Премиерот Христијан Мицкоски денеска во врска со уставните измени изјави дека оваа Влада нема да влегува во ниту еден процес, без претходна јасна стратегија и јасен договор. Тој на прес-конференција во одговор на новинарско прашање дали Софија би излегла со нови барања откако беше објавен податок дека на над 216.000 лица македонски државјани им е издаден бугарски пасош, рече дека целта на Софија е со внесување на неколку стотини лица дел од бугарската заедница во Уставот, да се повика токму на таа бројка.
– Целта на официјална Софија е со внесување на неколку стотини македонски граѓани коишто се дел од бугарската заедница, во Уставот, да се повикува на таа бројка, и да вели дека пописните податоци не се точни и дека присуството на бугарското малцинство во Македонија е повеќе од 10 проценти. И ќе бара соодветна застапеност- изјави премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Според него, претходната влада не довела до ваква ситуација, на која што тие предупредувале дека токму тоа ќе се случува.
– За жал, тоа не успеаја да го видат оние од претходната влада и не доведоа во ваква ситуација иако и тогаш ги предупредувавме дека ова е крајната цел. Додека Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ, распродаваа и лековерно велеа дека ете го решиле проблемот, во суштина не успеале да ја видат вистинската стратегија. Но, за среќа на македонските граѓани, ние сме сега Влада, и така лековерно нема да влеземе во ниту еден процес, без претходно јасна стратегија и јасен договор- рече Мицкоски.
На крајот на овој месец, бугарскиот министер за внатрешни работи Даниел Митов соопшти податок дека од 1 јануари 2007 година до 17 јуни 2025 година, на вкупно 216.594 лица со македонско државјанство им е издаден бугарски пасош, пренесоа бугарски медиуми.