По повикот на Премиерот Мицкоски Македонците да добијат претставник во бугарскиот Комитет за малцинства

  •  Она што во моментот е позиција на официјална Софија е непризнавање на македонскиот идентитет, јазик и историја, непризнавање на постоењето на македонското малцинство во Бугарија, неспроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, но инсистирање за впишување на граѓаните со бугарска самосвест во македонскиот устав
  •  Тоа е позиција на класичен ултиматум бидејќи за да има реципроцитет или нешто блиску до реципроцитет, треба и бугарската страна да понуди нешто за возврат. Со новата резолуција на бугарскиот парламент очигледно е дека властите во Софија не помислуваат на такво нешто

Решавањето на отворените прашања помеѓу две држави секогаш подразбира реципрочен однос, односно она што се бара од едната, тоа да го направи и втората страна како единствен начин од процесот да се излезе без победници и поразени, туку со решение што ќе значи трајно надминување на разликите и отворање простор за поблиска соработка необременета со никакви хипотеки од минатото.
Тоа е она на што во последниот период инсистира македонската страна, односно барањето на Бугарија за внесување на македонските граѓани со бугарска самосвест во македонскиот устав да биде проследено со сличен потег од бугарска страна.
Она што во моментот е позиција на официјална Софија е непризнавање на македонскиот идентитет, јазик и историја, непризнавање на постоењето на македонското малцинство во Бугарија, неспроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, но инсистирање за впишување на граѓаните со бугарска самосвест во македонскиот устав.
Тоа е позиција на класичен ултиматум бидејќи за да има реципроцитет или нешто близу до реципроцитет, треба и бугарската страна да понуди нешто за возврат. Во моментот бугарските власти не помислуваат на такво нешто.

Мицкоски повикува на реципрочни постапки, потези, дејствување, мерки…

Премиерот Христијан Мицкоски, на завчерашната собраниска седница за пратенички прашања, испрати недвосмислена порака до официјална Софија дека политиките на безусловно прифаќање на сето она што доаѓа однадвор се минато и дека Бугарија треба да направи реципрочен чекор ако бара уставни измени во една суверена земја.
– Не знам дали сте знаеле, ама во Бугарија има Комитет за малцинства во кој членуваат претставници на Роми, Турци, Ерменци. А ние Македонците, кои имаме 14 пресуди во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, не заслуживме место во тој комитет, а тие заслужија место во нашата преамбула. Додека не видам таму Македонец што е дел од тој комитет, нема ни милиметар да мрднам додека сум премиер – порача Мицкоски.
Тој рече дека актуелната влада изработува стратегија како да го надмине овој предизвик, но без да се отвораат нови барања и отстапки.
– Кога го имате овој факт, седнувате како влада и правите стратегија. Гледате што добиваат граѓаните и државата. А кога министерот за надворешни работи на источниот сосед ќе каже дека ова е само почеток, а не крај на барањата, тогаш е јасно дека мора да се размислува државнички – истакна Мицкоски.
Ваквите изјави на премиерот, но и на претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, одат во насока на новата проактивна македонска надворешна кампања, која има цел, меѓу другото, да го промовира и концептот на двонасочна улица, односно кога една земја бара отстапки од друга, треба да биде подготвена за реципрочен однос што подразбира и таа да преземе слични чекори. Во случајот Македонија излегува со поскромни барања за разлика од оние на Бугарија, па инсистира само на вклучување претставник на македонското малцинство во Бугарија во Комитетот за малцинства во таа земја во кој веќе членуваат претставници на други малцинства во соседна Бугарија, но не и на македонското.

Аналитичари: Добра можност Бугарија да покаже дали го почитува владеењето на правото

Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, е на ставот дека барањето за вклучување македонски претставник во Комитетот за малцинство во Бугарија е сосема легитимно.
– Ако Бугарија е членка на ЕУ, го почитува владеењето на правото, го почитува Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, нивните судови што се задолжени за некои одлуки на Судот во Хаг и на Судот за човекови права во Стразбур и кои на некој начин се претставници на европското право, тогаш би требало да ја регистрираат како граѓанска организација ОМО „Илинден Пирин“ и ако се случи тоа, тогаш тие автоматски стекнуваат право еден човек да влезе во Комитетот за меѓуетнички односи во Бугарија како што се Турците, Ромите и Ерменците. И тоа е нормално, легитимно и би рекол многу мала отстапка во смисла што ете и Бугарија, со помош на нашите заложби, се приклонува кон она што претставува владеење на правото – вели Ѓорчев.
Според него, сосема е легитимно Бугарија, која постојано има проблеми со владеењето на правото и во делот на правосудните органи и во делот на нивните судови што не го почитуваат судовите за човекови права, македонското барање да наиде на поддршка во европските институции.
– Се надевам дека нашето инсистирање ќе наиде на поддршка во сите европски институции и во Европскиот парламент и во Европскиот совет. На ниво на лидери можеби и нема да наиде на поддршка, но на ниво на оние што се службеници што се задолжени да соработуваат со Европската комисија во делот на човекови права и граѓански слободи, тоа не може да не биде оквалификувано како добар потег од наша страна и сосема е легитимно да биде еден вид рамнотежа во смисла, еве ние сакаме да излеземе во пресрет на вашето барање како држава да ги ставиме граѓаните со бугарска самосвест во нашиот устав, доколку вие излезете во пресрет на нашето барање како држава и да вклучите претставник на македонското малцинство во Комитетот за малцинства. Тоа треба да биде реципрочниот однос, оти со сите отстапки што ги направивме, промена на име, знаме, ние не можеме да влеземе во ЕУ како територија, со поделен суверенитет, без идентитет на национална држава. Во тој контекст нашето барање е сосема издржано, ускладено со европските закони, а основата е дека ние се потпираме врз владеење на правото како врвен инструмент со кој европскиот закон им се наложува и на членките на ЕУ, но и на земјите кандидати. Нашата позиција е многу цврста, немаме слаби точки, се повикуваме на европскиот закон, на меѓународниот суд за човекови права, на статутот на ОМО „Илинден Пирин“, така што не само што ќе се залагаме да имаме претставник во Комитетот за малцинства во Бугарија туку на тој начин ќе имаме претставник и во телото за малцински прашања во Советот на Европа, каде што има веќе претставник од Виножито, кој ги застапува правата на македонското малцинство на северот на Грција. Тоа е голема придобивка за нас – истакнува Ѓорчев.
Тој додава дека ако се надминат недоразбирањата на реципрочна основа, тогаш се отвора можност за засилена меѓусебна соработка без никакви пречки.

Бугарија не е подготвена за реципрочен позитивен одговор

Дипломатот во пензија Драган Јањатов истакнува дека е добро што Македонија покажува проактивност во овој период во обид да се надмине пречката во евроинтеграциите, но истовремено потенцира дека многу работи ќе бидат појасни по одржувањето на состанокот на Советот на ЕУ во јули.
– Бугарите нема ништо да прифатат, а најмалку позитивен реципроцитет. Тие ќе почекаат да видат какви ќе бидат заклучоците на Европскиот совет, па од тоа ќе решаваат како ќе настапат. Изјавата на премиерот беше мошне категорична, така што не можеме да исклучиме дека има некаков договор да се реши тоа прашање. Сега сѐ зависи како ќе притиснат врз Бугарија – вели Јањатов.
Според него, сојузот меѓу Бугарија и Грција повторно ќе избие во преден план, кои заеднички ќе лобираат низ Европа да не се случи одблокирање на македонските евроинтеграции.
– Ќе потрае ова, нема да се случи многу бргу, но добро е што сепак се движат работите. Македонија не треба да измислува некои нови услови оти тоа нема да ѝ оди во прилог. Треба да бидеме стабилни во нашите ставови и да знаеме точно што сакаме и да не се пазариме. Ќе биде тешко, Бугарите нема да потклекнат, ќе ги впрегнат сите сили. Да видиме како ќе помине целата работа во Советот на ЕУ во јули, но има можност и на самитот на НАТО во Хаг да се придвижат некои работи – заклучува Јањатов.