Како официјална Софија го саботираше принципот на владеењето на правото во Албанија, со организирање широка мрежа коруптивни активности во делот од процедурите за патни исправи

Контроверзиите околу бугарските пропагандни активности во Република Албанија и понатаму продолжуваат. Во овој контекст е и последната голема афера во која неколку албански граѓани се уапсени и осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувања, и корупција на лица што вршат јавна функција. Осомничените лица се товарат дека ги злоупотребиле своите овластувања фалсификувајќи списи од граѓанска евиденција и за прибирање парични средства на лица што сакале да аплицираат за бугарско државјанство им давале лажни потврди, со кои потоа тие се пријавувале во бугарското здружение „Голо Брдо“ за да добијат бугарски пасоши.

Споменатата афера беше иницирана од сензационалниот прилог на најпопуларната истражувачка програма „Фикс фаре“ на тиранскиот телевизиски Топ чанел, во која со глас и слика беше покажано колку е лесно да се купи потврда за бугарско потекло во Острени, во областа Голо Брдо, општина Булќиза, независно од вистинското потекло. Сето ова на директен начин ги потврдува досегашните укажувања на претставниците на македонското малцинство во Република Албанија дека на вештачки начин се создава и прикажува постоењето бугарско малцинство во оваа држава, особено во однос на последниот попис на населението во Албанија. Истовремено аферата потврдува дека официјална Софија не избира средства и начини за остварување на својата ирационална политика, која има цел да претстави бугарска заедница во Албанија. Оваа ирационалност директно го нарушува политички кредибилитет на Бугарија, но и кредибилитетот на Европската Унија, бидејќи аферата открива дека секој може да извади бугарски пасош, без разлика дали има или нема криминално досие.

Доколку внимателно се анализираат сите активности на Бугарија и нејзините државни институции, како и активностите на одделни приватни бугарски фондации и здруженија, аферата со продавањето потврди за добивање бугарски пасоши преку бугарското здружение „Голо Брдо“ е само круна на манипулациите, бидејќи, според нашите информации, досега се издадени неколку илјади потврди, притоа од т.н. купувачи било побарано на пописот во Албанија да се изјаснат како Бугари. Споменатото е само потврда на укажувањето на Васил Стерјовски, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција, дека оттаму неколкупати и официјално реагирале до премиерот Еди Рама и до албанската влада поради бугарските контроверзни дејанија.

– Укажавме на сите притисоци што се прават од страна на Бугарија и тоа што Албанија фактички даде слободен простор да го спроведе Бугарија, а не Албанија. Ние реагиравме на сето ова. Запознаена е албанската влада во текот на самиот процес, затоа што работите ги следевме секој ден на терен. Притисок, закана, мешање од самите структури на албанската држава, било тоа да се Бугарската амбасада во Албанија, но и други структури што работат за Албанија, за да ги натераат Македонците да се попишат како Бугари – нагласи Стерјовски.
Досега сите регистрирани неправилности беа доставени до албанската влада и до странски амбасади во Република Албанија од страна на претставниците на македонското малцинство, но досега не беа преземени никакви мерки против директното мешање на Софија во внатрешните работи на албанската држава. Во однос на последната афера во Албанија, со свој став излезе и Македонска алијанса за европска интеграција преку Ендрит Фетаху, потпретседател на партијата.
– Јавна тајна е дека, не само во областите Мала Преспа, Гора и Голо Брдо, каде што е најголема концентрацијата на Македонците, а се најсиромашни области во државата, туку и по градовите, како Елбасан, Либраж и други се вршеше невиден притисок од поединци од Бугарија, но и високи личности, како потпретседателката Јотова и амбасадорот во Тирана, преку уцени, поткуп и слично. Македонците беа уценувани дека ако не се попишат како Бугари ќе им бидат отфрлени барањата за добивање бугарско државјанство или ќе им се одземат веќе добиените државјанства, на што поради големата сиромаштија се принудени да аплицираат за да може да заминат во европските земји за обезбедување основна егзистенција – истакна Фетаху.


Сакаш бугарски пасош, оди во Острени, Голо Брдо

Албанската полиција од Булќиза, каде што територијално припаѓа областа Голо Брдо, приведе три лица вработени во административната единица Острени, под сомнение за издавање лажни потврди за бугарско потекло. Апсењето следува по истражувачка сторија „Сакаш бугарски пасош, оди во Острени, Голо Брдо“, во која со глас и слика се покажува колку е лесно да се купи потврда за бугарско потекло во Острени, во областа Голо Брдо, општина Булќиза, независно од вистинското етничко потекло.
Според соопштението на албанската полиција, уапсени се Луан Мјештри (62), администратор на административната единица Острени, Арлин Лимани (33), раководител на секторот за социјални услуги во истата единица, и двајцата жители на Острени, и Фитим Бала (61), жител на Требиште и секретар на Советот на општина Булќиза. Тие се обвинети дека во меѓусебна соработка ја злоупотребиле должноста фалсификувајќи списи од граѓанска евиденција и за парични средства на лица што сакале да аплицираат за бугарско државјанство им давале лажни потврди, со кои потоа тие се пријавувале во здружението „Голо Брдо“ за да добијат бугарски пасоши, наведуваат медиумите, во кои ова е топ тема, имајќи ги превид реакциите на Македонците од оваа област за уцени, закани и поткуп од бугарски претставници за да се изјаснат како Бугари на пописот.
Според последните информации од албанските медиуми, Советот на општина Булќиза треба да одржи седница за да го разреши секретарот Бала, а некои од албанските медиуми исто така посочија дека еден од уапсените, Луан Мјештри, е брат на градоначалничката на Булќиза, Фестиме Мјештри, која и го именувала за администратор на Острени. Уапсените, пред судските органи во Пешкопеја, ќе одговараат за фалсификување документи, злоупотреба на службената должност и пасивна корупција на лица што вршат јавна функција.


Аферата е потврда дека пописот на населението во Албанија помина со многу нерегуларности

Македонска алијанса за европска интеграција, единствената македонска партија во Република Албанија, ја поздрави ангажираноста на албанските новинари за истражувачката сторија во која се потврдува како за пари се издава лажна потврда за бугарско потекло. Ендрит Фетаху, потпретседател на партијата, го пренесе партискиот став нагласувајќи дека последниот настан е само потврда за сите нивни досегашни укажувања за злоупотребите при пописот во Албанија.
– Голема благодарност до новинарите на оваа позната емисија, која досега има откриено низа коруптивни афери. Тоа е уште една потврда на она за што ние редовно предупредувавме, дека пописот во Албанија беше следен од многу проблеми и нерегуларности. Исто така ја поздравуваме и експресната акција на полицијата, која денеска приведе три лица вмешани во овој скандал – рече Фетаху.
Фетаху, кој е син на Кимет Фетаху, еден од најгласните поборници за правата на Македонците во Албанија, а по потекло е од Голо Брдо, го посочува, како што вели, веќе кажаното дека македонската задница во Република Албанија за време на пописот се соочуваше со притисок од страна на поединци и од бугарските институции да не се даваат точни податоци за етничката припадност, што било поддржано и од локални личности.
Тој посочи уште еден проблем, односно дека во текот на пописот, во повеќето случаи, на попишуваното лице не му ги поставувале прашањата што, според Институтот за статистика, не беа задолжителни за одговор – етничка и верска припадност и јазик. Пописот на населението во Република Албанија беше спроведен од 18 септември до 30 октомври, односно до 15 ноември продолжен, но, само за одделени, пред сѐ ридско-планински области. Ендрит Фетаху потсети дека Македонска алијанса за европска интеграција доставила барање до Институтот за статистика во продолжениот рок да биде опфатена и Мала Преспа, зашто голем број семејства не биле посетени, но истото тоа не било прифатено.