Владата овие два месецa работеше на „запирање на слободниот пад и стабилизирање на системот и институциите“. Оттаму сметаат дека цените на прехранбените производи треба да бидат пониски. Што се однесува на политиките на Владата за ограничување на цените, премиерот децидно се изјасни во јавност дека таквите политики не дале долгорочни резултати и дека не се планираат такви мерки. Но, во таа насока, премиерот јавно упати апел до трговците максимално што можат да ги намалат маржите на своите производи
Инфлацијата сѐ уште тешка за менаџирање, предизвиците се повеќеслојни
Според Владата, инфлацијата во последните месец-два се смирува и е на ниво од три отсто. Оттаму влеваат оптимизам и истакнуваат дека нивото треба да биде уште пониско. Во тој контекст, интересно е што премиерот Христијан Мицкоски излезе во јавноста со став дека од сегашниов тренд на пад на инфлацијата „има можност истата таа да премине во дефлација, наместо да имаме инфлација“…
– Нивото на инфлација треба да биде уште пониско. Јас би сакал да имаме дефлација наместо да имаме инфлација, но, за жал, од она високо ниво со двоцифрени бројки 15, 16, 17 отсто, овие два месеца успеавме да го стабилизираме слободниот пад на државата и на институциите. И тоа што можам да го кажам и од оние информации што јас ги имам е дека моменталното ниво на инфлација е тука – рече Мицкоски, кој одговараше на прашања на граѓаните за мерките за борба против инфлацијата, но и за продолжувањето на растот на цените на прехранбените производи.
За цените на прехранбените продукти
Од Владата сметаат дека цените на прехранбените производи треба да бидат пониски и апелираат до трговците максимално што можат да ги намалат маржите. За политиките на Владата за ограничување на цените, премиерот за јавноста децидно се изјасни дека таквите политики не дале долгорочни резултати. Премиерот смета дека цените на прехранбените производи треба да бидат пониски и апелира до трговците максимално што можат да ги намалат маржите.
– Ние сме пазарна економија, пазарот ги диктира цените. Ако влеземе во една политика на ограничување, тогаш видовте какви резултати ни даде таа политика – ни даде спротивни ефекти од тие што ги очекувавме. Затоа, политиката на оваа влада е да поддржува инвестиции и затоа не е политиката на оваа влада да одржува зголемена и вештачки набилдана јавна потрошувачка, затоа што парите на тој начин губат вредност и исто количество пари по еден месец ја губи својата вредност и деноминира, би рекол, за десетина проценти – изјави Мицкоски.
Премиерот истакна дека она на што биле фокусирани во Владата изминативе два месеца било „запирање на слободниот пад и стабилизирање на системот и институциите“.
– Мислам дека тој процес ќе потрае до почетокот на есента, а до крајот на годината бидејќи сѐ уште работиме на буџет чиј костур го креираше претходната влада, очекувам да дојдеме до состојба кота нула, а веќе со следниот буџет за следната година да почнат развојот и напредокот – изјави Мицкоски.
Цените се зголемени, особено на оние производи што се дел од потрошувачката кошничка на граѓаните, што негативно се одразува врз нивните семејни буџети.
Инфлацијата паѓа, но зошто цените на прехранбените продукти растат?
Според економски експерти што се занимаваат со оваа проблематика, проблемот со инфлацијата е многу сериозен и на него треба сериозно да се работи, зашто досегашните поскапувања се проблематични.
– Треба да се оди многу внимателно, да се дизајнираат политиките, зашто тоа удира директно на потрошувачката кошница. Мора да се дејствува координирано и да се менаџира мешавината од политички, фискални и монетарни политики, за да се избере помалку лошиот резултат – посочи неодамна универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети.
Од НБРМ во врска со инфлацијата велат дека стапката на инфлација е еден од основните економски показатели во светот, преку кој се следи промената на цените во една економија.
– Во економската теорија, под инфлација се подразбира раст на општото или просечното ниво на цени во економијата. Доколку промената на општото ниво на цени е негативна, односно ако цените во просек бележат пад, тогаш зборуваме за дефлација. Денес постои општ консензус за потребата од одржување ниска и стабилна инфлација, како предуслов за одржлив економски раст и отворање нови работни места. Постигнатиот консензус произлегува од веќе потврдените последици од високата инфлација, која создава несигурна средина и со тоа предизвикува нарушувања во одлуките на потрошувачите и инвеститорите. Иако не постои прецизна дефиниција за стабилноста на цените, таа обично се толкува како ниска, позитивна и стабилна инфлација. Само при стабилни цени, имотот на граѓаните ја одржува својата вредност низ годините, а инвеститорите се подготвени да преземат инвестициски одлуки и економијата во целост се движи напред.
Во оваа смисла, стабилен и предвидлив амбиент е основен предуслов за економски развој. Од овие причини, ценовната стабилност во економијата е најчестата крајна цел на монетарната политика, а наедно ценовната стабилност е основната цел и на монетарната политика на НБРМ.
– Инфлацијата се мери и се следи преку соодветен ценовен индекс, кој опфаќа одреден број производи и услуги. Списокот на производи и услуги, дефиниран за пресметка на индексот, во суштина ја одразува структурата на личната потрошувачка на едно просечно домаќинство. Поради тоа што е невозможно да се направи целосна покриеност, вообичаено се прави избор на производи и услуги што се предмет на масовна потрошувачка. Главниот извор на информации за дефинирање на листата на производи и услуги што влегуваат во нашиот ценовен индекс е анкетата за потрошувачката на домаќинствата (којашто се спроведува од страна на Државниот завод за статистика на Македонија). Промени во листата на опфатени производи и услуги се прават повремено, со оглед на тоа дека не се случуваат чести промени на куповната листа, но снимањето на цените на производите и услугите се врши секој месец, во определен временски период. Снимањето на цените и пресметката на ценовниот индекс исто така се вршат од страна на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Само за потсетување, во последниот минатомесечен извештај на ДЗС е регистрирано поскапување во повеќе категории. Имено, зголемување на трошоците на животот е забележано во областа на транспортот, и тоа во висина од 4,9 отсто, домување, гас, електрика и други горива за 0,3 отсто, услугите во ресторани и хотели за 5,8 отсто, но и во ресорот здравје за 0,6 отсто и во културата 1,2 отсто. Спротивно на тоа, намалување имало во областа на комуникациите, облеката и безалкохолните пијалаци. На исто ценовно ниво останале цените за мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата.
Во секој случај, Владата е свесна дека поскапувањето на производите што редовно се набавуваат (прехранбени производи, на пример) придонесува перманентно да паѓа квалитетот на животот кај граѓаните, бидејќи паѓа нивната куповна моќ. Затоа во тек се планирања и реализирање нови реформски политики што веќе од почетокот на четвртиот квартал би дале плод, тврдат нашите соговорници економисти. Е.Р.