Комунистичката партија на Југославија формално одлучи да започне оружено востание на 4 јули 1941 година, датум подоцна назначен за Ден на борецот во чест на почетокот на антифашистичкиот отпор предводен од партизаните против фашистичките окупатори. Во 1956 година, Денот на борецот беше официјално прогласен за федерален празник во Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Се славеше секоја година на 4 јули како државен неработен ден за да се одбележи востанието што го означи почетокот на народното востание против фашизмот. Денес, како нација и општество треба да се обединиме околу антифашистичкото минато бидејќи тука се наоѓаат темелите на македонската држава, но и да ги осудиме сите пројави на фашизам, кои се спротивни на македонската политичка и општествена сушност, а повторното потсетување на 4 јули како Ден на антифашистичкото востание е во тој правец
Далибор Станковиќ
Денес некој се обидува да ја оживее фашистичката идеологија преку обиди за релативизирање на историските настани и личности, како што беше обидот за оживување на Ванчо Михајлов во Македонија како значајна личност од нашето минато. Затоа Македонија како нација и општество мора да се обедини околу сопственото антифашистичко минато бидејќи тука се наоѓаат темелите на македонската држава, но и да ги осуди сите пројави на фашизам, кои се спротивни на македонската политичка и општествена сушност. Оттука сите настани и пројави на антифашизам се значајни, во овој контекст е и 4 јули, како Ден на борецот, познат и како Празник на востанието на народите на Југославија. Да се потсетиме!
Зошто 4 јули!
На овој ден се одбележува годишнината од седницата на Политбирото на Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија, одржана на 4 јули 1941 година во Белград, на која била донесена одлука за започнување оружено востание на народите на Југославија, вклучително и на македонскиот народ, против фашизмот. Средбата се одржала во куќата на Владислав Рибникар, која по војната била претворена во музеј „4 Јули“.
Како национален празник беше воспоставен на 26 јуни 1956 година со одлука на Сојузното народно собрание и се славел секоја година низ цела Југославија. Одлуката за национален празник била донесена по повод петнаесетгодишнината од востанието против фашизмот, а по повод првиот Ден на борците, претседателот на Федеративна Народна Република Југославија, Јосип Броз Тито, го додели Орденот за народен херој на Сојузот на борците од НОБ на 3 јули 1956 година.
Во 1960 година, централната прослава на Денот на борците се одржа на 3 јули во Сремска Митровица, а по тој повод Александар Ранковиќ, претседател на Здружението на борците на НОР, свечено ги отвори спомен-гробиштата. Дваесетгодишнината од востанието од 1961 година беше прославена на 3 и 4 јули 1961 година во Титово Ужице, каде што на Партизанскиот плоштад беше откриен споменик на Јосип Броз Тито. По распадот на СФРЈ, тој стана национален празник на Сојузна Република Југославија, но подоцна се славеше само во Република Србија, каде што беше укинат во 2001 година со одлука на Владата на Република Србија.
Денес, Денот на борецот во земјите наследнички на Југославија е заборавен, со исклучок на академската средина и неколку невладини организации, а во Македонија за младата популација овој ден претежно е непознат. Меѓутоа од историски аспект, не смее да се заборави дека Денот на борецот е неразделно поврзан со народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ.
Четврти јули е во симбиоза со АСНОМ
Додека сојузниците и советската армија во екот на Втората светска војна војуваа со нацистичка Германија и фашистичка Италија, македонскиот народ кристално јасно ја одбра борбата против фашизмот. Еден месец по окупацијата на Македонија од страна на германската, италијанската и бугарската армија, Методија Шаторов–Шарло во својство на секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија испраќа проглас во кој се вели: „Како резултат на војната и наша Македонија е окупирана… да се обединат сите Македонци и други народности во Македонија за општо своје право за слобода и равноправност, но не цепене на македонската земја и македонскио народ“.
Антифашистичките определби на македонскиот народ водеа кон одржувањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година во манастирот „Св. Прохор Пчински“. Антифашистичките определби на македонскиот народ се очигледни од Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), врховно законодавно и извршно тело на Демократска Федерална Македонија, како и од говорот на Панко Брашнаров, кој меѓу другото истакнал: „Животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаа против денешниот непријател на целото човештво – фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таа борба“.
Не случајно од антифашистичката борба произлегоа и одлуките на АСНОМ за државно и национално обособување на македонскиот народ. Впрочем одлуката од 2 август 1944 година за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава ќе беше невозможен без победата над фашизмот. Ова е особено значајно ако се земат предвид нечовечните политики на царска Бугарија и Кралството Албанија кон македонскиот народ, како што се обидите за асимилирање на Македонците преку образовниот систем или наредбата за зборување само на албански јазик, со цел македонското населението постепено да се албанизира.
Затоа, да се потсетиме во оваа пригода на зборовите на генералот Михајло Апостолски, кој има речено дека „народно-ослободителната борба беше условена од длабоките национални и хумани чувства и интереси и од силниот стремеж за слободен живот на Македонскиот народ па според тоа претставува природно продолжување на долготрајната борба за национално ослободување“. Особено денеска силно прозвучуваат зборовите на генерал Апостолски: „Се боревме со тие што тврдат дека сме Бугари. Секоја чука на Плачковица е забележана со борби и тоа баш против Бугарите, против тие што денеска тврдат дека сме Бугари. А кој може сам против себе да се бори?“.
Во „Апелот до Македонците во Бугарија“ (кој беше потпишан од неколку истакнати македонски дејци, како што се Павел Шатев или Михаил Герџиков) се вели дека „во 1941 година во Македонија никна, како решавачка сила, Македонската народноослободителна војска, која славно ги продолжи традиционалните и историските борби на македонскиот народ против завојувачката политика на Балканот и во тесен сојуз со движењето на маршал Тито за да ги гради слободата на Македонија и нејзиното федеративно здружување со сите демократски сили на Балканот. Во тие услови во нашата татковина се создаде АСНОМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија), како институција од највисока револуционерна и политичка вредност, прокламирајќи го основниот закон на Македонија, имено: целосно самоопределување на македонскиот народ“.
Зошто не смееме да го забораваме 4 јули како Ден на борецот
Формалноправно со одлуката на Политбирото на Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија започна и антифашистичкото востание на македонскиот народ против царска Бугарија и Кралството Албанија, сателити на нацистичка Германија и фашистичка Италија. Всушност од одлуката на 4 јули за народно востание произлегува и Денот на востанието на Македонија или Ден на народното востание на македонскиот народ познат и само како 11 Октомври – државен празник што се празнува во Македонија. Ова востание е во суштина вооружена борба против фашизмот, но и важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Со својата оружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна.
Денес, Македонија како нација, држава и општество не смее да го заборави своето антифашистичко минато. Не смееме да си дозволиме скрнавење на сопствената историја, како што беше примерот со споменикот на граничниот премин кон Бугарија кај Ново Село, кога од натписот: „Вишнејќи се горостасно борејќи се со бугарскиот окупатор во февруарскиот поход и пролетната офанзива партизанските слободољупци гинеа и тие да живеат и бидат врежани во слободната иднина со крвави лузни носени по оваа македонска врвица каде и последниот наш цар отстојувањето го издигнал со очите на своите воини“ беше отстранет зборот фашистички.
Во еден подолг период, македонското општество е сведок на одредено оживување на фашистичките пројави, како што беше именувањето на т.н. културен центар во Битола според Ванчо Михајлов или преименувањето на неколку улици, како што беше именувањето на улица според Суљо Отља, воен командант на Бали комбетар и борец против македонското антифашистичко движење. За овие пројави неколкумина истакнати интелектуалци и универзитетски професори предупредија и укажаа дека овие пројави се во спротивност со антифашистичките основи на македонската држава.
– Иван Михајлов не е контроверзна личност, не постои никаква контроверзност дека бил во НДХ. Дека соработувал со нив. Не е контроверзно дека соработувал со Мусолини, во Италија и умира. Дали можеме ние да именуваме клуб според Адолф Хитлер, на што ќе личи тоа? Или во Хрватска да именуваме клуб според Анте Павелиќ? Може да се забрани некој клуб што е именуван според некој фашист. Не е проблемот што е Бугарин или бугарски фашист, туку дека е фашист – нагласи во една пригода Љубомир Цуцуловски.
Денес, како нација и општество треба да се обединиме околу антифашистичкото минато бидејќи тука се наоѓаат темелите на македонската држава, но и да ги осудиме сите пројави на фашизам, кои се спротивни од македонската политичка и општествена сушност, а повторното потсетување на 4 јули како Ден на антифашистичкото востание е во тој правец.