Во анкетата спроведена од редакцијата, безмалку никој не беше против внесувањето други малцинства во Уставот, вклучувајќи ги и Бугарите, но уставната формула за продолжување на евроинтеграциите е „рафинирање на концептот на македонскиот устав во национален и со давање јасен статус на македонскиот народ како носител на државноста“! А токму и формулата за европската перспектива на Македонија е содржана во европските стандарди за уставноста: Македонија како национална држава на македонскиот народ и еднакви граѓански права на сите малцинства во неа! Тоа значи нема „два (државотворни) народа“, нема „делови од народи“, нема „етникуми“, ниту поделба меѓу повеќе носители на сувереноста, унитарноста и интегритетот во која било смисла за македонската држава
Истражување на јавното мислење, спроведено од редакцијата на „Нова Македонија“, поврзано со иницијативите за измена на Уставот
Предизвикот на уставните измени, односно „потрагата по пратенички гласови“ до двотретинско мнозинство од 80 гласа, се чини дека сѐ повеќе виси како Дамоклов меч во македонскиот политички амбиент. Барањето од францускиот предлог за преговарачката рамка на ЕУ за Македонија да бидат внесени Бугарите во македонскиот устав, за да се одржи втората меѓувладина конференција и да почнат преговорите, во овој политички миг во државава станува сѐ појасна иницијација за нова беспотребна поларизација, на некакви „проевропски и антиевропски сили“, наместо визионерски да се пренасочи во „кохезија на главните политички партии на власта и опозицијата во однос на општествената реалност и состојба на мнозинството што има статус на народ во Македонија, имено македонскиот народ!“
Да не се создава замаглена слика
Имено, аналфабетското претставување на предизвиците со измена на Уставот се сведе на: „Бугари во Уставот – еднакво на проевропски“, сите други со „дополнителни прашања и услови – антиевропејци“!? Тој нестручен, неупатен, правно неписмен и политички и национално самоубиствен приод создаде контекст наречен „сфумато“ (маглива или зачадена слика) во јавноста за прашања што го засегаат најмногу македонскиот народ како носител на државноста во Македонија.
Токму тоа беше мотив за едно ентузијастичко истражување на јавното мислење, спроведено од редакцијата на „Нова Македонија“, во неколку града во Македонија: Скопје, Струга, Охрид, Велес, Гевгелија…
На првото прашање во телефонската анкета (во која до заклучувањето на денешниот број беа опфатени 757 испитаници): „Дали сте против внесувањето на Бугарите и други малцинства во македонскиот устав и поради кои причини“, според првите анализи, речиси 95 отсто од прашаните граѓани се изјаснија дека немаат предрасуди околу внесувањето на малцинствата, вклучувајќи ги и Бугарите, во највисокиот правен акт на Македонија.
Меѓутоа, во понатамошната експликација на своите гледишта (на прашањето дали имаат нешто сами да додадат на својата искажана определба, односно нешто дополнително како забелешка на својот став и констатација, без наше насочувачко прашање), без исклучок од анкетираните се истакнуваше дека „ако Уставот се дополни со Бугарите, тогаш тоа да се направи педантно, со нивно внесување со статус на малцинство, што треба да важи за сите преостанати, при што наедно од анкетираните беше нагласено и издвоено дека со евентуалните измени и дополнувања треба да се нагласи „статусот на македонскиот народ како државотворен и носител на државноста“!
Спроведеното истражување на јавното мислење од „Нова Македонија“ во голема мера се совпадна со некои претходно искажани предупредувања на уставни експерти дека со бараните измени се доведува во прашање државотворната улога на македонскиот народ како носител во создавањето и функционирањето на сопствената национална држава (не станува збор за идентитетот и за јазикот, туку за статусот на државотворност на македонскиот народ и унитарниот карактер на државата). Како своевиден дефокус за јавноста се пласира тезата дека со уставните измени „не се доведуваат во прашање македонскиот идентитет и постоење“. Дури како гаранција за заштитеност на македонскиот идентитет, јазик и култура во процесот на евроинтеграциите, германскиот парламент изгласа и декларација, во функција на „олеснување“ на процесот на уставни измени во Македонија, но низа други примери потврдуваат дека тоа не е така. Сепак, на потврдата со декларации на македонскиот идентитет и постоење се гледа како на непотребни политички тактики со примеси на популизам и демагогија.
Разбивање на концептот на унитарност по процедурален пат
Таквата загриженост за статусот на македонскиот народ во Уставот на државата што ја создал и за која се борел низ вековен стремеж е поврзана со некои претходно воспоставени „иновации“, како уставни дефиниции. Имено, во македонскиот устав категоријата „малцинства“ е претворена во една категорија „делови од народ“, што во меѓународното и во внатрешното право имплицира дека сите наброени (делови од народ) се носители на државноста на Македонија. Штом во еден уставен текст, како наративот на преамбулата, фигурира терминот „народ“ за да се опише „малцинство“, се остава простор за креирање други општествено-правни состојби, почнувајќи од нормативниот дел во самиот устав, па преку амандмани на истиот тој и законски решенија, кои наместо да го разработуваат и прецизираат нормативниот дел, уште повеќе го комплицираат и заплеткуваат. Токму тоа создава простор за „разбивање на концептот на унитарност по процедурален пат“. Таквиот предизвик за унитарноста на Македонија и носечката државотворност на македонскиот народ се зголемени со притисокот Бугарите да бидат внесени во Уставот како уште еден „дел од народ“.
Наместо заклучок од анкетата
Како своевиден заклучок од редакциската анкета на „Нова Македонија“ може да се изведе дека: Македонците не се ксенофобични и немаат предрасуди, ниту омраза спрема своите сограѓани, кои се изјаснуваат со каква било етничка припадност, различна од онаа на македонскиот народ, кој е мнозински во државата. Немаат предрасуди ни тоа да биде уставно верификувано, па дури и за оние што се самоидентификуваат како Бугари. На Македонците никако не може да им се залепи етикетата дека се против ЕУ кога сакаат во Уставот на Македонија јасно да се афирмира нивниот статус како државотворен народ, кој низ вековниот стремеж на своите предци со антифашистичката борба успеал да ја создаде својата држава. Земајќи ги предвид овие позиции, како прифатлива формула за справување со Дамокловиот меч на уставните измени, повторно избиваат на површина принципите и стандардите на меѓународното право и дефинициите за мнозински народ и малцинства. Формулата за европската перспектива на Македонија е содржана во европските стандарди за уставноста: Македонија како национална држава на македонскиот народ и еднакви граѓански права на сите малцинства во неа, биле тие наведени или ненаведени во Уставот.