И покрај вознемиреноста и реакциите на македонските граѓани, гротескен (и единствен институционален) одговор на ваквите бугарски „герила-акции“ (со кои самите извршители се пофалија на социјалните мрежи) беше оној од ЈП „Комунална хигиена“ дека спомениците минатиот месец биле трипати исчистени?! Македонските институции, веројатно, не ја сфатиле пораката за рибањето и „чистењето на спомениците“, односно дека овде едноставно не станува збор за одржување на „физичката хигиена“, туку за спроведување мерки за наметнување „ментална хигиена по бугарски модел“, со што се сака со нивниот „хигиенски третман“ на националните македонски обележја од колективната меморија на Македонците да се „исчистат“ белезите на македонизмот, настаните, личностите и делата на значајните личности од македонската национална историја…
Дрска и цинична беше најавата од бугарската фондација „Македонија“ за „чистење на спомениците на македонските револуционери во Македонија, зашто локалната самоуправа во земјава не се грижела за нив“!? Тешката провокација беше дополнета со поставување бугарско знаме на споменикот на Гоце Делчев, во Градскиот парк во Скопје. И покрај вознемиреноста и реакциите на македонските граѓани, гротескен (и единствен институционален) одговор на ваквите бугарски „герила-акции“ со кои самите извршители се пофалија на социјалните мрежи беше оној од ЈП „Комунална хигиена“ дека спомениците минатиот месец биле трипати исчистени?! Македонските институции, веројатно, не ја сфатиле пораката за рибањето и „чистењето на спомениците“, односно дека овде едноставно не станува збор за одржување на „физичката хигиена“, туку за спроведување мерки за наметнување „ментална хигиена по бугарски модел“, со што се сака со нивниот „хигиенски третман“ од колективната меморија на Македонците да се „исчистат“ белезите на македонизмот, настаните, личностите и делата на значајните личности од македонската национална историја… Бугарската „герила-акција“, преку чистењето на споменикот на Делчев, ја содржеше пораката дека во Македонија е потребно „чистење на историјата, јазикот и нацијата“, што е повторно идентично на фашистичките восклици на Софија од блиската историја, но и до ден-денешен. Овие провокации, чии никулци се од соседната држава, се со нескриени аспирации за чистење, т.е. „асимилација на Македонија и Македонците“.
Македонската национална историја не е ниту заедничка ниту бугарска
Ден-два по „рибањето на споменикот“ и осамнувањето на бугарското знаме на паметникот на македонскиот револуционер Гоце Делчев, во центарот на главниот град на Македонија, македонскиот дел од мешаната историска комисија со Бугарија ги објави препораките за заедничко одбележување историски личности, како и за интервенции во историските учебници за шесто одделение во основното образование во Македонија (и за петти клас во Бугарија).
Постоењето и функционирањето на самата историска комисија, произлезена од Договорот за добрососедство со Бугарија, се контроверзни од мигот кога беше најавено потпишувањето на овој договор во 2017 година. Контроверзијата потекнува од нејзината намена (која се докажа низ годиниве, а се потврди и со последните препораки) за докажување некаква заедничка македонско-бугарска историја, со нескриени тенденција и притисок од Бугарија за изнудување македонско признание дека „заедничка историја“ значи „само бугарска“. Во последните препораки до владите (на Македонија и на Бугарија) на македонскиот дел од комисијата за заедничко чествување на сесловенските светители Кирил и Методиј, како и на македонските Свети Климент и Наум, па и на царот Самуил, (историски личности од 9 и 10 век), македонскиот дел од комисијата практично ја признава нивната бугарска историска припадност. Во македонската граѓанска и политичка јавност, надвор од структурите на власта, овие препораки на комисијата се доживуваат како своевидна дозвола за бугаризација на македонската историја и идентитетот на македонскиот народ и предизвикуваат реакции на револт.
– Одредениот континуитет на бугарски провоцирачки дејства во Македонија, пред објавувањето на одлуките, односно препораките за заедничко чествување историски личности и настани од македонскиот дел на мешаната историска комисија со Бугарија, остава простор за заклучокот дека можеби и самата комисија е дел од целиот тој процес на агресивна провокација, која има цел бугаризација на Македонија и Македонците. Временското совпаѓање на сите овие акции наведува на препознавање аргументи дека комисијата може да е дел од процесот на формирање бугарски клубови во Македонија со имиња на фашистички колаборационисти, па и на акциите за „чистење“ на македонските споменици до точката на нивно преобразување во дел од бугарската историја. Бизарна метафора, која, за жал, покажува на кој начин ќе се движи понатаму работата на македонскиот дел од историската комисија со Бугарија. Јасно е дека целта на постоењето и работата на самата комисија води до политичко самоубиство на македонскиот народ, со принуда на членовите на македонскиот дел од комисијата да кажат и да признаат дека Македонците имаат бугарска историја – вели историчарот Тодор Чепреганов од Институтот за национална историја.
Во историската наука не постојат факти што нѐ прикажуваат како Бугари
Професорот Чепреганов истакнува дека препораките и одлуките што ги дава македонскиот дел од историската комисија се некомпетентни и необврзувачки за ниту еден историски научник, зашто самата комисија е некомпетентна бидејќи во неа нема ниту еден член што научно работел на средновековниот период, на кој се однесуваат препораките.
– Комисијата има задача од политиката да донесе одлуки што се политички опортуни, но во историската наука такви факти не постојат. Сепак, политички, преку комисијата назначена од Владата, Министерството за образование и наука, односно Бирото за развој на образованието ќе изработи учебници со кои ќе ја менува колективната меморија на децата, ученици во шесто одделение. Дури и само две-три генерации да учат дека Самуиловото Царство е бугарско, тоа е дисквалификација на македонската историска наука за средновековието и наметнување научни невистини во македонското образование заради некакви негарантирани политички придобивки – вели професорот Чепреганов.
Како предизвик за заедничкото чествување на светителите Кирил и Методиј, нивните ученици Климент и Наум Охридски, професорот Чепреганов го поставува прашањето – како чии историски личности заеднички ќе ги одбележуваме. Никако не смее да се пренебрегне тенденциозниот процес во бугарската наука во спрега со политиката, дури и на сесловенските просветители Кирил и Методиј да им става бугарски предзнак, иако историски тие немаат никакви допирни точки со бугарската држава од деветтиот век, кога и самите живееле и дејствувале.
– Македонскиот дел од историската комисија никако и никогаш не се консултирал со тие историчари што го работат и истражуваат средниот век. Во комисијата едноставно некритички се прифаќа бугарскиот наратив, кој ги присвојува просветителите, кои имаат поширок сесловенски карактер. Бугарија покажува аспирации за присвојување на целото словенско просветителско наследство, а македонската историска комисија го прифаќа тоа како политички опортуно, давајќи дозвола не само за бугаризација на Македонија и Македонците туку и легитимитет за понатамошна бугаризација на целото словенско културно наследство во Европа и во ЕУ – смета професорот Чепреганов.