Ако до пред извесно време во ЕУ преовладуваа две струи, една што засилено работеше на одвојување на Македонија и Албанија во пристапниот процес, а друга што сметаше дека двете земји заеднички треба да го продолжат заедничкиот пат, очигледно е дека сега е постигната согласност само Албанија да оди напред

Некои аспекти на одлуката на ЕУ, Албанија да продолжи сама во преговорите со Унијата

Двојните стандарди на Европската Унија кон Македонија се потврдија уште еднаш откако официјален Брисел реши да ја одвои Албанија од пакетот со Македонија, без оглед што сите претходни изјави на европските челници беа дека двете земји треба заеднички да чекорат кон членството во Унијата.

Диктатот продолжува

Откако земјава го промени името, ЕУ иако вети дека тоа е последен услов, многу брзо ретерираше и наметна нови услови за земјава, најпрво нова преговарачка методологија, а потоа и промена на Уставот и впишување на македонските граѓани со бугарска самосвест во највисокиот правен акт. Во првиот момент кога македонските власти побараа европски гаранции дека уставните измени ќе бидат последниот услов за земјава, Брисел одговори со раздвојување на Македонија и Албанија од преговарачкиот пакет, испраќајќи порака дека гаранции нема и дека земјава не може да оди напред сѐ додека не ги исполни сите барања што ќе ги наметне Бугарија, исто онака како што тоа го направи Албанија задоволувајќи ги барањата и на официјална Софија за регистрација на наводното бугарско малцинство, но и на Атина, за ослободување на притворениот градоначалник Фреди Белерис.
Откако работата беше завршена преку тајна дипломатија, амбасадорите на земјите членки на Европската Унија завчера во Брисел едногласно одлучија Албанија да ги продолжи преговорите за полноправно членство во ЕУ, така што следната меѓувладина конференција ЕУ – Албанија треба да се случи на 15 октомври во Луксембург, кога е предвидено да се отвори првото поглавје – Темелни вредности. Во пракса, одржувањето посебна меѓувладина конференција значи одвојување на Албанија од Македонија во процесот на пристапни преговори со Европската Унија. На состанокот воопшто не била ставена на дневен ред темата за продолжување на преговорите со Македонија, а Грција нотирала оти ги решила споровите со Албанија и затоа паднала одлуката да се продолжат преговорите со официјална Тирана.
Ако до пред извесно време во ЕУ преовладуваа две струи, една што засилено работеше на одвојување на Македонија и Албанија во пристапниот процес, а друга што сметаше дека двете земји заеднички треба да го продолжат заедничкиот пат, очигледно е дека сега е постигната согласност само Албанија да оди напред.

Како се толкува одвојувањето на пакетот Македонија-Албанија

Неколку дилеми се наметнуваат сами по себе по одлуката на ЕУ да ги одвои Македонија и Албанија од пристапниот пакет, почнувајќи од тоа што би значело одвојувањето за Македонија, понатаму дали тоа ќе се одрази на внатрешната стабилност имајќи ги предвид позициите на албанските партии во земјава, но и дали зад сето тоа се крие бугарската намера да ја држи земјава под постојана блокада и без европска перспектива само да ги остварат сопствените асимилаторски цели.
Претседателот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, е на ставот дека зад бугарската блокада се кријат недобронамерни мотиви.
– Сигурно дека со блокирањето на Македонија е повеќе од јасно дека мотивите на Бугарија не се добронамерни, во спротивно немаше да се најдеме во оваа ситуација и уште претходно ќе ги почневме преговорите – вели Трошановски.
Според него, одвојувањето на Македонија од пакетот со Албанија ќе влијае и врз внатрешната стабилност на земјата.
– Албанската заедница во Македонија ќе има отпор кон досегашниот статус кво и тој ќе се зголемува сѐ повеќе и повеќе како што поминува времето, а доколку Албанија напредува во процесот, тој отпор ќе станува поизвесен и неминовен – посочува Трошановски.
Понатаму уште додава дека во следниот период дополнително ќе се зголеми притисокот за уставни измени.
– Мислам дека во следниот период притисокот ќе биде уште поголем кон Македонија, како надворешен така и внатрешен од страна на албанската заедница во земјава. Како и да е, ова е сол на рана за македонските граѓани, кои иако во голем број ја поддржуваат ЕУ, сепак не се подготвени да прават дополнителни отстапки за отпочнување на преговорите, така што се соочуваме со исклучително тешка парадоксална ситуација од која никој не знае како ќе излеземе. Целата грешка беше направена од претходната влада и од прифаќањето на францускиот предлог со кој земјата се доведе во безизлезна ситуација – потенцираше Трошановски.
Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски е на ставот дека нема ништо да се промени и доколку Албанија сама одржи меѓувладина конференција бидејќи начелно ЕУ е таа што го кочи процесот на проширувањето.
– Сите ние сакаме да ги почнеме преговорите со ЕУ и ни беше ветено пред пет години дека ќе ги почнеме ако го смениме името. Прашањето е дали ЕУ сака воопшто да ги почнеме преговорите. ЕУ ги започна преговорите и со Србија и со Црна Гора, па тие не се до никаде. Прашањето е колку ЕУ во моментов е расположена и способна да води преговори за проширување кога внатрешните реформи во Унијата што се одложуваат во изминатите 15 години, повторно не се до никаде – вели Божиновски.
Според него, самата функционалност на Европската Унија е најголем нејзин проблем.
– Ако ги погледнеме сите индикатори, ЕУ сериозно каска зад САД и Кина. Малку се пошироки тие геополитички контексти, САД сакаат да ја заокружат Европа како геополитичка целина, но дали ќе успеат не се знае бидејќи иако САД настојуваат и се компактни и истрајни во таа насока, самата ЕУ не е во моментов. Она што за мене ќе биде добар индикатор каде ќе се движат работите е дали по изборите во Бугарија ќе се формира политичка влада и каков ќе биде понатамошниот однос помеѓу македонската и бугарската влада и особено помеѓу Европа и САД од една страна и Македонија и Бугарија од друга страна, во контекст на решавање на тој спор и приклучување на тој воз кон ЕУ или официјално почнување на преговорите со ЕУ. Симболично многу значајно е Македонија да ги започне тие преговори со Унијата – заклучува Божиновски.


Борисов-Петков: Албанија оди напред, Македонија не!

Поранешните премиери на Бугарија, Бојко Борисов и Кирил Петков, изјавија дека Договорот за добрососедство мора да се почитува и ги повикаа македонските власти да одлучат дали ќе ги внесат Бугарите во Уставот или нејзиниот пат кон ЕУ ќе остане затворен.
Лидерот на ГЕРБ, Борисов, кој е и претседател на Комисијата за надворешна политика во бугарскиот парламент, истакна дека Бугарија и Македонија потпишаа Договор за добрососедство, кој е вклучен во планот за проширување, и никој не може да отстапи од него.
Според Борисов, официјална Софија треба да остане и мирна и трпелива, да не изгледа агресивна бидејќи, како што наведе, „вината е кај колегите во Скопје“.
Посочи дека „секој што ќе го прекрши добриот тон, а Бугарија тоа не го направи, ќе ги трпи последиците“.
– Сè што направивме во Европската народна партија, во Европскиот совет, во Европската комисија беше многу добро слушнато. Така функционираат европските институции. Не се закануваат, не навредуваат, а резултатот е Албанија оди напред. Таа го прифати бугарското малцинство, а нашите колеги од С. Македонија треба да ги понесат последиците од нивното досегашно однесување – рече Борисов.
И лидерот на ПП-ДБ, Кирил Петков, вели дека Скопје треба да одлучи дали сака да ги прифати Бугарите во својот устав или да го запре патот кон ЕУ.
– Времето покажа дека договорот што го направивме во времето на нашата влада – францускиот предлог – се покажа многу добар за Бугарија. Реално, целата Европска Унија застана на страната на Бугарија. Република С. Македонија мора да одлучи дали сака да ги прифати Бугарите во нејзиниот устав или нејзиниот пат кон Европа е затворен. Многу се надевам дека ќе се преиспитаат, бидејќи она што се случи во моментов е дека Албанија се одделува од нив и побрзо ќе го продолжи патот кон ЕУ – изјави Петков.


Букурешт 2008 ни се повтори во Брисел 2024

На Македонија ѝ се повтори Букурешт 2008 година кога на Самитот на НАТО Грција ѝ стави вето за членство на земјата затоа што не го сменила името. Ако некои мислеа дека тоа е заборавена историја, затоа што Владата на Зоран Заев го смени името на државата во замена за членство во НАТО и ЕУ, тогаш тие биле во голема заблуда. Сега Европската Унија е таа што во име на Бугарија става вето за Македонија и таа нема да ги почне преговорите со отворање на поглавјата. Експерти со кои контактиравме нагласуваат дека во таа далечна 2008 година ветото донесе стратегиско партнерство со САД, а сега во 2024 година можно е да се роди некое ново стратегиско партнерство.
Тие велат дека и Грција во фиока го чувала ветото за Албанија, но за Брисел би било премногу во исто време да стави две вета. Но, според нивни укажувања, Албанија само ќе почне долги преговори според рамка што може постојано да се менува и постојано да добива нови услови, нешто што го искусија на своја кожа Турција и Србија.
Сепак, ова не е крај на светот за Македонија, која прва во регионот уште во 2001 година потпиша Спогодба за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Таа беше далеку пред Албанија, која практично ја залепија со нас за да не биде осамена во регионот, а сега се случи Македонија да настрада поради двојните стандарди на Унијата, непринципиелниот однос на Бугарија, која се однесува империјалистички, и конечно поради тоа што премногу ветил Заев, а сега се бара од Мицкоски да го даде тоа на штета на нацијата. Познавачите на околностите велат дека сега е одлична можност да се направи домашната математика, да се преиспитаат сите стратегии и политики и да се извлече националната корист. Тие велат дека треба да се потсети Бугарија дека кога поранешниот премиер Иван Костов буквално спиеше во македонските институции и Македонија им даде рака за да влезат во ЕУ, сега треба да го имаат тоа исто чувство за добрососедство и подадена рака, а не да се задоволуваат со тоа што ставиле блокада на македонскиот пат кон ЕУ. Штетите веќе се големи и за двете земји и практично чкорчето е запалено до листовите на кои е напишан и потпишан Договорот за добрососедство и соработка.
Ова нема да помине незабележано ниту во ЕУ затоа што веќе на големи врати влезе темата за болеста наречена „Европска Унија на двојни стандарди“. Х.И.