Фото: ЕПА

Европската Унија во перманентен систем на кризен менаџмент

  • ЕУ подолго време е западната во спирала на кризи и недоразбирања, при што за јавноста непознатото тело, наречено КОРЕПЕР, станува вистинскиот центар на моќ на овој Брисел каков што го познаваме…

Кога Европската Унија се соочува со криза, се отклучува и отвора една ултрабезбедна просторија длабоко во зградата на Европски совет во Брисел. Таму, далеку од очите на јавноста, во простории дизајнирани да спречат каков било надзор, се состануваат претставници на 27-те земји членки. Во бриселскиот жаргон ова тело е познато како КОРЕПЕР – Комитет на постојани претставници. Денес, повеќе од кога било во својата историја, токму КОРЕПЕР станува срцето на европското кризнo управување. Во изминатата година „светлата во бункерот“ се вклучуваат речиси постојано. Причината не е само една криза туку наталожувањето на повеќе тешки кризи за ЕУ: војната во Украина, неизвесноста околу идната американска политика и соработка, заканите од нови трговски тарифи, дебатите за вооружување на ЕУ, „користењето“ на замрзнатите руски средства, економската стагнација и внатрешните политички поделби…

Европа под притисок „и за имплозија и за експлозија“

За време на данското претседателство, КОРЕПЕР заседаваше секојдневно за да најде компромис околу „користењето“ на замрзнатите руски средства за гарантирање заем за Киев, надминувајќи ги резервите на Белгија и неколку други држави. Под актуелното кипарско претседателство, состаноците се одржуваат и по трипати неделно. Полската амбасадорка Агњешка Бартол јавно призна дека во одреден период групата заседавала двапати неделно поради „дисфункционалностите, кризите и агонијата“ во кои запаѓа Унијата. Натаму, во врска со заканите од американскиот претседател Доналд Трамп за наметнување високи тарифи кон земјите на ЕУ, па дури и идејата за преземање на Гренланд, претставниците на ЕУ инстантно се состанаа во неработен ден (недела) во ноќните часови во КОРЕПЕР, кога се разгледуваа можни економски контрамерки, нешто што до пред неколку години ќе бараше долги консултации меѓу националните лидери.

Од техничко тело до политички центар на моќ

Формално, КОРЕПЕР не е тело што носи одлуки. Неговата историска улога беше подготвителна, односно да ги испегла текстовите и да ги подготви позициите пред министрите и лидерите да стават потпис. Но линијата меѓу подготовката и одлучувањето станува сè понејасна.
„Ако сакате консензус, мора да му верувате на КОРЕПЕР дека ќе го најде“, вели еден дипломат. Друг оди чекор понатаму: „Ако сме искрени, таму се носат одлуките“. Брзината на геополитиката, велат тие, не дозволува чекање по неколку месеци до следниот самит.
Оваа промена започна за време на пандемијата на ковид-19, кога КОРЕПЕР беше речиси единственото тело што физички заседаваше. Додека министрите комуницираа преку видеоврски, амбасадорите во Брисел градеа навика за директно итно координирање. Таа практика остана – и се продлабочи.

КОРЕПЕР како противтежа на владата на ЕУ?

Паралелно со зголемувањето на кризите расте и улогата на Европска комисија, која сè повеќе навлегува во области што традиционално беа национална надлежност, од одбраната до домувањето. И таквата тежа за автократија на либералната европска влада станува проблем. Според мислењето на претставници од некои земји членки, КОРЕПЕР станува „инструмент за контрола и противтежа на извршната власт на ЕУ“. Но, има уште нешто. Откако Антонио Кошта ја презеде функцијата претседател на Европскиот совет во 2024 година, редовните самити на лидерите беа скратени на еднодневни средби, а клучните ставови се усогласуваат претходно – токму во КОРЕПЕР. Поради тоа и шефот на кабинетот на Кошта, Педро Луртие, и блискиот соработник на претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, Бјерн Зајберт, од скоро редовно присуствуваат на состаноците на КОРЕПЕР, што дополнително ја зголемува тежината на ова тело. За издвојување е фактот дека е засилен и форматот КОРЕПЕР 2, кој традиционално се занимаваше со економија и надворешни односи, но сега ги презема и енергетските, климатските и административните досиеја, теми што стануваат политички експлозивни.

Агонија на консензусот

ЕУ отсекогаш функционирала врз основа на компромис. Но денес компромисот се постигнува потешко од кога било. Растечките аспирации за ЕУ како наддржава на либералните елити во Брисел и на другата страна растечките национални интереси на земјите членки со суверенистичка ориентација и таков концепт за ЕУ, вклучувајќи и различните визии на членките на Унијата за односите со САД и за Украина (а да не ги заборавиме и различните внатрешни ставови за проширувањето на блокот), создаваат амбиент на постојана напнатост! Наводно, кризниот менаџмент се канализира во КОРЕПЕР и тие решенија сè почесто стануваат финални, а лидерите само ги потврдуваат. Во време кога Унијата се соочува со тешки премрежиња и на внатрешен и на надворешен план, немање визија за иднината или длабоки недоразбирања за неа, КОРЕПЕР прераснува „од технички механизам во политички нервен центар“.
Светлата во бриселскиот „бункер“ КОРЕПЕР се вклучуваат сè почесто, не затоа што ЕУ станува посилна, туку затоа што кризата станува нејзина нова нормалност. Прашањето што останува е дали оваа концентрација на одлучување во ова тело е знак на институционална зрелост или симптом на една подлабока европска агонија. П.Р.