Брисел повторно доцни со заедничка и координирана акција, некои земји членки на Унијата веќе самостојно преземаат мерки против енергетската криза
Европската Унија се соочува со зголемени предизвици во енергетскиот сектор. Имено, европската влада (Европската комисија – ЕК) пред неколку дена се обиде проактивно да направи еден „заеднички план за настап на ЕУ во пресрет на енергетската криза“, но не успеа.
Иницијативата за координирана европска акција дојде од европскиот комесар за енергетика Дан Јергенсен, кој пред извесно време прв побара заеднички пристап на ниво на Унијата за надоаѓачката криза (за што „Нова Македонија“ извести преку својот дописник од ЕУ.) Но, имено, самиот тој повик пред институциите на ЕУ ги отсликува сериозноста на состојбата и стравувањата дека кризата во Персискиот Залив може да има далекосежни последици врз глобалната економија.
Европската комисија (ЕК), пак, во дефицит од време, компликувани процедури, па и идеи за ефикасни мерки, упати еден повик до земјите членки да ја разгледаат можноста за намалување на потрошувачката на нафта и гас, особено во транспортниот сектор. А и оваа мерка има некако цел да ги подготви земјите членки на ЕУ за потенцијални долготрајни нарушувања во снабдувањето, предизвикани од конфликтот во Иран и нестабилноста на Блискиот Исток.
По сето ова, владите на земјите членки на Унијата се обидуваат самостојно да ги ублажат последиците од новонастанатата енергетска криза, која сè повеќе се заканува да премине од ценовен проблем во сериозна криза на снабдување.
Така, некои од земјите членки веќе преземаат мерки на национално ниво. Некои влади воведуваат или подготвуваат ограничувања на цените на горивата, намалување на акцизите, како и ограничување на трговските маржи, со цел да ги заштитат граѓаните и бизнисите од ценовните шокови.
Сепак, и покрај овие интервенции, цените на енергентите остануваат значително повисоки во споредба со периодот пред неодамнешните глобални флуктуации, што укажува дека Европа се наоѓа пред сериозен и долгорочен енергетски предизвик.
Во Германија просечната цена на литар дизел на државно ниво го надмина претходниот рекорд од март 2022 година
Просечната цена на дизелот во Германија достигна нов рекорд, надминувајќи го претходниот максимум од март 2022 година, и покрај новите мерки на владата за ограничување на растот на цените на горивата.
Според податоците на германскиот автоклуб АДАК, просечната цена на литар дизел на ниво на целата држава изнесува 2,327 евра, што е за 0,6 центи повеќе од претходниот рекорд. Истовремено, значително поскапел и бензинот, чија цена достигна 2,129 евра за литар, што претставува највисоко ниво оваа година.
Од АДАК оценуваат дека ваквите поскапувања се несоодветни, особено имајќи предвид дека цената на суровата нафта во периодот меѓу 31 март и 1 април бележи пад.
Германската влада од 1 април воведе таканаречена „кочница за цените на горивото“, со која се предвидува бензинските пумпи да можат да ги зголемуваат цените најмногу еднаш дневно. Сепак, според податоците на АДАК, уште првиот ден од примената на мерката е забележано просечно зголемување на цените од речиси осум центи.
Експертите предупредуваат дека постои ризик нафтените компании да воведуваат дополнителни маржи за да ги компензираат ограничувањата во формирањето на цените.
Од АДАК нагласуваат дека новата мерка засега не придонесува за намалување на високото ниво на цените и упатуваат апел до надлежните институции да извршат притисок врз нафтените компании да покажат поголема воздржаност.
Франција ги приспособува антикризните мерки секој месец
Стотици бензински пумпи во Франција останаа без резерви од гориво откако возачите масовно се упатија да ги наполнат своите резервоари по воведувањето ограничувања на цените на горивото. Овие мерки беа донесени поради нарушувањата во глобалното снабдување предизвикани од војната на Блискиот Исток.
Портпаролката на француската влада и министерка за енергетика Мод Брежон изјави дека земјата не се соочува со вистински недостиг од гориво, туку со повремени логистички тешкотии во одредени региони. Таа појасни дека станува збор за „повремени логистички тензии“ на одделни бензински пумпи, особено на оние со пониски цени, каде што има нагли локални скокови на побарувачката.
Францускиот премиер Себастијан Лекорну најави дека владата размислува за воведување целна помош за граѓаните што зависат од автомобилите, поради растот на цените на горивата поврзан со кризата на Блискиот Исток. Тој нагласи дека не се планираат обемни и скапи субвенции, туку прецизно насочена поддршка за најпогодените категории.
– Не верувам во неконтролирано трошење милијарди, туку во целна помош – изјави Лекорну на конференција во Бордо.
Француските власти веќе воведоа ограничени субвенции за одредени сектори, како транспортот и рибарството, но засега избегнуваат пошироки мерки што би имале значително влијание врз државниот буџет. Владата во Париз останува претпазлива, особено по искуството од 2022 година, кога обемните субвенции придонесоа за зголемување на буџетскиот дефицит, кој сè уште се обидува да се намали.
Според плановите на владата, евентуалните антикризни мерки ќе се применуваат на месечно ниво, што ќе овозможи брзо приспособување во зависност од движењето на цените и фискалните можности.
– „Никого нема да оставиме без помош, но нема да трошиме пари што ги немаме – порача Лекорну.
Италија веќе ги намали акцизите и ја продолжува мерката за поевтино гориво
Владата на Италија одобри продолжување на мерката за намалување на акцизите на горивото до 1 мај, со цел да го ублажи растот на цените на енергентите и да го намали притисокот врз граѓаните и стопанството.
Мерката, која првично беше воведена на 18 март, требаше да истече на 7 април, но со новата одлука ќе остане во сила и во наредниот период. Намалувањето на данокот изнесува речиси 0,25 евра по литар гориво.
Вкупната вредност на пакетот се проценува на најмалку 500 милиони евра, при што околу 30 милиони евра се наменети за поддршка на земјоделските претпријатија.
Целта на оваа одлука е да се ограничи растот на цените на горивата и да се ублажат последиците од зголемените трошоци за енергија, кои имаат значително влијание врз економијата.
Министерот за финансии на Италија, Џанкарло Џорџети, изјави дека доколку конфликтот на Блискиот Исток продолжи, ќе биде „неизбежно“ да се преиспитаат фискалните правила на Европската Унија, вклучувајќи го и ограничувањето на буџетскиот дефицит од три проценти.
Италија уште минатиот месец воведе мерки за ублажување на растот на цените на енергентите, меѓу кои и намалување на данокот на течниот нафтен гас, како и апел до нафтените компании, како „Ени“, да го ограничат растот на цените на горивата.
Дополнително, владата го продолжи рокот за постепено укинување на употребата на јаглен до 2038 година, со што ја приспособува својата енергетска стратегија на новите глобални околности.
Чешка Република: Ограничување на маржата на продавачите на гориво
Владата ги ограничи маржите на продавачите на гориво во Чешката Република, а максималната маржа сега не е поголема од 2,50 чешки круни, што е приближно 0,10 евра за литар. Оваа мерка стапува во сила на 8 април. Покрај тоа, акцизата за дизелот е привремено намалена. Оваа директна контрола на малопродажните маржи има цел да спречи шпекулации.
Словачка: Ограничување – возачите можат да наполнат полн резервоар плус максимум 10 литри во боца, во текот на 30 дена
Воведени се мерки против „бензински туризам“, првенствено од Полска, почнувајќи од средината на март, бензинските пумпи можат да одредат повисоки цени за дизел гориво за автомобили со странски регистарски таблички. Капацитетот на гориво е ограничен, а возачите можат да наполнат полн резервоар плус максимум 10 литри во боцата. Мерките важат 30 дена, со можност за продолжување, и не влијаат на бензинот или локалните возачи. Европската комисија ги смета за потенцијално некомпатибилни со законите на ЕУ.
Австрија: Привремено намалување на данокот на бензинот и дизелот
Од април Австрија воведе привремено намалување на данокот на минерали на бензинот и дизелот за пет евроценти по литар, ограничувајќи ги маржите во целиот синџир на снабдување, доколку ги надминат нивоата пред кризата за 50 проценти или повеќе. Вкупно, ова треба да ги намали цените на бензинските пумпи за приближно 10 центи по литар. Парламентот ги одобри мерките на 25 март.
Полска: Цените на горивата ги одредува секојдневно Министерството за енергетика
Воведени се максималните малопродажни цени на горивата што ги одредува секојдневно Министерството за енергетика. Од 31 март, ДДВ за горивата е намалено од 23 проценти на 8 проценти, а акцизите се намалени на минимумот од ЕУ. Целта е да се спречат посредниците да ги злоупотребуваат даночните олеснувања. Прекршувањето на ограничувањата носи казна до еден милион злоти. Мерките се во сила до средината на април, со можност за продолжување. Проценетиот трошок за буџетот е приближно 1,6 милијарда злоти месечно. Сепак, владините мерки предизвикаа и одредени критики: претставниците на индустријата за течен природен гас предупредуваат дека приближно три милиони возачи што користат природен гас остануваат надвор од пакетот за поддршка, бидејќи течниот природен гас не бил вклучен во системот на максимални ограничувања на цените, што предизвика незадоволство кај оваа група потрошувачи.































