Илустрација: „Нова Македонија“

Кој е следниот чекор на Советот на Европа (СЕ) за да ги заштити правата на малцинствата во Бугарија?

  • На 2 декември 2025 година, Комитетот на министри на СЕ ќе се состане за да одлучи „дали да продолжи со следење на кршењата на правата на малцинствата од страна на Бугарија или едноставно да го намали меѓународниот надзор во ова прашање“(!?). Доколку овој Комитетот на СЕ навистина е во една таква непринципиелна дилема, ЕФА јавно „го повикува Комитетот на министри да продолжи да одржува засилен мониторинг врз Бугарија сè додека не се постигне опипливо и проверливо почитување на правата на малцинствата“!

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) утврди дека се прекршени правата на македонското малцинство во Бугарија: Македонците не беа признаени, а македонските организации не беа регистрирани. И покрај дадените препораки, сè уште, до денес ниту една македонска организација не е успешно регистрирана.

Намалувањето на меѓународниот надзор врз Бугарија би ја урнисала довербата во системот за заштита на човековите права

Пример е нашата партија членка на ЕФА, ОМО „Илинден“ – Пирин, на која сакаме да ѝ ја потврдиме нашата поддршка и нашата посветеност кон правдата, еднаквоста и правата на малцинствата низ цела Европа, истакна завчера, на во својата официјална изјава Европската слободна алијанса (ЕФА), европска политичка партија, која е сочинета од регионални и малцински политички парти од европскиот континент, меѓу кои е и ОМО „Илинден“ – Пирин од Бугарија.
Намалувањето на меѓународниот надзор врз Бугарија би го поткопало кредибилитетот на системот за заштита на човековите права на Советот, бидејќи Бугарија не ги спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права. Време е Советот на Европа да ги засили своите напори во заштитата на правата на малцинствата во Бугарија.
За потсетување, на 2 декември 2025 година, Комитетот на министри ќе се состане за да одлучи „дали да продолжи со следење на кршењата на правата на малцинствата од страна на Бугарија или да го намали меѓународниот надзор во ова прашање“(?!). Во тој контекст, ЕФА јасно и гласно јавно го повикува Комитетот на министри да продолжи да одржува засилен мониторинг врз Бугарија сè додека не се постигне опипливо и проверливо почитување на правата на малцинствата – порача Европската слободна алијанса (ЕФА) во својата официјална изјава, објавена на нејзината интернет-страница, под наслов „ЕФА го повикува Советот на Европа да продолжи внимателно да ги следи правата на малцинствата во Бугарија“.

Ќе биде ли слушната ЕФА од Стразбур? Или од Брисел?

ЕФА натаму посочува: „Ние во ЕФА сме загрижени за состојбата со правата на малцинствата во Бугарија. Оваа држава продолжува да одбива да ја признае македонската заедница и да ја регистрира која било македонска организација, кршејќи го член 11 од Европската конвенција за човекови права. Меѓународните тела како што се Европскиот суд за човекови права и Комитетот на министри на Советот на Европа постојано препорачуваат да се преземат потребните мерки. Бугарија, исто така, избегнуваше да ги спроведува одлуките донесени од овие институции“.
– Затоа, не би го разбрале Советот, ако одлучи за предвремено затворање на мониторингот по ова прашање. Тоа би ги поткопало авторитетот на Европскиот суд за човекови права (ЕКЧП) и кредибилитетот на системот за заштита на човековите права на Советот на Европа – рече потпретседателот на ЕФА, Керем Абдурахимоглу.

Фото: „Нова Македонија“

Ситуацијата е особено загрижувачка

Прашањето ќе стигне на масата на Комитетот на министри, откако Парламентарното собрание на Советот на Европа одлучи на 1 октомври да го затвори постмониторинг-дијалогот со Бугарија и наместо тоа, да го разгледа напредокот во рамките на периодични прегледи. Тоа е резултат на напорите на Бугарија да ја ограничи својата одговорност во врска со правата на Македонците во земјата.
– Според бугарските власти, македонското малцинство не е присутно во Бугарија, не постои. Но, тие, македонското малцинство, бараат целосно признавање, вклучително и слобода на здружување и политичко претставување. Демократските права на политичко постоење на македонското малцинство во Бугарија треба целосно да се почитуваат. Го повикуваме Комитетот на министри на Советот на Европа да ги зголеми своите дипломатски и политички контакти со Бугарија, така што ќе дејствува во согласност со највисоките демократски стандарди утврдени од европските и меѓународните организации – изјави претседателката на ЕФА, Лорена Лопез де Лакале.
За време на пленарната седница на Парламентарното собрание на Советот на Европа, известувачите заклучија дека Бугарија не ги исполнила своите обврски во врска со правата на малцинствата. Но, и покрај сите факти и докази што беа во тек, Парламентарното собрание на Советот на Европа сепак одлучи да го прекине постмониторинг-дијалогот на Бугарија. По одлуката на ПССЕ, Комитетот на министри ќе го разгледа затворање на мониторингот над групата на случаи од Македонија на 2 декември.
– Таа одлука може да оди само во една насока, ако институцијата сака да го задржи својот кредибилитет, треба да продолжи да ја следи Бугарија сè додека таа како држава не ги спроведе одлуките на судот и додека не обезбеди непречена регистрација на македонските организации – рече генералниот секретар на ЕФА, Ориол Кејс. Св.Т.


Усвоена декларација на ЕФА до Комитетот на министри на Советот на Европа за правата на Македонците во Бугарија

Историјата да регистрира кршења на човековите права во земја членка на ЕУ

  • Работната група за јазични и малцински права на Европската слободна алијанса (ЕФА) во својата декларација донесена деновиве и упатена до Комитетот на министри на Советот на Европа изразува длабоко несогласување поради неодамнешната одлука за „намалување на меѓународниот надзор врз Бугарија во врска со нејзините постојани кршења на правата на Македонците во Бугарија“. Тој документ е уште едно меѓународно сведоштво за кршење на правата на македонското малцинство во Бугарија

Работната група за јазични и малцински права на Европската слободна алијанса (ЕФА) нагласува дека секое затворање или намалување на меѓународниот надзор врз Бугарија во врска со нејзините постојани кршења на правата на Македонците во Бугарија, во оваа фаза би било прерано и спротивно на обврските, што произлегуваат од член 46 од конвенцијата. Со тоа се поткопуваат авторитетот на Европскиот суд за човекови права во Стразбур и доверливоста на системот за заштита на човековите права на Советот на Европа, порача европската партија Европската слободна алијанса (ЕФА) во Декларацијата на Работната група за јазични и малцински права на ЕФА околу македонското малцинство во Бугарија, донесена завчера, во врска со претстојниот состанок на Комитетот на министри на Советот на Европа, кој треба да се одржи на 2 декември.
Работната група за јазични и малцински права на Европската слободна алијанса (ЕФА) во својата декларација до Комитетот на министри на Советот на Европа изразува длабоко жалење, поради неодамнешната одлука за намалување на меѓународниот надзор врз Бугарија во врска со нејзините постојани кршења на правата на Македонците во Бугарија. На 1 октомври 2025 година, Парламентарното собрание на Советот на Европа на својата пленарна седница одлучи да го затвори постмониторинг-дијалогот со Бугарија и наместо тоа да го разгледа нејзиниот напредок во рамките на периодичните прегледи.
Процената, претставена од известувачите на Парламентарното собрание на Советот на Европа за неисполнувањето на обврските за пристапување од страна на Бугарија, се однесуваше на малцинските права, вклучително и на состојбата на македонското малцинство, и даде конкретна референца за неспроведувањето на пресудите во случајот „ОМО ’Илинден‘ и други против Бугарија“. Сепак, не успеа да даде суштински коментар или должно внимание на овие прашања во својата целокупна процена и препорака за прекин на постмониторингот за Бугарија.
Работната група за јазични и малцински права на Европската слободна алијанса (ЕФА) изразува сериозна загриженост во врска со одлуката да се разгледа барањето на бугарската влада за затворање на мониторингот на групата Обединета македонска организација Илинден и други против Бугарија (Апликација бр. 59491/00) на претстојниот состанок на Комитетот на министри на Советот на Европа на 2 декември 2025 година.
И покрај повторените констатации за прекршување на член 11 од Европската конвенција за човекови права, ниедна македонска организација сè уште не е успешно регистрирана во Бугарија. Неодамнешните одбивања на апликации од македонски организации како што се ОМО „Илинден“ и комитетот за човекови права „Толеранција“ јасно покажуваат дека Бугарија не ги спроведе одлуките на судот, се наведува во Декларацијата на Работната група за јазични и малцински права на ЕФА во врска со македонското малцинство во Бугарија. Св.Т.