Односите помеѓу МПЦ и БПЦ беа обременети и од општата клима во бугарското општество и постојаните негирања на македонските особености – јазик, култура, историја итн. Познавачите на состојбите нагласуваат дека синодот на Бугарската православна црква (БПЦ) треба да се дистанцира од бугарскиот радикален национализам и да преземе чекор во вистинска канонска насока, односно како што регистрира црковната историографија, да ја признае МПЦ како наследник на Охридската архиепископија и Јустинијана Прима. Ставот дека станува збор за „Православната црква во Република Северна Македонија“ само дополнително ќе ги влоши односите помеѓу двете цркви, но и односите помеѓу двата народа. Наместо да се стреми кон обединување на православните, БПЦ предизвикува раздор
Наместо да се стреми кон обединување на православните, БПЦ предизвикува раздор
Бугарските црковни кругови и понатаму ги негираат корените на Македонската православна црква (МПЦ), односно и понатаму ја именуваат како „Православна црква во Република Северна Македонија“. Повеќемина наши соговорници велат дека ваквиот став на Бугарската православна црква (БПЦ) ги оптоварува односите помеѓу двете цркви и предизвикува духовен раздор. Синодот на Бугарската православна црква (БПЦ) треба да се оддалечи од доминантниот наратив во бугарското општество, наратив што ги негира националните особености на македонскиот народ, но и неговата духовна и културна традиција низ вековите. Време е синодот на Бугарската православна црква да покаже разумност и да подаде рака кон претставниците на МПЦ, а тоа може да се случи единствено доколку се признае духовното наследство на МПЦ преку Охридската архиепископија. Некои од познавачите на оваа проблематика велат дека е можно да дојде до промена на одредени ставови на синодот на Бугарската православна црква по изборот на Данаил Видински за нов бугарски патријарх.
Се признава автокефалноста на МПЦ, но не и нејзините корени, идентитет,
име и духовно наследство
Политичките интриги, пренагласеноста на историзмот и шовинизмот сѐ уште се пречка за целосно нормализирање на односите помеѓу Македонската православна црква (МПЦ) и Бугарската православна црква (БПЦ). Ова беше повторно забележливо при чинот на изборот на новиот бугарски патријарх Данаил Видински, кога претставниците на МПЦ беа именувани како делегација на „Православната црква во Република Северна Македонија“. Нашите соговорници велат дека ова именување е во согласност со досегашниот став на синодот на Бугарската православна црква (БПЦ) да се признава автокефалноста на МПЦ, но не и нејзиниот континуитет низ вековите (име, идентитет, историја и духовно наследство).
Во бугарските црковни кругови досега доминираше едно разбирање за карактерот на Македонска православна црква (МПЦ), односно дека станува збор за нова црква што нема корени во минатото и нема никаква поврзаност со Охридската архиепископија и Јустинијана Прима. Бугарската православна црква (БПЦ) досега нагласуваше дека таа е правен наследник на Плисковската архиепископија, Преславската патријаршија, Охридската архиепископија, Трновската патријаршија и Бугарската егзархија.
– Дополнително на ова, односите помеѓу МПЦ и БПЦ беа обременети и од општата клима во бугарското општество и постојаните негирања на македонските особености – јазик, култура, историја итн. Познавачите на состојбите нагласуваат дека синодот на Бугарската православна црква (БПЦ) треба да се дистанцира од бугарскиот радикален национализам и да преземе позитивен чекор, односно да ја признае МПЦ како наследник на Охридската архиепископија и Јустинијана Прима. Ставот дека станува збор за „Православна црква во Република Северна Македонија“ само дополнително ќе ги влоши односите помеѓу двете цркви, но и односите помеѓу двата народа. Наместо да се стреми кон обединување на православните, БПЦ предизвикува раздор – велат нашите соговорници.
Можна е промена на официјалниот став на БПЦ?!
Некои познавачи на оваа проблематика нагласуваат дека со изборот на Данаил Видински за нов патријарх постои можност да дојде до промена на позициите на БПЦ кон Македонската православна црква (МПЦ). Дека има нови позитивни ветришта беше забележливо и во говорот на новоизбраниот бугарски патријарх Данаил при неговото устоличување. Данаил Видински во својот говор ја истакна чистотата на верата на преславскиот и турновскиот патријарх, како и пастирската грижа на Бугарската егзархија. Очигледно беше неспомнувањето на Охридската архиепископија и охридските архиепископи.
– Пример што треба да го следиме ќе биде неуморната работа во евангелизмот и храброста да се заштити чистотата на верата на преславскиот и турновскиот патријарх, особено патријархот Свети Евтимиј – совршен имитатор на Добриот Пастир, кој ја положи својата душа за овците (Јован 10,11), како и на поглаварите на нашата црква по возобновувањето на нејзината независност пред Бугарската егзархија, кои со својата храброст и пастирска грижа до степен на саможртва за своето духовно стадо придонесоа за зајакнување и навремено враќање на патријаршиското достоинство на нашата црква – рече бугарскиот патријарх Данаил Видински при неговото устоличување.
Нашите соговорници велат дека иако Данаил Видински во својот говор претставниците на МПЦ ги именува како претставници на „Православната црква во Република Северна Македонија“, во согласност со сѐ уште официјалниот став на синодот на БПЦ, но неспомнувањето на Охридската архиепископија и охридските архиепископи како бугарски, тоа од негова страна може да се оцени како позитивен исчекор?!
– Конечно доживеавме некој бугарски веродостојник да не нѐ присвојува, можеби ова е добар знак. Некој признава дека сме наши на нашето – рече аналитичарот Сотир Костов. Д.Ст.
Кон кого ќе натежне Данаил Видински – кон Руската или кон Вселенската патријаршија?
„Исклучително лош ден за Бугарската православна црква!“ Со овие зборови игуменот на Гигинскиот манастир го коментираше изборот на митрополитот Данаил Видински за нов бугарски патријарх. Отец Никанор најави дека ќе поднесе барање да ја напушти црквата и да се посвети на монаштвото на Света Гора.
– За мене човекот што е избран за бугарски патријарх ги нема потребните квалитети за таков човек. Позициите што ги одржува како епископ, неговите чисто црковни позиции, не одговараат на црковното учење на Бугарската православна црква. Неговите морални позиции, со кои практично ја оправда руската агресија во Украина, за мене ги надминуваат границите на современиот човечки морал. На чело на Бугарската црква стои човек што оди во поинаков правец од оној по кој оди Бугарија – рече отец Никанор.
Данаил етикетиран како руски човек, но вселенскиот патријарх му дојде на интронизацијата
Борба на Руската православна црква и Цариградската патријаршија за превласт во Бугарската црква
Патријархот Вартоломеј во својот говор при устоличувањето на новиот бугарски патријарх истакна дека Источната православна црква не страда од историцизам.
– Историјата беше бурна и полна со немири. Односот меѓу нашата Константинополска црква и Бугарската црква е конфликтен и болен. Но историското минато не може да биде критериум за црковниот живот. Тоа нè учи историјата. Кој не учи од несреќите на историското минато, неминовно ќе трпи последици во иднина – рече патријархот Вартоломеј.
Цариградската црква, како универзална мајка и воспитувач на сите православни цркви, одела и ќе оди со постојана верност без да го напушти својот посебен товар и да ја занемарува историјата.
– За жал, денес некои православни браќа развиваат полемика против одговорностите на архиепископот Цариград. Одговорностите на Цариградската црква биле утврдени од светите вселенски собори, односно од самиот Свети Дух. Ова животворно искуство на црквата го носиме овде. Ги поздравуваме едногласноста во чинот и поканата на устоличување, што се случува за првпат – нагласи цариградскиот патријарх.