Во интерес на вистината, во текот на изминатите три години, откако започна блокадата од страна на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, имало и некои други бугарски интелектуалци што се изјаснувале со реални гледишта за бугарскиот однос спрема Македонија. Но таквите гледишта беа замолчувани и немаа некое поголемо влијание ниту во бугарската политика ниту во општеството и никако не придонесоа за промена на нивната политика спрема Македонија. Според нашите соговорници, има проблесок меѓу бугарските интелектуалци, но вистинската позитивна промена во македонско-бугарските односи може да се случи кога во Бугарија ќе ги прифатат македонскиот народ и македонскиот јазик и култура како посебни, кога ќе ја прифатат различноста од бугарскиот народ
Може ли избликот на гласот на разумот, науката и на интелектуалците во Бугарија да има влијание кога станува збор за македонското прашање
Како разумен излез од апсурдноста во која Софија ги вовлече македонско-бугарските односи, во кои непринципиелно длабоко влезе и самата Европска Унија прифаќајќи ги „бугарските уцени за македонските евроинтеграции легитимирајќи ги како европски“, од порано, но и сега во Бугарија постојат разумни истражувачи, историчари, лингвисти и научници, чија научна мисла се темели на историски факти и вистина.
Тие отпрвин тивко, но сега сѐ погласно препорачуваат соочување на Бугарија со реалноста на постоењето на македонскиот народ, култура, јазик историја… Незатруени со хегемонистичката политика на Бугарија, тие инсистираат на вистината и правдата, како и на почитување на меѓународното право и стандардите за човековите права. Таквата научна мисла што сѐ почесто избликува во бугарската јавност го отфрла анахроното и деструктивно наметнување историски митови за Македонија во градењето на современите политички односи. Сличен став тие изнесуваат и за ефектите од таквата политичка стратегија на Бугарија за отворање бугарски клубови во Македонија со провокаторски имиња на фашистички соработници, кои предизвикуваа револт во македонското општество и логично – зголемен антагонизам спрема таквата бугарска провоцирачка и уценувачка тактика во градењето на билатералните односи со лицемерно изразена намера за „обновување на братството“. Индикативно е што најистурени марионети на таквата бугарска политика се оние од бугарскиот дел на заедничката историска комисија на кои им е даден меѓународноправен легитимитет, врз основа на билатералниот договор да направат ревизија на историската вистина. Тоа е тесно поврзано со блокадата на македонските евроинтеграции, доколку Македонија не ја прифати и имплементира нивната теорија за „братски народи“!?
Научна мисла што го трга превезот на софиското политикантство?
Во така создаден амбиент во напрегнатите билатерални македонско-бугарски односи, изненадувачки ефект на надеж за просветлување на бугарските гледишта има интервјуто на бугарскиот историчар Иван Илчев.
Најпрвин, во врска со најсвежо наметнатиот проблем од бугарска страна, односно околу имињата на здруженијата и бугарските клубови во Македонија, Илчев, инаку член на заедничката Комисија за историски и образовни прашања, смета дека таквото именување е неразумно!
– Кога правиш клуб да го крстиш со име што неизбежно ќе доведе до конфликт, ми се чини дека не е многу разумно… Целосно беше можно тие клубови да се наречат со понеутрални имиња, кои ќе градат мостови, a да не да ги уриваат – вели Илчев.
Тој исто така стои на ставот дека не е убеден дека тоа е вистинскиот пат на градење добри меѓусебни релации и тврди дека „немало дополнително да се заоструваат односите ако биле именувани на пример ’Мост‘, ’Братство‘ или со некои други неутрални имиња“.
Бугарскиот историчар Иван Илчев јавно сугерира ретерирање на некои прапочетни, примордијални елементи што преовладуваат кај бугарската страна.
– Треба да престанеме да се тешиме со илузијата дека тоа е еден братски народ и треба да се однесуваме со Македонија и нејзините граѓани како со суверена, соседна држава, со која имаме некои заеднички интереси и имаме некои проблеми, па треба да ги решаваме на таа основа. Дајте да се откажеме од тие примордијални земни односи, кои преовладуваат кај нас – братство. Какво братство? Мојот род половината е од Македонија. Тоа во денешни дни не значи веќе ништо – вели Иван Илчев во интервју за бугарски медиум.
Проблесок меѓу бугарските интелектуалци во согледувањето и прифаќањето на реалноста и желба за градење разумен билатерален однос
Интервјуто на бугарскиот историчар Иван Илчев, во Македонија на некој начин се восприема како проблесок меѓу бугарските интелектуалци во согледувањето и прифаќањето на реалноста и желба за градење разумен билатерален однос меѓу две соседни земји, според современите меѓународни стандарди. Во интерес на вистината, во текот на изминатите три години, откако започна блокадата од страна на Бугарија за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, имало и некои други бугарски интелектуалци што се изјаснувале со реални гледишта за бугарскиот однос спрема Македонија. Но таквите гледишта беа замолчувани и немаа некое поголемо влијание ниту во бугарската политика ниту во општеството и никако не придонесоа за промена на нивната политика спрема Македонија.
– Каков било изблик на гласот на разумот, науката и на интелектуалците во Бугарија, кога станува збор за македонското прашање, не може да има значително влијание, зашто таму историската наука е во служба на државната политиката. Тоа не е променето од времето на Тодор Живков. Историската наука во Бугарија може да ја знае (и ја знае) вистината, но не може да излезе надвор од државната политика. Таа политика е вградена и во образованието, со кое е создаден еден општествен мит во Бугарија за Македонија и Македонците, од кој не можат да излезат, а науката смета дека нејзината смисла е да го објаснува и поддржува тој мит создаден од државната политика. Едноставно, историчарите ја ставаат вистината настрана и ја оправдуваат државната политика – вели македонскиот историчар Тодор Чепреганов.
Професорот Чепреганов смета дека вистинската позитивна промена во македонско-бугарските односи може да се случи кога во Бугарија ќе ги прифатат македонскиот народ и македонскиот јазик и култура како посебни, кога ќе ја прифатат различноста од бугарскиот народ. Тогаш ќе можат да бидат воспоставени односи на две суверени држави, кои имаат различни државно-историски митови, зашто секоја држава е создадена врз сопствени историски митови.
Бугарија го отфрла од сопствената историја отпорот за нацифашизмот во Пиринска Македонија
– Бугарија одбивајќи да се соочи со фашизмот во нејзината држава за време на Втората светска војна го отфрла и востанието против нацифашизмот од јуни 1941, во Пиринска Македонија, предводено од Никола Парапунов. Рехабилитирајќи ги соработниците на фашизмот во нивната држава, како „жртви на комунизмот“, ова востание и луѓето што учествувале во него ги фрлаат на буништето на историјата, или ги прогласуваат за „комунистичка пропаганда“. Бугарската политика и историска наука се закопани во своите грешки од минатото и не можат да направат исчекор за пообјективен однос спрема Македонија и Македонците во нивното образование. Излезот од таа заблуда, за да се изградат односи на рамноправна сувереност меѓу двете земји, е прво Бугарите да им се извинат на Евреите во Македонија, како и на македонските жртви во времето на бугарската фашистичка окупација во Втората светска војна – вели историчарот Тодор Чепреганов.