Бугарија не сака да се меша во внатрешните работи на Македонија. Уставните измени и носење други закони секоја држава треба да ги решава согласно внатрешната практика. Не е точна интерпретацијата дека ние сме сакале да учествуваме во тој процес, изјави бугарскиот технички премиер Галаб Донев во интервју за бТВ.
Донев, како што пренесе БТА, потсети дека земјава презела ангажман да ги вклучи Бугарите во Уставот заедно со сите останати наброени народи, со што, како што рече, ќе им бидат гарантирани нивните права.
Според него, нормално е Македонија да ја исполни преземената обврска, којашто не е само кон Бугарија, туку кон сите земји членки на ЕУ.
– Затоа што Р.С. Македонија, потпишувајќи го договорот за присоединување и отпочнување преговори со ЕУ, го потпиша тој договор со сите земји членки – рече Донев.
На прашањето дали Бугарија треба да стави повторно вето на Македонија за членство во ЕУ, Донев рече дека тоа не е најправилното решение, туку треба да се бара позитивен дијалог и патишта за да се приближат позициите.
– Бидејќи Р.С. Македонија има желба да стане членка на ЕУ, треба да ги почитува принципите врз кои се темели Унијата – изјави Донев.
Шефот на бугарската дипломатија Николај Милков вчера на брифинг за новинари појаснил дека „процесот на промена на Уставот секако е внатрешна работа на Македонија“, но, притоа нагласил дека „Бугарија нема да прифати никаква формулација со која на македонските Бугари ќе им се додели статус што на кој било начин е различен од оној од другите уставно признати делови од народите во Македонија“.
Во средата, тој на брифинг со новинари, како што пренесе БНР, кажал дека Бугарија би сакала да биде вклучена и консултирана во процесот за впишување на Бугарите во Уставот на Македонија, на што македонското МНР истито ден експресно излезе со реакција, потенцирајќи дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на Македонија.