Фото: Архива „Нова Македонија“

Ако за оружјето што на украинските власти им гo доставуваа САД, Велика Британија, Германија и повеќето други земји членки на НАТО имаше некаква евиденција, нема податоци колкаво количество друго оружје се нашло на украинскиот фронт, кое би можело по прекинот на оружените дејства да заврши на некои други простори, вклучувајќи и тука, на Балканот. Впрочем, уште за време на конфликтите во поранешна Југославија каналите за дистрибуција на оружје од Украина функционираа непречено, така што не е исклучено овие канали повторно да се реактивираат и купишта оружје по дампинг-цени да завршат тука

Најновиот извештај на „Евроазиската опсерваторија“ тврди дека оружјето што од сите страни се доставуваше во Украина, веројатно ќе заврши и на Балканот

По неодамнешниот двочасовен телефонски разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин станува јасно дека преговорите за ставање крај на војната во Украина ќе добијат на интензитет во периодот што следува, така што повеќето очекувања се дека мировното решение би можело да биде постигнато до крајот на годината.
Некакви сигнали дека мировниот процес не е замрен по фијаското на преговорите во Истанбул се најавите од страна на Путин дека е подготвен да соработува со Украина за изработка на меморандум за идните мировни преговори.
Несомнено тригодишниот конфликт ги исцрпи сите учесници, така што прашање на време е кога ќе се стави точка на конфликтот, но она што многу повеќе ја загрижува јавноста низ Европа, особено на просторот на Балканот, е каде би можело да заврши огромното количество оружје што без никаква контрола беше доставувано во Украина.

Црните пазари за оружје работат со полна пареа

Имено, ако за оружјето што на украинските власти им гo доставуваа САД, Велика Британија, Германија и повеќето други земји членки на НАТО имаше каква-таква евиденција, нема податоци колкаво количество друго оружје се нашло на украинскиот фронт, кое би можело по прекинот на оружените дејства да заврши на некои други простори, вклучувајќи и тука, на Балканот.
Впрочем, уште за време на конфликтите во поранешна Југославија каналите за дистрибуција на оружје од Украина функционираа непречено, така што не е исклучено овие канали повторно да се реактивираат и купишта оружје по дампинг-цени да завршат тука.
Во новиот извештај на „Евроазиската опсерваторија“, која го следи долгорочното влијание на конфликтот врз организираниот криминал, се наведува дека е можно да се случи масовен прилив на оружје од Украина, кое ќе се најде на црните пазари низ Европа по завршувањето на конфликтот со Русија.
– Се очекува оружјето што го испорачува Западот и илјадниците украински ветерани, кои стекнаа искуство во борбените дејствија, да поттикнат бран криминал, трговија со оружје и нестабилност низ целиот континент – додека разговорите меѓу Москва и Киев за решавање на конфликтот нудат мала надеж за прекин на огнот – се наведува во документот.
Понатаму се додава дека веќе сега низ цела Украина се акумулираат огромни резерви на оружје, вклучувајќи и тешко оружје, па доколку престанат борбите, вонредната состојба во Украина веројатно ќе биде укината, така што ќе се намалат ресурсите и овластувањата на државата за следење на цивилната сфера, отворајќи простор за послободно дејствување на организираниот криминал.
Колку за потсетување, Киев доби повеќе од 363 милијарди долари (326 милијарди евра) помош од НАТО до февруари 2025 година, според Килскиот институт.
Она што се наведува во извештајот е дека слабиот надзор тешко ќе успее да го спречи шверцуваното оружје, како што се автоматски пушки, гранати и ракетни системи.
Американскиот новинар Такер Карлсон претходно годинава изјави дека украинската војска продава американски системи за оружје „на црниот пазар, вклучувајќи и на наркокартели“.
Западните медиуми и официјални лица признаа дека оружје испратено на Киев завршило во рацете на криминалци.
Европол во април 2022 година објави дека се тргувало со оружје од Украина во ЕУ за организирани криминални групи.
Подоцна истата година, финските власти потврдија дека ова оружје се појавило локално, а слични наоди се пронајдени и во Шведска, Данска и во Холандија.
Кон средината на 2024 година, шпански медиуми објавија дека бандите во јужна Шпанија набавиле современо оружје, наводно шверцувано од Украина.
Корупцијата во Украина предизвикува голема загриженост, а најновата процена покажува дека на Украина ќе ѝ бидат потребни 524 милијарди долари за да ја поправи штетата од војната. Извештајот предупредува дека криминалците би можеле да го искористат процесот за перење пари и стекнување влијание.

Старите канали за шверц на оружје од Украина кон Европа и Балканот повторно во функција

Дел од безбедносните експерти, осврнувајќи се на извештајот на „Евроазиската опсерваторија“, сметаат дека големо количество оружје веќе завршува на европските црни пазари и меѓу криминалните групи, но она што за нив е позагрижувачко е тоа што ова оружје завршува и на Балканот.
– Оружјето од Украина во европските држави во најголем дел го бараат разни криминални банди, а интерес покажуваат и некои групации од Блискиот Исток. Проблем тука на Балканот е национализмот од кој државите не можат да се ослободат, па кога големо количество оружје повторно ќе заврши на овие простори, постои опасност од нови конфликтни ситуации, кои безбедносно би можеле да ја дестабилизираат и Европа. Значи оружјето на Балканот не е само проблематично за криминалните банди туку станува многу повеќе попроблематично кога ќе се користи за некои националистички цели и вооружување на некои нелегални воени формации. Го имаме нерешеното прашање со Косово, тука се БиХ и Република Српска, која постојано се заканува со напуштање на заедничката држава, а сето тоа дополнето со албанскиот национализам може да доведе до сериозна ескалација. Да не заборавиме дека пред не толку долго време имаше сериозна ескалација токму во Бањска на Косово, кога малку недостигаше да дојде до оружен конфликт, кој од Косово може лесно да се прелее и во соседството – предупредуваат безбедносните експерти.
Според нив, конекцијата на балканските босови со оружје и нивните украински колеги никогаш не прекина, така што ако наскоро дојде до примирје, кое би водело кон постигнување трајно мировно решение во Украина, добар дел од оружјето ќе заврши тука.
– Значи не говориме за некакви големи ракетни системи или тенкови, туку за автоматско оружје, помали ракетни фрлачи, гранати и друго пешадиско оружје. Украинскиот црн пазар е преполн со ова оружје, а побарувачката од Балканот секогаш ја има. Уште од војните во 90-тите години на минатиот век во поранешна Југославија оружјето од Украина непречено пристигнуваше тука, така што овие канали и натаму функционираат. Клучно е безбедносните служби да ги превенираат овие сценарија, оти со толку оружје на мал простор нема ништо добро да се случи – потенцираат експертите.
Уште додаваат дека голем дел од вината лежи и во самата Европска Унија, која наместо досега да го заокружеше процесот на интегрирање на земјите од Западен Балкан и да го амортизираше големодржавниот национализам, таа остава празен простор во кој слободно може да царува трговијата со оружје и дрога, што потоа може да се искористи за меѓунационални конфликти имајќи ја предвид историјата на Балканот.
– Да беше ЕУ малку попаметна, одамна ќе ги примеше земјите од Западен Балкан и колку-толку ќе го намалеше ризикот од конфликти од поголем калибар. Точно е дека некои криминални групи и натаму ќе продолжат да набавуваат оружје од сите страни, сега во голем дел и од Украина, но нивните дејствија ќе беа насочени во рамките на криминалните активности, кои се присутни секаде во светот и кои со координирани акции на Европол и европските разузнавачки служби ќе можат да се држат под контрола. Но, за жал, на Балканот многу лесно овие криминални групи прекуноќ се трансформираат во некакви борци за човекови права, заштитни корпуси, војска на овој или оној ентитет, па конфликтите добиваат пошироки размери, кои потоа можат да се претворат во европско безбедносно прашање – заклучуваат безбедносните експерти.


Кога Брисел не дава динамика на европскиот пат, тогаш се појавуваат национализми што ги уништуваат добрососедските односи…

Ѓукановиќ: Состојбата на Балканот е многу полоша отколку пред 10 години

Застојот во процесот на европска интеграција предизвика влошување на односите меѓу земјите од регионот

Поранешниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, во Сараево оцени дека ситуацијата на Западен Балкан денес е полоша отколку што била пред десет години, а европската перспектива на регионот ја опиша како „замаглена“, предупредувајќи на опасноста од влијанието на рециклираните национализми.
Ѓукановиќ беше во посета како предавач на Сараевскиот факултет за политички науки (ФПН), каде што им изјави на новинарите дека одговорноста за слабеењето на европските процеси и влијание во регионот ја сноси Европската Унија, како и земјите од Западен Балкан.
Според него, ЕУ нема доволно решителност за продолжување на процесот на обединување на европскиот континент, додека потенцијалните членки го сносат својот дел од одговорноста бидејќи бавно ги спроведуваат реформите што се бараат од нив. Ситуацијата, како што нагласува поранешниот црногорски претседател, сега е искомплицирана од влошувањето на геополитичките односи.
– Долго време имавме привилегија да имаме стабилни геополитички односи уште од крајот на Студената војна, а сега сме сведоци на раѓањето на нов геополитички поредок со многу контроверзии. Се плашам дека ова ќе има многу негативни влијанија врз регионот на Западен Балкан – истакна Ѓукановиќ.
Тој во обраќањето во Сараево појасни дека застојот во процесот на европска интеграција предизвикал и влошување на односите меѓу земјите од регионот.
– Кога немаме добра динамика на европскиот пат, тогаш се појавуваат национализми што ги уништуваат добрососедските односи. Црна Гора е повеќе од кога било погодена од влијанијата на големосрпскиот национализам, па затоа добрососедските односи, вклучувајќи ги и односите со Босна и Херцеговина и Хрватска, се влошија како резултат на тоа. Искрено се надевам дека ова нема да има никакви сериозни и долгорочни последици – заклучи Ѓукановиќ.С.Т.