Илустрација: „Нова Македонија“
  • Европарламентарците од Бугарија имаат намера да ги стават бугарските пасоши во функција на алатка за притисок за уставни измени. Главниот наратив што се пласира од официјална Софија е дека „станува збор за респектабилна бугарска заедница во земјава, близу 200 илјади“, а таквите тврдења се поткрепуваат со бројката на бугарски пасоши што ги поседуваат македонските граѓани. Ова целосно ја открива вистинската бугарска намера поради која инсистираат на уставни измени, Бугарите да станат конститутивен народ и на тој начин полесно одвнатре да се спроведуваат дезавуирачки малигни политики на Софија, насочени кон менување на карактерот на унитарна Македонија

Притисоците однадвор за промена на македонскиот устав и впишување на македонските граѓани со бугарска самосвест не само што не запираат туку и дополнително се интензивираат преку сите европски институции и бугарските претставници во нив.
Македонската јавност летоска сведочеше на безочна атака врз македонскиот идентитет и оспорување на македонскиот јазик токму во оваа европска институција, кога за време на расправата за извештајот за напредокот на земјава, бугарските европратеници, потпомогнати од нивните грчки колеги, отворено го негираа постоењето на македонскиот народ, јазик, култура и историја. Епилогот од расправата беше извештај во кој се задолжува Македонија да ги спроведе уставните измени.
Во меѓувреме, настапите на водечките бугарски политичари на сите самити, форуми и слични настани не поминуваат без да се афирмира тезата дека Бугарите во Македонија се дискриминирани и дека од тие причини треба што поскоро да станат дел од македонскиот устав. Во суштина, главниот наратив што се пласира од официјална Софија е дека станува збор за респектабилна бугарска заедница во земјава, близу 200 илјади, а таквите тврдења се поткрепуваат со бројката на бугарски пасоши што ги поседуваат македонските граѓани. Ова целосно ја открива вистинската бугарска намера поради која инсистираат на уставни измени, Бугарите да станат конститутивен народ и на тој начин полесно одвнатре да се спроведуваат асимилаторските политики.

Пасошите се малигна алатка на Софија за поткопување на македонизмот

Главни лобисти на ваквите бугарски политики во европските институции се бугарските европратеници, кои ги користат внатрешните конекции во рамките на ЕП за да ги афирмираат бугарските позиции, кои, и покрај противењето на поголем дел од европските пратеници, на крајот сепак добиваат поддршка.
Неодамна бугарскиот европратеник од Европската народна партија, Андреј Ковачев, побара јавно да се објават бугарските државјанства на Македонците, тврдејќи дека станува збор за 200 илјади пасоши. За да се овозможи тоа, тој побара итно усвојување на измените во Законот за бугарско државјанство бидејќи, како што вели, сегашниот закон е нелогичен и не овозможува соодветно легитимирање на бугарската заедница во Македонија. Тој уште додава и дека на овој начин ќе се потврди колку е голема бугарската заедница во Македонија што има бугарски документи за идентификација.
– Јавен регистар во Министерството за правда со ограничен број податоци за името и местото на живеење на засегнатото лице што побарало бугарско државјанство и го добило. Тие се речиси над 170-180 илјади во однос на Македонија, а во моментов веројатно има над 15-20 илјади што се обработуваат. Вие самите сте дошле доброволно и сте кажале: „Еве, бабо, дедо, тие се Бугари. Еве ги документите дека биле во егзархијата, во војската, во бугарското училиште. Јас потпишав декларација дека се чувствувам како етнички Бугарин и врз основа на ова добивам бугарско државјанство“ – изјави Ковачев на средба со бугарските новинари во Брисел.
Неговиот колега од БСП и европратеник, Кристијан Вигенин, пак, додава дека со впишувањето на Бугарите во Уставот, Македонија не ја обврзува Бугарија понатаму да не го опструира македонскиот пат кон ЕУ.
– Тој (мисли на Мицкоски) се обидува однапред да купи гаранции дека што и да направи следно, нема да има блокада од Бугарија или друга земја. Тој вели: „Да, може да ги вклучиме Бугарите во Уставот, но сакаме гаранции дека нема да има повеќе други барања“. Тоа не е можно – истакна Вигенин, притоа додавајќи дека нема начин Македонија да продолжи по патот на пристапување кон ЕУ без да ги исполни претходно поставените критериуми за членство.

Македонската доверба перфидно изиграна од бугарска страна

Поранешни дипломати, некои од нив вклучени во македонско-бугарските релации, немаат никаква дилема за крајната цел на Бугарија, која сака да ја постигне со пасошите и постојаното барање да се објават имињата на македонски граѓани што поседуваат бугарски пасош.
– Тие постојано оперираат со бројка од околу 200 илјади луѓе со бугарски пасоши во Македонија, иако знаат дека тие пасоши, колку и да е вистинската нивна бројка, се земени од економски причини, луѓето да можат да одат да работат низ Европа. Но официјална Софија го користи тоа и пред Европа повторува дека станува збор за 200 илјади луѓе, а не само за оние 3.000 лица што се изјаснија на пописот како Бугари. Целта е јасна, да влезат во Уставот, а потоа ќе ги условат сите оние што имаат бугарски пасоши или да се изјаснат како Бугари или да го вратат пасошот. Тоа беше целата игра со лесното издавање бугарски пасоши сиве овие години. А кога една толкава заедница, се разбира ако се оствари бугарското сценарио, ќе влезе во Уставот, веднаш ќе се отворат темите за медиуми на бугарски јазик, за училишта, за високо образование, за нови учебни програми, за празници, за симболи, за правична застапеност во администрацијата и ќе се добие целосно инсталирање на отворена субверзивна заедница што отворено ги негира македонската државност и македонскиот народ. Не знам пример некаде во светот каде што некоја заедница бара да влезе во устав на друга што не ја признава. Во соседните држави гледаме дека разни бугарски емисари веќе интензивно работат на асимилирање на македонското малцинство и негово претставување како бугарско, а клучниот чекор е во Македонија да добијат државотворен статус и да го потврдат она на кое работат повеќе од 100 години, дека нема македонски народ и јазик, туку дека македонството е измислен термин по Втората светска војна – велат дипломатите.
Според нив, направени се неколку грешки во односите со Бугарија што доведоа до ситуација земјава сега да биде уценувана.
– Прво, никогаш не требаше да се потпише договор со Бугарија со кој ѝ овозможивме да влезе во ЕУ признавајќи дека нема проблеми со соседите, иако и тогаш не ни ги признаваа, идентитетот, јазикот, историјата и културата. Србија го чува тој адут и затоа Бугарија не може неа да ја уценува како нас. Потоа, кардинална грешка беше Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година, кога се прифати дека сме имале заедничка историја, што во суштина е целосно неточен факт. Ние заедничка историја имаме и со Турција ако гледаме така, пет века бевме под Отоманското Царство, имаме и со Грција, како и со сите поранешни републики од СФРЈ. Со други зборови, сите тука на некој начин имаме заедничка односно, попрецизно кажано, споделена историја, така што не може само со Бугарија да имаме историски ексклузивитет. На крајот, да не се прифатеше и францускиот предлог, Бугарија немаше да има никакви алатки за уцени и притисоци, па сега веќе ќе финиширавме со преговорите со ЕУ, а со бугарската страна веројатно ќе ги имавме солидните односи исто како пред потпишувањето на договорите. Ако продолжат притисоците и натаму, тогаш македонско-бугарските односи никогаш повеќе нема да бидат на ниво на пријателски и на земји соседи, ќе остане длабока лузна што ќе ја паметат многу генерации. Затоа е важно и Бугарија како држава сега да направи чекор во позитивна насока, да покаже дека сака да го помага македонскиот евроинтегративен пат како што се обврза во Договорот, наместо постојано да се заканува со пасошите и да манипулира со бројките за бугарски државјанства. Доволно е да ја признае посебноста на македонскиот народ и јазик онака како што Македонците го доживуваат тоа, без забелешки дека биле нечија творба – заклучуваат соговорниците.


Вицепремиерот Арбен Фетаи во името на Владата ги повтори
ставовите за уставните измени:

Не сме се откажале од уставните измени, ниту од европската агенда, наскоро ќе се обелоденат следните чекори

Владата не се откажала од уставните измени како одговор на најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија, истакна вицепремиерот за добро владеење и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Арбен Фетаи, во гостување на телевизијата Алсат.
– Не се откажавме од уставните измени или од европската агенда. Имавме изборен процес, кој траеше три месеци, и тоа е сосема природно. Сигналите од Брисел се јасни, нема изненадувања. Верувам дека по завршувањето на локалните избори треба да седнеме како коалициски партнери и да го дефинираме патот напред, да ги добиеме потребните гаранции дека нема да има дополнителни услови и да продолжиме напред – вели Фетаи.
Вицепремиерот Фетаи верува допрва ќе бидат дефинирани следните чекори, што ќе овозможат Македонија да ги продолжи евроинтеграциите.
– Очекуваме дека дијалогот со Софија и Европската Унија и земјите членки ќе започне многу брзо за да се најдат модалитети што ќе ни овозможат да го продолжиме нашиот европски пат за отворање преговори со ЕУ – рече Фетаи во телевизиското гостување.
Според неговото искажување, горенаведеното е ставот на Владата и во овој поглед верува многу скоро ќе се дефинираат следните чекори. Н.М.


Неопходен е претпазлив пристап при дефинирањето на следните чекори за уставните измени

Да се игнорираат надворешните притисоци и да се бара решение во согласност со постојните европски устави и нашите суверени политики

Она што е константа во изјавите на дел од меѓународната заедница и институции, вклучувајќи ги и претставниците на ЕК и некои пратеници од Европскиот парламент, е нивниот пресинг дека „уставните измени мора да се направат што поскоро ако земјата сака брз пробив во евроинтеграциите“, а сѐ друго потоа се сведува на нивните надежи и верба (без гаранции) дека нема да има нови непринципиелни блокади. Нивниот пресинг го прифаќаме како непринципиелен и легитимен, но тој е во целосно отсуство на правен легалитет. Во суштина, резервираноста што земјава ја има околу уставните измени не е поради некаков инает или анимозитет кон одредена малцинска група што претендира да стане дел од македонскиот устав, туку исклучиво поради негативните искуства од минатото, кога државата направи многубројни (нелегални) отстапки по барање на меѓународната заедница, а за возврат не доби ништо.
Токму затоа, овој пат, наши соговорници перманентно предупредуваат и сугерираат крајно внимателно да се пристапува на целиот процес, односно се бара (дури и од европската влада) креативно решение, кое во исто време ќе значи уставни измени направени по терк што ќе овозможи остварување на нашите државни и национални интереси што се во согласност со меѓународното право, а ќе значи и исполнување на барањето на ЕУ за промена на Уставот и вметнување на македонските граѓани со бугарска самосвест во највисокиот правно-политички акт во државата.
За да не се случи ново разочарување, познавачите предлагаат уставните измени да бидат во согласност со постојните европски устави на дел од земјите членки, што, од друга страна, ги елиминира сите идентитетски закани што евентуално би дошле од страна во иднина. Според нив, тоа ќе ги минимизира и опасностите од внатрешно подривање на македонското ткиво, до што би можело да дојде ако се интервенира во Уставот без претходно да се апострофира државотворната улога на македонскиот народ. Размислувањата во дел од домашната јавност се такви што при евентуалната промена на македонскиот устав да се применат уставноправните рецепти на Хрватска, Словенија, Полска, Чешка и на други европски земји како модел за уставни измени со кои македонскиот народ ќе ги добие потребните гаранции. Н.М.