
Промовиран препис од историски документ, издаден од австрискиот цар Леополд Први Хабсбуршки од 1690 година, за царска заштита на македонскиот народ
Преписот од повелбата на австрискиот цар Леополд Први Хабсбуршки (1640-1705) од 26 април 1690 година, во која Македонците се ставаат под заштита од страна на Светото Римско Царство, во периодот додека Македонија била под турско ропство, има силно историско значење, бидејќи со него де факто и де јуре се потврдува посебноста на Македонците како етникум и точно определено се детерминира македонскиот идентитет уште пред три века. Овој документ и натаму во полн капацитет е во можност да ја остварува својата цел: Македонците како засебен идентитет и етнички ентитет да бидат одбранети од негативното влијание на други надворешни фактори, односно непријатели чија намера е физичко завладување, потчинување, покорување и асимилација на Македонците.
Со оваа привилегија, односно повелба, царот Леополд Први тогаш го прифатил барањето на Македонците за заштита од турското ропство, за возврат барајќи од нив да се приклучат во борбата против заедничкиот непријател.
Професорот Георги Гоце Дуртаноски, експерт за христијанска палеографија, завчера ѝ врачи на претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, копија од овој историски документ, кој е од исклучително значење за македонскиот народ, како уште еден аргумент и потврда за македонскиот идентитет и постоење низ многуте векови.
Авторот на овој уникатен документ во калиграфски препис, професор Дуртаноски, посочи дека оригиналниот записник бил пронајден во Воениот архив во Виена, а потем реконструиран во Центарот за ракописни студии при Европската христијанска академија, со кој раководи. Привилегијата е објавена непосредно по задушувањето на македонското Карпошово востание од 1689 година. Таа е документарна потврда за македонската посебност од крајот на 17 век и се наоѓа во Државниот архив во Виена. Ваков вид документи (привилегии) за време на владеењето на Леополд Први биле издавани за сите балкански народи, поради политичкиот интерес на Австро-Унгарија за влијание на Балканскиот Полуостров, кој тогаш бил во политичките граници на отоманскиот султанат.
Заблагодарувајќи се за копијата, претседателката Силјановска-Давкова изјави дека привилегијата е документ од особено значење за македонскиот народ и неговиот идентитет.
– Документот го потврдува она што повеќепати е докажано, но добро е да имаме уште еден аргумент, соочени со обидите за оспорување на македонскиот идентитет – нагласи претседателката Силјановска-Давкова, при што таа и професорот Дуртаноски ги нагласија важноста и ефикасноста на културната дипломатија, особено за малите држави.
Вакви презентации на овој, но и на други историски документи за македонската етничка и јазична засебност во Балканот, треба да се организираат и надвор од границите на Македонија, за да се запознае и да се увери и пошироката светска јавност за вистинските документирани факти за Македонија и македонскиот народ, наспроти измислиците и негирањата во Договорот за добрососедство, поточно на бугарскиот договор, како и во Преспанскиот договор со Грција. Преку културно-научната дипломатија треба максимално да се засили борбата против идентитетските напади, кои доаѓаат од соседството.
Музејот на македонската борба за самостојност во соработка со државните архиви од Виена и од Скопје работат на претставување на овој историски документ пред пошироката македонска јавност во блиска иднина.
Свето Тоевски

































