Откако претходно целосно беше реконструирана спортската сала „Јанчица“, започна целосната реконструкција на спортските терени кај Правниот факултет – Кичево, кои пред повеќе децении беа изградени од страна на тогашната ЈНА, за потоа да бидат препуштени на забот на времето, а во последниве неколку години да се претворат во простор за паркирање возила на лицата што престојуваат во блиските локали или на факултетот.
Средствата за оваа намена ги обезбеди Министерството за спорт на Република Македонија, а целосната реконструкција на спортските терени ќе заврши до крајот на пролетта.
– Со средства обезбедени од Министерството за спорт, во наредните триесет дена целосно ќе бидат реконструирани терените за мали спортови лоцирани во дворот на Правниот факултет во Кичево. Со овој зафат ќе бидат реконструирани теренот за мал фудбал и ракомет, одбојкарскиот терен и кошаркарското игралиште, а во рамките на овој зафат во дел од просторот ќе бидат поставени и направи за фитнес, кои во потоплиот дел од годината ќе можат да ги користат граѓаните. На терените за мали спортови, покрај што ќе биде поставена и бетонска подлога со нивелација, ќе биде поставена и пластифицирана подлога, која ќе обезбеди поголема сигурност при пад за оние што ќе се рекреираат на овие терени – истакнаа од фирмата изведувач на работите од Скопје, од каде што ветуваат завршување на работите во наредните триесет дена.
Инаку, просторот помеѓу терените се очекува хортикултурно да биде уреден од страна на ЕЛС Кичево, а тоа ќе се случи по финализирањето на реконструкцијата на спортските терени, кои изминатите децении се претворија во вистинска руина.
Постарите жители на градот добро се сеќаваат дека на ракометниот терен се одиграа и првите натпревари во градот кога беа формирани машкиот и женскиот ракометен клуб Партизан од Кичево.
Единствен спортски објект во овој потег што не е опфатен со проектот е градскиот базен, кој неповратно пропаѓа.
текст и фото: Зоран Антоски