Фото: Влада

Според агендата, на Македонија треба да ѝ припаднат 750,4 милиони евра за периодот 2024-2027. Реформската агенда за посочениот период треба да биде усвоена од Европската комисија, со што ќе се отвори можност за потпишување договор за механизмот за реформи и раст и договор за заем

Претставена владината нацрт-реформска агенда 2024-2027 што нуди пристап до бенефитите на ЕУ

Планот инициран од Европската комисија има цел да ги намали економските диспаритети на државата и Европската Унија, нудејќи им на граѓаните пристап до придобивките од Унијата уште пред официјалното членство, истакна премиерот Христијан Мицкоски при претставувањето на нацрт-реформската агенда за периодот од 2024 до 2027 година на заедничката прес-конференција со министерот за европски прашања Орхан Муртезани во Владата.
– Владата е целосно посветена за реализација на нашата стратегиска цел за целосна интеграција во ЕУ. Во овој процес не само што ја гледаме иднината на нашата држава како полноправна членка на ЕУ туку и како модерна економски стабилна и просперитетна држава, која ги исполнува највисоките европски стандарди. Нашата визија за модерна и „Македонија повторно твоја“ е заснована на принципите на инклузивност, владеење на правото и економски развој што ќе ни овозможи да бидеме рамноправен партнер во европското семејство. Ви ја претставуваме нацрт-реформската агенда за периодот 2024 – 2027, која е резултат на нашите посветени напори да ги унапредиме економскиот раст и стабилност на нашата земја во рамките на Планот за раст за земјите од Западен Балкан – рече Мицкоски.
Планот се темели на четири основни столбови – зајакнување на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ, продлабочување на економската интеграција преку зголемена соработка со соседите во рамките на заедничкиот регионален пазар, забрзување на фундаменталните реформи и зголемување на финансиската помош за реформите со финансиски пакет од шест милијарди евра, од кои две милијарди се грантови.
Според формулата, на Македонија треба да ѝ припаднат 750,4 милиони евра за периодот 2024-2027. Реформската агенда за посочениот период треба да биде усвоена од ЕК, со што ќе се отвори можност за потпишување договор за механизмот за реформи и раст и договор за заем. Овие средства, како што посочи Муртезани, ќе бидат условени со реализација на конкретни квалитативни и квантитативни чекори поврзани со мерките за планираните реформи. Или, со други зборови, 250 милиони евра ќе се добијат како грант или неповратни средства за инвестициски проекти, додека 500 милиони евра ќе се обезбедат преку заем со исклучително поволни услови (почеток на отплата од 2034 година, со до 40 години рок за отплата и поволна каматна стапка), од кои 250 милиони евра за реализација на реформите (буџетска поддршка) и преостанатите 250 милиони ќе бидат алоцирани за инвестициски проекти. По ратификацијата на договорите повторно ќе биде поднесено барање за повлекување на првата транша во висина од седум отсто од алокацијата на средствата, односно околу 52,5 милиони евра.
Реформската агенда ќе опфати приоритетни области, вклучувајќи реформи на јавната администрација, енергетската транзиција, сајбер-безбедноста, дигитализацијата, развојот на човечкиот капитал и подобрувањето на деловното опкружување, кои се клучни за подобрување на стандардот на граѓаните и обезбедување долгорочна стабилност и напредок за државата. Таа е подготвена во тесна соработка со Европската комисија. Е.Р.