ЈУБИЛЕЈ

„Драги Живко. Ти благодарам за твоето љубезно писмо и прекрасната слика. Имаме наши сестри во Скопје и ако појдеш до нив сигурна сум дека тие ќе ти покажат како да учествуваш во нашата мисија на љубовта. Бедните се секаде околу нас, несаканите. Биди љубезен и прави им добрина на оние блиску до тебе. И чувај ја радоста на сакањето на Исуса во твоето срце, бидејќи Тој е верен“… Ова се зборовите на писмото што Мајка Тереза пред 40 години, во март 1984 година, му го испрати на уметникот Живко Поповски-Цветин, како одговор на неговата осмомартовска честитка – цртеж со цвеќиња.
По тој повод, деновиве Цветин изработи 40 коверти на кои е испечатено писмото на Мајка Тереза, а исто така изработи и 40 картички на кои, освен писмото, е испечатена македонска мироцветна патека.
Едно од писмата е предадено во Спомен-куќата на Мајка Тереза, но и речиси насекаде низ светот каде што патува Цветин, бидејќи, како што вели, токму зборовите на светителката му помогнале во неговата мировна мисија.
– Ова писмо ми помогна во мисијата на мирот и хуманоста. Го подарував секаде каде што одев, во училишта и градинки, на факултети, во посета на инвалидизирани лица…, јас секаде го рецитирам сакајќи да ја испратам пораката на мирот и хуманоста – вели Цветин.
Раскажува и дека во 2009 година, Здружението на скопјанката Мајка Тереза организираше карван од Скопје до Ватикан, во кој бил вклучен и тој. Патувајќи од град во град, од држава во држава, во секоја институција што ја посетил, независно дали било пензионерски дом или, пак, дом за деца без родители, секаде ја ширел пораката од писмото што Мајка Тереза му го испратила.
– Половина од мојот живот го посветив на мирот и хуманоста. Кандидат сум и за Нобелова награда за мир. За време на карванот подарив 99 картички на кои ја имаше сликата со писмото од Мајка Тереза, а попатно во сите градови каде што бев, Приштина, Ниш, Белград, Смедерево, Загреб, Љубљана, Болоња, Фиренца, Рим, секаде подарував и оригинален цртеж. Една таква картичка со писмото и мој цртеж му подарив на тогашниот папа Бенедикт Шеснаесетти во Ватикан. Го давам секаде за да оставам трага од него – вели тој.
Исто така тој вели дека на тој 8 Март 1984 година испратил писмо со честитка и до Индира Ганди и до Долорес Ибарури, една од најмаркантните личности во Шпанската граѓанска војна, и дека покрај од Мајка Тереза, одговор добил и од нив две.
По повод 40-годишнината од писмото, тој годинава ќе има изложби во Бон, Дижон и во Париз и таму лично и ќе присуствува. Д.Т.З.