Фото: Емил Јовановиќ

Подметнувањата, лагите, намерните провокации и извртувањето на тезите се во суштината на бугарската стратегија кон Македонија. Правните експерти велат дека бранот на регистрација на бугарски здруженија во Македонија со имиња на контроверзни личности е добро осмислена тактика со која се сака Македонија да се претстави во лошо светло пред ЕУ, а истовремено Софија да го амортизира притисокот врз неа поради досегашните 17 пресуди на Европскиот суд за човекови права. Бугарите се мајстори за замена на тезите, но нашите соговорници се уверени дека Македонците ќе победат, нема назад

ПРАВНИТЕ ЕКСПЕРТИ ЈА РАЗОБЛИЧУВААТ БУГАРСКАТА СТРАТЕГИЈА НА ЗАМЕНА НА ТЕЗИ

Експертите посочуваат дека бранот на регистрација на бугарски здруженија во Македонија со имиња на контроверзни личности од европската историја не треба да се разбере само како провокација туку и како стратегија за префрлање на правната „топката“ во македонското општество.
Имено, Бугарија треба да ги спроведе досегашните 17 пресуди на Европскиот суд за човекови права и да им дозволи на Македонците да ги регистрираат здруженијата, дополнително во изминатите години во неколку меѓународни извештаи беше потенцирано дека бугарската држава треба да го промени сопствениот устав за да им овозможи на малцинствата да се интегрираат. Дека постои притисок врз Бугарија потврдуваат и состаноците на европските министри, кои на секои шест месеци ја потсетуваат Софија дека треба да ги спроведе пресудите на одлуките на Судот во Стразбур, но и да го промени сопствениот устав во духот на европските вредности.
За оваа проблематика, Тони Менкиноски, адвокат и правен застапник на Македонците во Бугарија, вели дека пресудите на Европскиот суд за човекови права и барањата за промена на бугарскиот устав имаат политичка тежина за Софија. Следствено, кампањата за регистрација на бугарски здруженија во Македонија со имиња на контроверзни личности треба да биде контратежиште на пресудите на Европскиот суд за човекови права во полза на Македонците.
– Бугарите се во трка, сакаат да постигнат еден ефект, да тргнат една сабја од нивната глава. Тоа се оние 17 пресуди што Македонците од Бугарија ги имаат добиено пред Советот на Европа. Тие сакаат да регистрираат здруженија, мислам дека намерно го прават тоа, што ќе бидат забранети во Македонија. Тоа им е целта. Тие здруженија што ќе бидат забранети во Македонија да стигнат пред Судот во Стразбур, како здружението „Радко“. Но да не ги мешаме работите. Македонските здруженија во Бугарија не фаворизираат фашисти. Тие фаворизираат ненасилни методи, тоа за Судот во Стразбур е применливо, во духот на владеење на правото, демократските принципи и основните човекови права – вели Менкиноски.
Доколку внимателно се анализира, очигледно е дека бугарските клубови и здруженија намерно се именувани според контроверзни личности за македонската, но и за европската историја со цел да го поттикнат гневот кај македонското општество, но и реакција од државните институции. Оштетувањето на објектите во кои се сместени бугарските клубови и здруженија можат да бидат исползувана за една кампања пред европските институции, во која ќе се тврди дека Македонија, наводно, ги прекршува човековите слободи и правото на здружување. Истовремено, доколку дојде до забрана на бугарските здруженија во Македонија, тоа може да послужи како аргумент за тужба пред Судот во Стразбур.

За оваа бугарска стратегија, Тони Менкиноски истакнува дека Софија сака да постигне пандан-ситуација бидејќи е исплашена од пресудите на Судот во Стразбур. Според него, формално и неформално неколкупати досега на Бугарија ѝ било посочено дека треба да го промени сопствениот устав во духот на европските вредности со цел поуспешно да се интегрираат малцинствата во бугарското општество, како и да ги спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права.
Познавачите посочуваат дека Софија сака да ги замени тезите, односно да ја обвини Македонија дека ги прекршува европските вредности. Меѓутоа нема реална основа за замена на тезите. Од една страна бугарските здруженија, како што се клубовите „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, се и именувани според личности што биле сојузници на фашизмот и нацизмот, а самиот тој факт може да предизвика навреда кај потомците на жртвите на фашизмот, како што се македонските Евреи.

– Бугарските здруженија фаворизираат личности со бугарски предзнак. Според Менкиноски, постои пракса на Судот во Стразбур против здруженија што ги негираат холокаустот и геноцидот, односно се спротивни од суштината на европските вредности. Тие не можат да бидат регистрирани, тие мора да бидат надвор од правниот поредок бидејќи шират расна, национална, верска и етничка омраза, како и нетолеранција – вели Тони Менкиноски
Од друга страна не смееме да заборавиме дека сите граѓани на Македонија, без разлика на етничката и верската припадност, врз основа на Уставот и законите имаат загарантирани права, вклучувајќи ги и македонските граѓани со бугарско национално чувство. Македонското општество не го негира постоењето на бугарскиот народ и јазик, не ги дискриминира Бугарите во македонската држава по која било основа, што е спротивно од состојбата во бугарското општество.
– Бугарите се мајстори за замена на тезите, не ме чуди. Меѓутоа мислам дека ќе изгубат, треба само да издржиме. Иако мислам дека „нашата“ држава не си ги врши работите како што треба. Но мислам и уверен сум дека Македонците ќе победат, нема назад – вели Менкиноски. Д. Ст.