Иран му одржува лекции на Вашингтон за војување и отпор?!
- По нешто повеќе од три недели конфликт, се наѕира една неочекувана динамика. Наместо брза доминација со планираниот „блицкриг“ и обезглавување на врвното воено, политичко и духовно раководство на иранската теократија, САД се соочуваат со противник што се обидува да ја редефинира логиката на модерната војна. И донекаде успева во тоа. Многу врвни воени аналитичари погрешија во своите процени за брзо завршување на војната во корист на САД. Какви се индикаторите за натаму во воениот судир?
Воените планери во Вашингтон со децении се потпираат на доктрина што комбинира технолошка надмоќ, воздушни удари и брза дестабилизација на противничките режими. Овој модел беше применет во Ирак, во Авганистан и во Либија, иако со различни резултати, но секогаш со почетна претпоставка дека шокот и стравот ќе доведат до политички колапс.
Илузијата дека брз удар носи „брза победа“
Во случајот со Иран, таа претпоставка се покажа како погрешна.
Наместо распад, нападите, особено оние со цивилни жртви, создадоа обратен ефект, а тоа е очигледно во форма на „консолидирање на внатрешната поддршка за режимот на Иран“.
– Историски гледано, надворешната закана често ја зајакнува политичката кохезија, а Иран не е исклучок. Нападите не ја разнишаа власта во Техеран, туку ја направија поотпорна – вели наш соговорник, поранешен генерал во АРМ.
„Иранскиот модел“ е стратегија на трпение
Она што сè повеќе аналитичари го нарекуваат „ирански модел на војување“ се базира на неколку клучни принципи, како што истакнува нашиот соговорник.
– Од она што можам да го издвојам како впечаток од војувањето на Техеран, за читателите на „Нова Македонија“ тоа се неколку елементи. Прво, тоа е „асиметричен одговор“, поточно избегнување на Иран да влезе во директен судир со посилниот противник. Второ и многу битно е т.н. „стратешко трпение“ со педантно избирање на моментот и местото за удар, каде што ќе има американски жртви како жива сила. Трето, карактеристичен елемент на интегралното војување на Иран е т.н. „регионална проекција на моќ“, што значи дејствување преку мрежа на сојузници и прокси-структури. Четврто, но не најмалку важно, е војна со т.н. „економски притисок“ и целење кон енергетските текови, патишта, особено Ормускиот Теснец, а со тоа и стравотното влијание врз глобалните пазари. Иран не се обидува да победи во класична смисла на зборот, со уништување на противникот. Наместо тоа, целта е да се направи цената на војната неподнослива за противникот. Тоа е фундаментална разлика во пристапот – вели нашиот експерт, генерал во пензија и активен аналитичар.
Тој додава дека „американската воена традиција често ги нагласува силата, брзината и доминацијата“.
– Но во овој конфликт Иран игра поинаква игра. Техеран ја насочува „играта“ кон долгорочна, исцрпувачка и психолошка. Притисокот врз американските позиции во Персискиот Залив, заканите за енергетските коридори и внимателно одбраните одмазднички удари создаваат постојано чувство на несигурност. Наместо фронтален судир, Иран создава повеќе точки на притисок. Ова се престорува во војна на нерви – вели тој.
Според анализата на нашиот соговорник, една од најголемите грешки на Вашингтон е потценувањето на политичката култура на отпор во Иран. Историјата на оваа земја се движи во дијапазон од странски интервенции до санкции, а токму тоа создаде силен наратив на самостојност и отпор. И тоа се градеше во Иран со години.
– Кога напаѓа надворешна сила, дури и критичарите на режимот често застануваат зад државата. Така, секоја бомба што паѓа врз цивилна инфраструктура не е само воен чин туку и политички подарок за режимот на Техеран – интересно констатира експертот.
Ограничувањата на американската стратегија
Ако стратегијата на САД се сведе на масовни удари и очекување брз политички распад, тогаш сегашниот развој на настаните укажува на сериозен јаз меѓу очекувањата и реалноста.
– Клучниот проблем е што Иран не реагира предвидливо за Вашингтон, не игра според западните воени доктрини и ја користи секоја грешка на противникот како средство за зајакнување. Во такви услови, технолошката супериорност не гарантира стратегиска победа. Затоа, најважното прашање можеби не е кој ќе победи, туку како се дефинира победата – констатира нашиот соговорник.
Според него, Иран секако ќе бара начини овој конфликт, кога и да заврши, да го означи како своја победа.
– За Иран, победа може да значи преживување на режимот, задржување на регионалното влијание, наметнување висока цена за последиците по противникот (економски, свртување низа субјекти во светот против САД, жртви како што се американски војници и создавање внатрешно незадоволство во САД, стекнување на Иран со нови сојузници и воспоставување подлабоки релации со Кина и Русија и воопшто со БРИКС).
За САД, победата традиционално подразбира јасен и брз исход. Но во ваков тип на конфликт, таквиот исход станува сè понедостижен. Конфликтот покажува дека во модерното војување, силата сама по себе не е доволна. Флексибилноста, трпението и разбирањето на противникот стануваат еднакво важни.
Техеран, барем засега, демонстрира способност да води токму таква војна.
Прашањето што останува е дали Вашингтон е подготвен да учи или ќе продолжи да се потпира на модели што веќе покажуваат свои ограничувања – заклучува нашиот соговорник. Е.Р.































