Анализа на пораките од претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, по нејзината турнеја во регионот
- Доаѓањето на Фон дер Лајен во регионот беше најавено од страна на ЕК како вообичаена посета од општа природа, со цел да се претстави Планот за раст. Но извесно е оти треба да послужи и како своевиден „зафат за наслушување на пулсот на Балканот“ за шефицата на европската влада во однос на ставовите на балканските лидери со кои се сретна, бидејќи во Западен Балкан се јавува сомнеж за одвивањето на евроинтегративниот процес и за веродостојноста на понудите на ЕУ
- При двете последни посети на земјава претседателката на Европската комисија зборуваше за уставните измени во контекст на евроинтеграциите. Но сега може да се забележат назнаки дека дошло до отстапување во однос на досегашните ставови на Брисел, во нејзината изјава дека „уставните измени треба да се разработат“, а не да се спроведат, како што беше истакнувано претходно. Ваквата порака сугерира дека допрва ќе се работи на уставните промени, со што решението треба да биде прифатливо и за Македонија, а не само за Бугарија. Промената на реториката на Брисел следува по дипломатската офанзива од Скопје и предлогот на актуелната Влада за уставни измени со одложено дејство, што навидум ја омекна позицијата на ЕУ
Пофалби, пораки за поддршка и охрабрување при евроинтеграциите, како и ветувања за помош, упати претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината четиридневна турнеја низ Западен Балкан, но посетата ја искористи и за да укаже на обврските што Брисел ги очекува од одредени земји.
Доаѓањето на Фон дер Лајен во регионот беше најавено од страна на ЕК како вообичаена посета од општа природа, со цел да се претстави Планот за раст. Но извесно е оти треба да послужи и како своевидна „вежба за наслушување на пулсот на Балканот“ за шефицата на европската влада во однос на ставовите на балканските лидери со кои се сретна, бидејќи во Западен Балкан се јавува сомнеж за одвивањето на евроинтегративниот процес и за веродостојноста на понудите на ЕУ.
Дали ЕУ ретерира за уставните измени?
Фон дер Лајен во Скопје изрази желба за прием на Македонија во ЕУ и ја пофали земјава, најавувајќи дека би можела да добие над 750 милиони евра од Планот за раст, при што понуди и помош при евроинтеграциите, убедувајќи дека проширувањето останува приоритет. Анализирајќи ги пораките на претседателката на ЕК при нејзината претходна посета на главниот град на Македонија пред нешто повеќе од една година, може да се забележи речиси идентична содржина. Фон дер Лајен и тогаш имаше пофалби за Македонија, уверувајќи дека земјава е на добар пат и оти таа со нетрпение очекува да ја „пречека“ во ЕУ. А при двете последни посети на земјава шефицата на европската влада исто така зборуваше за уставните измени во контекст на евроинтеграциите. Но сега можат да се забележат назнаки дека дошло до отстапување во однос на досегашните ставови на Брисел, во нејзината изјава дека „уставните измени треба да се разработат“, а не да се спроведат, како што беше истакнувано претходно.
Ваквата порака сугерира дека допрва ќе се работи на уставните промени, со што решението треба да биде прифатливо и за Македонија, а не само за Бугарија. Промената на реториката на Брисел следува по дипломатската офанзива од Скопје и предлогот на актуелната Влада за уставни измени со одложено дејство, што навидум ја омекна позицијата на ЕУ.
Читајќи „меѓу редови“ во однос на генерално охрабрувачките пораки за Западен Балкан, може да се увиди дека функционерката од Брисел упати барања до неколку земји, додека други навидум не добија „конкретни задачи“, барем во нејзините јавни обраќања. Таа упати барања до Косово и Србија, а Црна Гора и Албанија слушаа единствено пофалби. БиХ, пак, доби ветување за финансиска помош од 20 милиони евра за санирање на штетите во подрачјата што неодамна беа поплавени.
Фон дер Лајен од Србија побарала многу поголемо усогласување со декларациите за надворешната политика на ЕУ и почитување на некои други прашања, како што откри српскиот претседател Александар Вучиќ.
А претседателката на ЕК во Приштина нагласи дека косовските власти мора да работат на конкретни чекори за да се дојде до точка кога земјите членки на ЕУ ќе постигнат согласност за укинување на санкциите кон Косово, кое е под мерки на ЕУ од јуни минатата година, по немирите во општините водени од градоначалници Албанци на косовскиот север, населен со српско мнозинство.
Од друга страна, Фон дер Лајен имаше конкретни пофалби за Црна Гора и за Албанија. Таа во Подгорица изјави дека Црна Гора многу напреднала на својот европски пат и оти затвора поглавје по поглавје во преговорите.
– Црна Гора многу напредна на својот европски пат. Сега затвораме поглавје по поглавје од преговорите. Можете да го поминете целиот пат. Имате добра причина да бидете горди на постигнатото, до крајот на годината можете да затворите четири поглавја – порача Фон дер Лајен.
Слично охрабрување доби и Албанија, која неодамна се одвои од Македонија во процесот за пристапување кон ЕУ. Фон дер Лајен порача дека Албанија „прави големи чекори кон ЕУ, постигна одлични резултати и е на добар пат за влез во европскиот блок“.
Прифатени реформските агенди на Западен Балкан
На првиот ден од посетата на Фон дер Лајен, ЕК официјално одобри пет од шесте реформски агенди усвоени од владите на Западен Балкан. БиХ сè уште ја нема поднесено својата реформска агенда, при што Фон дер Лајен на прес-конференцијата со претседавачката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, изјави дека ЕУ е подготвена да ѝ помогне да ја финализира. Врз основа на спроведувањето на реформите, ЕУ ќе ослободи парични средства за шесте земји до 2027 година.
Во своите изјави при заедничките конференции со лидерите од регионот, Фон дер Лајен истакна дека проширувањето на ЕУ ќе биде на врвот на нејзината агенда за време на нејзиниот втор мандат како претседателка на ЕК. Таа соопшти и дека Планот за раст на Западен Балкан треба да ги приближи економиите од регионот до економијата на ЕУ и да го интегрира регионалниот пазар со единствениот европски пазар. Планот за раст предвидува економска помош од околу шест милијарди евра за земјите од регионот.
Земјите од Западен Балкан добија ветување за членство во ЕУ пред повеќе од 20 години, но напредокот во евроинтеграциите очигледно се разликува за секоја земја поединечно, што може да се заклучи според изјавите на Фон дер Лајен. Нејзината турнеја беше во пресрет на објавувањето на годишните извештаи за напредокот во процесот на проширување, кои се очекуваат неделава. П.Р.
Ставено до знаење дека ЕУ не ги одобрува односите со Русија
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја искористи турнејата и за да укаже дека Европската Унија се противи на односите на Балканот со Русија, преку откажување на средбата со српскиот премиер Милош Вучевиќ, како и да ја обвини Москва за хибридни напади врз регионот.
– ЕУ секојдневно се бори за разоткривање дезинформации – изјави Фон дер Лајен, истовремено осудувајќи ги наводните хибридни напади на Русија врз демократиите на Западен Балкан, како што пренесе „Асошиејтед прес“.
Фон дер Лајен за време на посетата на Западен Балкан рече и дека Брисел работи на разоткривање на пропагандата „за доброто на целиот регион“.
Фон дер Лајен ја откажа средбата со српскиот премиер Вучевиќ за време на нејзината посета на Белград, поради негово претходно состанување со рускиот министер за економски развој Максим Решетњиков, јавија регионалните медиуми. Откажувањето на средбата за Радио Слободна Европа (РСЕ) го потврдил портпаролот на ЕК, Ерик Мамер, а за „Франс прес“ и шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануел Жофре.
– Го откажавме состанокот со српскиот премиер по неговиот состанок со министерот за економија на Руската Федерација – додаде Жофре.