Фото: Маја Јаневска-Илиева

Анализа: За етничкото потекло на Бугарите, научните факти за тоа и за бугарските неосновани тврдења кога го негираат македонскиот идентитет

  • Дилемите на Бугарите за нивното сопствено етничко потекло и јазик денес се дел од главните причини зошто тие посегаат по македонскиот идентитет, јазик и историја: бидејќи сѐ уште немаат осознаено што се и кои се, од кај се по потекло, па сето тоа го „разјаснуваат“ крадејќи ги идентитетот, јазикот и историјата на Македонците, кои се присутни на Балканот многу векови пред да дојдат на овие територии предците на денешните Бугари…
  • Кога ќе успее некој да ги помеша водата и огнот, тогаш Македонците и Бугарите ќе станат „един народ“! Бугарскиот народ сѐ уште нема свој оформен искристализиран национален идентитет, бидејќи ферментацијата, созревањето на слоевите на националниот идентитет трае многу векови. Бугарите имаат „комплекс на неосознаен етнички и лингвистички идентитет“, големи дупки и празнини во конструкцијата на својот национален и јазичен идентитет

Апсурдна е големата настојчивост на бугарските политичари и научници да го докажат „бугарскиот карактер“ на македонскиот народ и јазик, што се случува не само денес туку во континуитет повеќе од еден век. Имајќи ги предвид сите научни факти и аргументи, така да се изразиме, дури и смешни се обидите на бугарската копија да му го негира постоењето на македонскиот оригинал. Наместо да развива вистинско и заемно корисно добрососедство со Македонија, официјална Софија се обидува да го докаже недокажливото.

„Бугарите се плашат да не се открие дека се братучеди со Турците“

Кои се и кои не се Бугарите? Од каде е или од каде не е нивното потекло? На ова прашање до ден-денес немаат јасен и конечен одговор самите бугарски научници, и тоа оние најелитните – нивните академици, а на прашањето „Кои се Македонците?“ сепак уште од пред еден век имаат „јасен одговор“: „Македонците се Бугари“.
Универзитетскиот професор Пламен Цветков, доктор по историски науки, кој работел едно време и во Институтот за историја при Бугарската академија на науките, има дадено интервју за „Дојче веле“, објавено на 4.9.2011 година, под наслов „Бугарите имаат историски комплекс на ниска вредност“. „Дојче веле“ ја пренесува следнава констатација, произлезена од ставовите на Цветков: „Комплексите на Бугарите ги обременуваат историските сеќавања – митовите, легендите и сомнителните икони им ја пишуваат историјата“. Поставувајќи го прашањето „Какви Словени се Бугарите?“ и објавувајќи карикатура со натпис „Бугарите се плашат да не се открие дека се братучеди со Турците“, натаму во интервјуто „Дојче веле“ го цитира историчарот Цветков: „Историското сеќавање на Бугарите во голема мера е обременето од комплексот на ниска вредност. Кај секого од нас е вкоренет страв да не се открие дека сме роднини, ‘братучеди’ на Турците!“

„Македонскиот комплекс“ кај Бугарите

Истражувањата што ги вршел авторот на овој текст низ научната литература за потеклото на денешниот бугарски народ и јазик, поврзано со општата теорија и практика на идентитетот, укажуваат дека кај Бугарите можеби постои не некаков неодреден „комплекс на ниска вредност“, туку своевиден „македонски комплекс“, односно „комплекс на неосознаен идентитет“ во однос на Македонците. Колку повеќе „јуришаат“ Бугарите на македонскиот идентитет, на македонскиот јазик и на македонската национална историја, толку повеќе се неуспешни нивните обиди со „македонскиот материјал“ да ги пополнат големите и длабоки „дупки“ во нивниот идентитет.
Бугарите сѐ уште немаат осознаено ниту кои се по потекло ниту од каде дошле на Балканот. Тие се потонати во „етничко-лингвистичка магла“ и продолжуваат да талкаат, барајќи се себеси низ распаќето на историјата на Евроазија. Колку и да се крадат од Македонците песни, обичаи, јазик, идентитетски елементи, сепак, не може сосила да се исконструира „идентитетски стокмен Бугарин“, користејќи го Македонецот како основа. Ниту може Македонецот да се престори Бугарин, да се измеси како „бугарско тесто“. Кога ќе успее некој да ги помеша водата и огнот, е тогаш Македонците и Бугарите ќе станат „един народ“!
Бугарскиот народ сѐ уште нема свој оформен, искристализиран национален идентитет, бидејќи ферментацијата, созревањето на слоевите на националниот идентитет трае многу векови. Бугарите имаат „комплекс на неосознаен етнички и лингвистички идентитет“, големи дупки и празнини во конструкцијата на својот национален и јазичен идентитет.
Светски угледната „Енциклопедија британика“ нагласува: „Бугарите се народ, кој е сѐ уште предмет на академски спор во однос на нивното потекло (турско или индоевропско), како и за нивното влијание врз етничката мешавина и јазикот на денешна Бугарија“.

Бугарите како „мешани етнолингвистички луѓе“ немаат никаква врска  со Македонците и македонската историја и идентитет

Бугарскиот историчар, етнолог и филолог Веселин Бешевлиев, член на Бугарската академија на науките и уметностите, е еден од нивните најголеми научни авторитети за потеклото и најраната историја на Бугарија и Бугарите. Во својата широко цитирана научна студија со наслов „Првобугарски натписи“ за својата држава и народ има напишано: „Туркобугарското племе Оногундури, кое ги напуштило своите животни простори околу Меотидско Езеро (денешно Азовско Море) и реката Куфис (денешен Кубан, во Русија) и дошло на балканскиот простор, основало во 681 година своја нова држава во денешна Североисточна Бугарија и Добруџа. Основачите Оногундури, кои, за разлика од сегашните Словени-Бугари, се означуваат како Првобугари, Прабугари или Туркобугари, имале раководна улога во државата до околу 11 век“.
Во книгата за „потрагата на Бугарите по прататковината“, Пламен В’лов го цитира бугарскиот академик историчар Васил Ѓузелев, кој нагласува: „Прататковината на таканаречената туркоалтајска заедница, кон која припаѓаат не само Прабугарите… е источен Казахстан, од каде што започнува нивното патување кон запад…“..
Според Ѓузелев, „прабугарскиот јазик во натписите и други паметници е во основата турски-алтајско-турски јазик со ирански заемки како вторични слоеви“.
Во научниот труд „Словените, Турците Индоиранците во раниот среден век“ – јазични проблеми на бугарската етногенеза“, тракологот-историчар Стефан Јорданов вели дека „’тракиската’ и ‘словенската теорија’ за етнојазичната припадност на Прабугарите немаат приврзаници во научната јавност“.
Но Јорданов прифаќа можности „Прабугарите да биле Туркоалтајци, Финоугри, Сарматоалани или мешани етнолингвистички луѓе“.
Исто така, и уште еден врвен бугарски научен авторитет го отфрла митот дека Бугарите се Словени по потекло. Академикот професор по медицински науки Ангел Галабов во едно интервју го прави следното разликување: „Прабугарите ги одредуваа гените на нашиот народ, а не Словените. Прабугарите го дале името Бугарија и тие се носители на нејзината државност, цивилизација“.

Македонците немаат потекло од иранските или турските степи, од просторите на Прабугарите

Е, сега, каква етничко-идентитетска поврзаност и „заедничкост“, каква „заедничка историја“ имаат Македонците со Оногундурите, со Туркоалтајците, со Сарматоаланите или што и да биле Бугарите првично? Каква врска и „заедничкост“ има македонскиот јазик со туркобугарскиот јазик, со прабугарскиот или што и да бил првичниот бугарски јазик? Имајќи го ова предвид, како е можно македонскиот јазик да бил дијалект или „расипана норма“ произлезена од бугарскиот јазик?!
Дилемите на Бугарите за нивното етничко потекло и јазик денес се дел од главните причини зошто посегаат по македонскиот идентитет, јазик и историја: бидејќи сѐ уште немаат осознаено што се и кои се, од кај се по потекло, тие сето тоа го „разјаснуваат“ крадејќи ги идентитетот, јазикот и историјата на Македонците, кои се присутни на Балканот многу векови пред да дојдат во него предците на денешните Бугари. Македонците немаат потекло од иранските или турските степи, од азиски или други простори како Прабугарите. Македонците како народ настанале пред околу три илјади години на простори илјадници километри подалеку од прапределите на бугарскиот народ. Македонците немаат турско-алтајски, ирански или други лексички слоеви во македонскиот јазик.
Вистината во врска со соодносот меѓу Бугарите и Македонците треба да се бара во целосно обратна насока: откако дошле на Балканот, во следните векови од нивниот етнојазичен развој Бугарите започнале делумно да се словенизираат, а потоа и да се македонизираат преку контактите со македонскиот етнос. Македонците влијаеле врз денешните Бугари, а не Бугарите врз Македонците! Во голема мера Бугарите се етнојазична копија на македонскиот оригинал!
Поткрепа на претходните факти дава и Хрватот Ватрослав Јагиќ, еден од најголемите слависти во 19 и 20 век, професор по словенска филологија во Одеса, Берлин, Петербург и Виена. Во своето дело „Историјата на книжевностите на хрватскиот и српскиот народ – стара доба“ од 1867 година Јагиќ го објаснува доаѓањето и преплавувањето на Балканот во 7 век од страна на Прабугарите. „…азијатските Бугари го преплавија Балканот преку Дунав…; им се рашири државната власт низ Балканот, низ Македонија и Тракија. Кога македонско-словенскиот јазик преовлада со целата бугарска држава, тие му дадоа државно име, нарекувајќи го јазикот бугарски“, нагласува Ватрослав Јагиќ.

„Егејска Македонија е трезорот на македонскиот идентитет“ – таму настанале денешниот македонски народ и јазик

За да ја расветлиме со научни аргументи разликата меѓу Бугарите и Македонците, се осврнуваме и на прашањето: Кои се Македонците, каде настанал нивниот етнос, идентитет и јазик? Денешниот македонски народ со својот македонски јазик и сите други свои познати идентитетски обележја се создавал и се развивал почнувајќи од антиката, преку средновековието, до денешни дни, вклучувајќи ги тука и постапните процеси на етничко мешање, македонизирање на Словените и словенизирање на Македонците.
Професорот Илија Велев прецизно укажува: „…веќе од 80-тите години на 6 и низ целиот 7 век се извршила словенската колонизација и на просторот на Македонија. Домородното, веќе христијанизирано македонско население, …дошло во ситуација да се вклучува во етничка симбиоза со словенските доселени племиња …а по извесно време постапно станувало двојазично“.
Современиот македонски јазик низ милениумите и вековите е создаван и развиван низ процесите на сложена двокомпонентна (дводелна) античкомакедонска и словенска етногенеза (создавање на народот) и лингвагенеза (создавање на јазикот). Денешниот македонски јазик ги има своите почетоци во најраната историја на македонската етногенеза. Засебниот и автентичен античкомакедонски јазик го говорел засебен и автентичен народ – Античките Македонци.
Притоа, денешната македонска нација е директен наследник на древномакедонскиот етницитет – оваа непобитна научно поткрепена констатација произлезе од обемните високопрецизни научни компаративни истражувања на реномираниот институт за генетика „Игенеа“ („iGENEA“) од Швајцарија. Студијата за генетско мапирање на Европа, изработена од овој институт, недвосмислено ја потврди и прецизно ја дефинира генетската припадност на денешните Македонци. Македонците во својот генетски профил го покажаа своето директно потекло од Античките Македонци: нивните гени учествуваат во гените на денешниот македонски народ со највисоки 30 проценти. Според оваа студија, Грците имаат само пет проценти во својот генетски профил од Античките Македонци. Резултатите од студијата беа објавени во 2008 година на веб-страницата на „Игенеа“.
Постои и второ меѓународно генетско истражување, кое ја покажува и ја докажува директната врска меѓу денешната генетика на македонскиот народ и генетиката на Античките Македонци. Професорот Антонио Арнаиз-Вилења од Катедрата за имунологија и молекуларна биологија на Универзитетот „Комплутенсе“ од Мадрид, Шпанија, со уште девет други меѓународни автори, меѓу кои тројца Македонци, објавил научен труд под наслов „ХЛА гени кај Македонците и супсахарското потекло на Грците“ во 2001 година. Во заклучниот дел од тој научен труд пишува: „За HLA генотипските и филогенетски пресметки бил користен примерок од крв од 172 Македонци од Скопје од Институтот за трансфузија од Скопје, кои не се меѓусебно поврзани како роднини. Сите биле родени говорители на македонскиот јазик и нивните предци не припаѓале на некоја малцинска група од Република Македонија. Нашите резултати покажуваат дека Македонците се поврзани со другите Медитеранци и не покажуваат блиски односи со Грците… Ова ja поддржува теоријата дека Македонците се еден од најстарите народи што постојат на Балканскиот Полуостров, веројатно многу пред пристигнувањето на Микејските Грци околу 2000 година пред нашата ера. … Културниот, историскиот и генетскиот идентитет на Македонците се утврдува според нашите резултати“.
Не само генетските истражувања туку и јазичните лексички и други научни споредбени истражувања ја покажуваат директната поврзаност меѓу современиот македонски јазик и јазикот на Античките Македонци. Денес се зачувани и познати само околу 150 античкомакедонски глоси (зборови, изрази), но постојат сознанија и од извесен број антички извори за зборовите и изразите од античкиот македонски јазик. Меѓу нив е и Лексиконот, односно Речникот на Хесихиј Александриски од 5 век, кој содржи околу 700 збора и имиња, како и „Суда“ – обемната византиска историска енциклопедија на древниот средоземноморски свет од 10 век. Овие извори содржат античкомакедонски зборови, кои имаат распознатлива слична или речиси иста форма и во современиот македонски јазик.
Античките Македонци постелата на ногалки ја нарекувале крават(ос), што е слично како денешниот збор кревет; бранот го означувале со зборот далаган, што е слично со нашиот збор далга; за води го користеле зборот веди; за гранка велеле гаркан; за глава – гавалан; за гуде – готан; за клинец (ексер) велеле ескор; за аргати велеле еркети; за водач на војската имале збор тшелнику, што е речиси идентично и со современиот збор челник. Античкомакедонскиот збор дарвлос има директно значење на денешниот македонски збор дрво. Постојат и повеќе други вакви примери.
Денешниот македонски јазик, иако е со највисок процент балканизиран јазик, ја задржал својата жива и непрекината врска со античкомакедонскиот јазик, што се согледува не само од зачуваните, иако скудни лексички извори, туку и кога се имаат предвид и обичаите, легендите, зачуваните поетско-прозни записи, традициите.
Сите наведени научни истражувања од бугарски, македонски и други меѓународни истражувања и научници немаат никаква цел да предизвикаат негативен поглед кон Бугарите како народ денес. Целта е сосема поинаква: да се посочи дека е бесмислено чие било негирање или омаловажување, било на сметка на едниот, било на сметка на другиот народ. Иднината на Балканот набрзо ќе завлезе во етапа кога ќе се гради со многу поголема упатеност на народите меѓу себе, врз нивното заемно признавање, почитување и соработка, врз принципите на вистинското и заемно корисно добрососедство. Не може да има и ниту ќе има иднина на Балканот со одрекување на постоењето на македонскиот народ, на македонскиот јазик, историја и култура.

Свето Тоевски