Фото: ЕПА

Второто место на Алтернатива за Германија (АфД) на предвремените избори за Бундестагот и нејзината целосна победа на изборите на територијата на поранешна Источна Германија (ГДР) отворија прашања што се сметаа за затворени пред повеќе од три децении

Изборите во Германија како доказ за актуелниот светски судир на два идеолошки антипода: либералниот и суверенистичкиот

Ако се погледне актуелната политичка карта на Германија, идеолошко-политичкиот јаз минува токму по историската линија на поделба помеѓу поранешна Западна Германија (СРГ) и Источна Германија (ГДР).
Со падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година и обединувањето на Западна Германија (СРГ) и Демократска Република Германија (ГДР) очигледно различностите на идеите, погледите и патиштата на Западот и Истокот за начинот на функционирање на едно општество не исчезнале. Поточно, со падот на ѕидот не се фузирале различните антиподни идеологии во една, односно источната не се претопила во една единствена западно-либерална матрица. Ова стана и повеќе од очигледно на овие избори за Бундестагот.
По сумирањето на изборните резултати во Германија и второто место на Алтернатива за Германија (АфД) на предвремените избори за Бундестагот (вклучувајќи ја и нејзината целосна победа на изборите на територијата на поранешна Источна Германија) се отворија прашања што западните аналитичари ги сметаа за затворени пред повеќе од три децении.
Имено, по 35 години „успешна реинтеграција“, Источногерманците сѐ уште во анкетите пред изборите ќе кажат дека се всушност „граѓани од втор ред, во економска и социокултурна смисла“. Резултатите на изборите пластично ги потврдија нивните становишта, а одредени социоекономски параметри испливаа на површина.

Просечниот приход по жител на Источна Германија сè уште не надминува 73 отсто од приходот на жителите на поранешна СРГ

Имено, просечниот приход по жител на населението на Источна Германија сè уште не надминува 73 отсто од приходот на жителите на поранешна СРГ. Понатаму, териториите на поранешна ГДР најмногу страдаат од деиндустријализацијата. Дури и цените на електричната енергија се речиси 20 отсто повисоки од цените во западниот дел на Германија.
Според анкетите, околу 40 отсто од Источногерманците сметаат дека нивната главна закана не е Русија, туку НАТО и Европската Унија, додека 63 отсто од жителите на поранешна ГДР сметаат дека „повеќе изгубиле од обединувањето отколку што добиле“.

Духот на Источна Германија (ГДР)

Tака, точно 35 години подоцна „духот на ГДР“ и различната идеолошка матрица ќе испливаат на површина во време на повеќеслојна криза предизвикана од досегашните политики во Германија и во момент на парламентарни избори. За некои помалку упатени, успехот на АфД во источниот германски регион беше неверојатен. Тука партијата АфД доби речиси двојно повеќе гласови од нејзиниот најблизок ривал, ЦДУ/ЦСУ, што е практично невозможно во германскиот „изедначувачки“ изборен систем. Но, ова, според други аналитичари, реално се должи на три и полдецениско „копање јаз“ меѓу Западна и Источна Германија, и тоа со политички алатки на неолиберализмот со кој одредени западни елити покажаа ништо друго, туку само амбиција за наднационално глобално владеење и алокација и располагање на капиталот во најтесни рамки. Тоа во суштина како идеолошка матрица е целосен антипод на суверенизмот и традиционализмот што не згасна во Источна Германија. Овие избори го покажаа тоа. А, според истите аналитичари, „ако АфД продолжи со подемот и победи на следните избори и почне да спроведува национално ориентирани економски и социјални политики, неолибералниот систем ќе пропадне прво во Германија“. Потоа, велат тие „домино-ефектот ќе почне да се шири низ цела Европа“.
Некои од експертите, пак, веруваат во многу пореволуционерно сценарио, односно дека „создавањето паневропска армија, промовирана од сегашните евролидери, не е насочена против Русија, туку повеќе е да се потисне идната германска револуција, која неизбежно ќе доведе до граѓанска војна од големи размери“.

Дали е ослободен „духот од ламбата“

Според пишувањата на низа аналитичари, го издвојуваме ставот што, сепак, треба да го имаме предвид, односно дека сегашната „обединета Европа“ пука во шевовите и дека во оваа форма таа е всушност „либерална колонијална империја што добива кирија на сметка на европските медитерански земји и државите од Источна Европа, каде што работната сила е најмалку 30 отсто поевтина и ги држи под контрола контролирајќи го државниот долг“.
Во исто време, сите „паневропски творби“ се формалноправно покритие за „мрежа на династички корпорации и банки, кои стекнаа контрола и врз сите финансиски текови во Европа и врз политичката моќ“.
Во еден ваков контекст на судир на идеологии во светски рамки: либералниот и суверенистичкиот (со претседателот на САД како носител на западниот суверенистички „трампизам“, како идеологија), потоа, во истиот контекст судир на истите антиподни идеологии во Европа (премиерот на Унгарија заедно со премиерката на Италија, како носители на суверенизмот во Европа) и на крајот во Германија (со АфД како носител во таа држава), соговорниците ни тврдат дека „духот од ламбата“ не само што е ослободен во срцето на Европа туку тој е веќе на добар пат да се пресмета со „безумноста на хегемонијата на концептот на либерализмот“. Прашањето сега, според соговорниците, е само „со колкав интензитет ќе биде пресметката на двата концепта при создавањето повторен баланс во светот“. Р.С.