Македонки што пишуваат и се борат за женските права во 19 и 20 век (2)
По смртта на браќата Миладиновци во 1862 година, многумина исплашени од нивната судбина како да решиле да се подзатскријат од јавноста, на тој начин доведувајќи ги во прашање и чувањето и продолжувањето на нивното дело. Оние што истапиле и гласно зборувале за значењето на браќата од Струга биле сопругата на Димитрија Миладинов, Митра, и неговата ќерка Царевна. Самата таа во текстот „Тоа што го знам за татко ми Димитар Миладинов и за стрико ми Константин Миладинов“ запишала дека: „Ние со мајка сторивме сè за да ја воскреснеме нивната памет, нивното дело, нивната полна духовна и надворешна заемна прилика“.
Царевна Миладинова-Алексиева (1856–1934) е меѓу пионерите во борбата за обезбедување права на македонските жени за образование. По препорака на рускиот конзул во Македонија, Михаил Хитрово, таа се школувала во Фундуклеевската класична гимназија во Киев, како една од првите Македонки што образованието го стекнале во познатите странски училишни центри. Оттука започнува и приказната за просветителската и публицистичката дејност на оваа извонредно силна, храбра и енергична жена.
Откако ја завршила гимназијата во 1874 година, Царевна Миладинова веднаш заминала за Цариград, од каде што била назначена за учителка во Шумен. Потоа учителствувала во Етрополе и Свиштов. Откако се омажила за учителот и трговец Никола Алексиев од Охрид, во подоцнежниот период ја сретнуваме и со неговото презиме: Царевна Миладинова-Алексиева. По основањето на солунската женска гимназија „Свето Благовештение“, Царевна била назначена за управителка (1883/84), а потоа за помошник-управителка и учителка по литература (1884–1889). По барање на Прилепската црковно-училишна општина, една година учителствувала во Прилеп (1890/91), по што повторно се вратила во Солун, каде што учителствувала до Балканските војни (1913). По војните Миладинова емигрирала во Софија, каде што и починала. За неа, нејзиниот син Владислав Алексиев запишал дека нејзиниот „орлов нос и големите црни очи, заедно со лесниот македонски акцент, ѝ го издаваат јужното потекло“.
Во однос на нејзиното творештво во 19 век, ќе наведеме дека таа е авторка на два правни акта: Правилник за IV класните училишта во Македонија и Одринскиот вилает, кој не е датиран, но му припаѓа на 19 век, и Правилник за женските училишта, подготвен во Прилеп, за учебната 1890/91 година. Ограниченоста во однос на можностите за водење образовна политика, пред сè, била наметната од општоприфатеното и доминантно мислење дека жената треба само да ги спроведува законите, а не да ги смислува. Токму затоа овие правилници се врвен дострел на нејзиното општествено дејствување, бидејќи подготовката на законските (правните), односно нормативните акти значела нејзино правно изедначување со мажите, односно со авторите на исти такви правни дела.
Што се однесува до публицистиката, Царевна е авторка на многубројни текстови: „Од Струга до Киев“, „Тоа што го знам за татко ми Димитар Миладинов и за стрико ми Константин Миладинов“, „Куфаловци на Св. Кирил и Методиј“, „Кон статијата на А. Селишчев за семејството на Д. Миладинов“, „По прашањето за вистинскиот портрет на Д. Миладинов“, „Кон прашањето за портретот на Димитриј Миладинов и некои спомени за него“ и други. Најголемиот број од овие објави се наоѓаат во нејзините спомени, насловени „Епоха, земја и луѓе“, кои посмртно биле објавени во 1939 година.
Своите текстови најчесто објавувала во следните списанија и весници: „Македонија“, „Зора“, „Македонски преглед“, „Обзор“, „Зорница“, „Мир“ и други. Со големиот број статии и спомени дала свој прилог во разјаснувањето на многу прашања поврзани со животите на Димитрија и Константин Миладиновци, за женското прашање и женското образование во Македонија, за Илинденското востание, за празнувањето на денот на Светите Кирил и Методиј и, воопшто, за македонското секојдневие во тој период. За нас особено се интересни текстовите што се однесуваат на браќата Миладиновци. Притоа, благодарение на нејзините интервенции се решени низа погрешни информации поврзани со браќата. Така, на пример, во статијата „Педесетгодишниот јубилеј на браќа Миладиновци“, таа нагласува дека објавената фотографија на Димитрија Миладинов е погрешна, односно дека „станува збор за еден невистински портрет на нашиот покоен татко“ и дека отпечатениот портрет „нема апсолутно никаква, ниту најмала прилика со ликот на Димитар Миладинов“. Благодарение на нејзината интервенција бил нацртан портрет на татко ѝ, што таа го одобрила за печат и кој ние ден-денес го знаеме како таков.
Пишувајќи за просветните и културните околности во Македонија во 19 и 20 век, Царевна ја забележала „скромната просветителска дејност“, која ја изведувале „македонските учителки и воспитувачки“. Сепак, таа сметала дека имало уште многу да се направи за да се подобри положбата на образованието и воопшто политичката слика во Македонија. Поради тоа, таа истакнала дека за подобрување на таквата положба требало да се вклучат „неколку генерации високи интелигентни сили од средината на будните Македонки и Македонци“. Како што може да се забележи, речиси сите активности на Царевна Миладинова-Алексиева се однесувале на просветата, фолклорот, на можностите за напредок на Македонија.
Ние не се сомневаме дека Царевна пишувала и била авторка и на други текстови, а можеби и на белетристички творби. За жал, за време на Втората балканска војна во 1913 година била принудена да го напушти Солун, како што пишува, „со по една черга на грбот“, при што голем дел од нејзиното творештво било загубено.
Своевремено, Царевна Миладинова-Алексиева своевремено била почитувана како одлична просветна работничка, која го ширела образованието меѓу младите девојчиња, односно како исклучителен педагог. Таа била жена што со своите организациски способности силно се наметнала во тогашните општествено-просветни текови, а како таква била и зачувана во спомените на современиците.
Славчо Ковилоски
продолжува