Претседателот на Собранието организираше средба по повод годишнината од членството во Алијансата, во Собранието се подготвува Декларација
Собранието подготвува Декларација за одбележување на четиригодишнината од зачленувањето на земјава во НАТО, а денеска претседателот на Собранието организирал средба во Клубот на пратениците на која присуствувале тројца поранешни премиери и поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска.
– Четири години од нашето зачленување во НАТО, се покажа дека сме донеле храбри и мудри одлуки во интерес на безбедна и просперитетна иднина за нашите граѓани. Со тројцата поранешни премиери и поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, која го развиори нашето знаме во седиштето на НАТО, но и со поранешни пратеници, амбасадори, носители на високи државни функции, разговаравме за придонесот што секој од нас поединечно го дал во овој процес и за патот што го изодевме за да имаме денеска безбедна држава, особено во услови на воена агресија недалеку од нас – објави Митрески на Фејсбук.
Од Кабинетот на Митрески посочуваат дека ова е една од состаноците што претседателот на Собранието ги организира за одбележување на годишнината од членството во НАТО.
Претседателот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски на својот Фејсбук профил напиша дека со храбрите и решителните одлуки на СДСМ, Македонија веќе четири години е горда членка на најмоќниот воен сојуз – НАТО.
– Во пресрет на одбележување на годишнината од членството во НАТО, ми беше чест што со претседателот на Собранието Јован Митрески, со поранешните премиери, поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, како и со поранешните пратеници, амбасадори, но и носители на високи државни функции, имавме можност разговаравме за придонесот на секој од нас во реализацијата на целиот процес, за придобивките од членството, како и за позицијата на Северна Македонија како членка на НАТО – напиша Ковачевски.
Денес, додава Ковачевски, нашата држава е фактор за стабилност во регионот и пошироко.
– Безбедносната стабилност носи економски просперитет, а странските инвеститори ја препознаваат Северна Македонија како сигурно место за вложувања. Тоа значи подобри работни места за нашите граѓани, повисоки плати и раст на животниот стандард. НАТО беше првата стратешка цел и успеваме да ја исполниме – посочува Ковачевски.
Искажува увереност и нова победа на 8 мај, по што, како што пишува, проевропската Влада на СДСМ и коалицијата ќе ја исполни и втората стратешка цел – членство во Европската Унија.