Бугарија ја засилува кампањата за да прикаже насилство и говор на омраза кон лицата што се идентификуваат како Бугари во Македонија
- Сите досегашни мониторинг-механизми на релевантните меѓународни тела за заштита на малцинските и генерално на човековите права не констатирале систематско насилство или институционализирана дискриминација врз лицата што се идентификуваат како Бугари. Напротив, Македонија е лидер според правата што ги уживаат малцинските заедници. Во таков контекст, ваквата иницијатива повеќе наликува на дипломатски притисок отколку на реакција на утврдена состојба. Особено е симптоматично што темата се актуализира паралелно со инсистирањето за уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот како посебна заедница
Официјалните бугарски власти ја интензивираат кампањата преку која пред европските институции настојуваат да покажат дека во Македонија постојат случаи на насилство и говор на омраза против бугарската етничка заедница, иако такво нешто во своите редовни извештаи досега нема регистрирано ниту едно меѓународно тело задолжено за мониторинг на малцинските права.
Како и да е, тоа не е пречка официјална Софија да продолжува да истапува со вакви тези за наводна обесправеност и загрозување на слободите на македонските граѓани со бугарска самосвест, со намера притисокот на меѓународната заедница за уставните измени дополнително да се засили.
Софија наоѓа говор на омраза таму каде што не е констатиран, а не ги отвора сопствените прашања
Потврда дека бугарските власти се во своевидна дипломатска офанзива за актуализирање на прашањето за наводна дискриминација кон македонската заедница со бугарска самосвест во Македонија е последното писмено прашање за мерките против насилството и говорот на омраза доставено од бугарска страна до Советот на Европа.
Документот е адресиран до Комитетот на министри и е регистриран како писмено прашање бр. 806 од 17 февруари 2026 година, а текстот е потпишан од заменик-претседателката на пратеничката група на ГЕРБ, Деница Сачева, претставничка на Бугарија во Парламентарното собрание. Во него се наведува дека Парламентарното собрание, Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) и комесарот за човекови права добиле сигнали за говор на омраза и непријателски инциденти насочени против лица од бугарско потекло во Македонија.
Се нагласува дека борбата против говорот на омраза и злосторствата од омраза е фундаментална обврска на земјите членки на Советот на Европа и бара сеопфатен пристап. Меѓу потребните активности се издигање на јавната свест, обука на полициските и судските власти и систематско собирање детални податоци.
Текстот поднесен од Сачева се повикува на извештајот за постмониторинг-дијалогот со Македонија од јануари, во кој се наведува дека етничките Бугари понекогаш биле изложени на говор на омраза, биле нарекувани „фашисти“ и имало случаи на физички напади.
Потоа се наведуваат и законските измени од 2 ноември 2022 година, со кои Собранието на Македонија го измени Законот за фондации и здруженија, што следуваше по формирањето бугарски здруженија со контроверзни имиња.
Во ова обраќање се поставуваат две прашања до Комитетот на министри: дали е подготвен да ги повика властите во Македонија да усвојат сеопфатни мерки за спречување на насилството врз бугарската заедница и активно да се борат против говорот на омраза и злосторствата од омраза против Бугарите, како и какви чекори ќе бидат преземени во оваа насока.
На удар и македонските медиуми
Прашањата упатени до Советот на Европа од страна на Бугарија се само еден сегмент од пошироката политичка кампања што официјална Софија ја води во однос на земјава. Особено внимание привлече и бугарската реакција кон македонските медиуми, особено новинарските здруженија и телата што го контролираат етичкото однесување на новинарите, кои повремено добиваат претставки од бугарска страна поради наводно ширење говор на омраза против Бугарија и бугарскиот народ, а кои според дел од упатените често немаат цврста основа.
Намерата на ваквата активност, според дел од аналитичарите, е да се креира перцепција пред европските тела дека реакциите се предизвикани од континуирано присуство на говор на омраза во македонските медиуми, што не кореспондира секогаш со оцените на релевантните мониторинг-механизми.
Претставници на Македонците со бугарска самосвест повремено гостуваат во македонските медиуми, додека според соговорници од медиумската сфера, македонски претставници ретко добиваат простор во дел од бугарските медиуми.
Дополнително, дел од медиумите во Бугарија во своите содржини ги оспоруваат македонскиот национален идентитет, јазик и историска посебност, претставувајќи ги како бугарски, што отвора прашања за почитувањето на принципот на самоидентификација и на стандардите на современото медиумско работење.
Иницијатива што повеќе наликува на дипломатски притисок отколку на реакција на утврдена состојба
За дел од долгогодишните познавачи на македонско-бугарските односи, писменото прашање што Софија го упатила до Советот на Европа за наводни мерки против насилство и говор на омраза врз бугарската заедница во земјава отвора повеќе политички отколку правни дилеми.
– Досегашните мониторинг-механизми на релевантните меѓународни тела за заштита на малцинските и човековите права немаат констатирано систематско насилство или институционализирана дискриминација врз лицата што се идентификуваат како Бугари. Во таков контекст, ваквата иницијатива повеќе наликува на дипломатски притисок отколку на реакција на утврдена состојба. Особено е симптоматично што темата се актуализира паралелно со инсистирањето за уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот како посебна заедница. Наместо аргументацијата да се темели исклучиво на утврдени факти и извештаи, се создава перцепција за загрозеност што може да послужи како оправдување за тврдиот став во преговарачкиот процес – велат соговорниците.
Според нив, паралелно се отвора и прашањето за спроведувањето на обврските што произлегуваат од одлуките на Парламентарното собрание на Советот на Европа и пресудите на Европскиот суд за човекови права поврзани со слободата на здружување и правото на самоидентификација на Македонците во Бугарија.
– Наместо фокус на сопствените обврски, се гради позиција на загриженост, која се користи како аргумент во билатералниот спор. Во услови кога одредени европски престолнини веќе укажуваат на можност за политичка опструкција на македонскиот евроинтегративен пат, ваквите потези можат да имаат и спротивен ефект – заклучуваат соговорниците.

































