани на Скопје засегнати со веќе хроничниот проблем: „Функционален град“.


Можно ли е преземање на надлежноста врз ЈСП од Министерството за транспорт и врски

Како една од опциите за оперативно решавање на долготрајните проблеми со градскиот превоз во Скопје, во јавната дебата што се интензивираше деновите, се споменува и можноста за преземање на надлежноста врз Јавното сообраќајно претпријатија (ЈСП) од Град Скопје од страна на Министерството за транспорт и врски. Министерот за транспорт и врски Александар Николовски, разгледувајќи ја можноста за евентуално одземање на овластувањата на градоначалничката на Скопје во врска со ЈСП, истакнува дека оваа одлука е во надлежност на Владата. Тој сепак е воздржан од дефинитивен одговор, наведувајќи дека состојбата во ЈСП не е целосно позната. Тој напоменува дека се неопходни разговори за можните модели на работење и изрази подготвеност да ги поддржи сите иницијативи на скопските градоначалници за подобрување на состојбата.
– Во однос на одземањето на овластувањата, тоа е во надлежност на Владата и треба да разговараме за потенцијалните модели на работење. Во моментов не можам да одговорам со да или не, не ја знаеме детално состојбата во претпријатието, знаеме колку и вие граѓаните, но доколку има иницијатива од скопските градоначалници ќе ги поддржам и ќе разговараме и ќе видиме што може да направи Министерството за транспорт – изјави во едно медиумско гостување министерот Александар Николовски.


Иницијативи за враќање на законската можност за одземање на мандатот на градоначалникот

Лидерката на Глас за Македонија, актуелна национална координаторка за високо образование и поранешна пратеничката, Солза Грчева, на социјалните мрежи ја поддржа иницијативата за одземање на мандатот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, но и за враќање на законската можност за одземање на градоначалничкиот мандат, како што било во законот до 1996 година.
– Ќе ги одземале ингеренциите на градоначалничката Данела врз „Комунална хигиена“ и врз „Паркови и зеленило“. Со право, бидејќи Скопје е едно големо смрдливо буниште. Но јас сум за тоа да се врати законот од пред 1996 каде што постоеше одземање мандат на градоначалник. И тоа да важи за секој функционер. Често пати избираш „мачка во вреќа“, која потоа нема намера или не знае да работи, а пред тоа се презентирал/а успешно. ОТПОВИКЛИВОСТ на функционери, а не молење самиот/самата да даде оставка. Законски, се разбира, под јасни критериуми. Ова е и дел од нашата програма – напиша професорката Грчева на социјалните мрежи.