Фото: ЕПА

Доколку внимателно се споредат западните политички искажувања, особено оние на Брисел и Европската Унија, како и објавите на некои европски медиуми за Македонија, слободно може да се каже дека постојат двојни стандарди, но и неискреност на Европската Унија кон македонските граѓани. Истовремено, не само што не беше критикуван бугарскиот наратив за македонскиот јазик и историја туку, напротив, од Македонија се побара разбирање за Софија, како што беше искажувањето на францускиот претседател Емануел Макрон дека: „Блиску сме до договор што овозможува правда за бугарските барања“ (?!)

Зошто преговарачката рамка со ЕУ го нарушува македонскиот суверенитет

Суверенитетот е основен принцип на секоја држава, а овој принцип е промовиран и гарантиран од Обединетите нации, дека државите не можат да се мешаат во внатрешните работи на другите држави. Кога една држава е признаена како суверена, таа создава сопствени закони, политичка инфраструктура, образование, здравствен систем, општествени норми итн. Суверенитетот исто така е и гарант за безбедноста на државата и обезбедува фер правила во меѓународните односи помеѓу послабите и помоќните државни ентитети. Но светската пракса потврдува дека понекогаш државите доброволно се откажуваат од одреден степен на својот суверенитет. На светската политичко-економска сцена, одредени држави кога склучуваат меѓународни договори и им се приклучуваат на меѓународните организации, како што се Обединетите нации, Светската трговска организација или Европската Унија, отстапуваат одредени свои суверени права и делегираат конкретни овластувања во замена за придобивки од меѓународната соработка.

Преговарачката рамка со ЕУ го нарушува македонскиот суверенитет

Пример за ова е и преговарачкиот процес со Европската Унија, односно државите кандидатки се должни да исполнат однапред утврдени политички и економски критериуми преку промена на сопствено законодавство и спроведување одредени реформи во духот на европските вредности и принципи. Во нашиот случај, во преговарачката рамка со ЕУ се посочува дека Македонија ќе напредува доколку има јасни политики што ќе ја унапредат демократијата или владеењето на правото, односно синхронизација со европските политички, економски и институционални правила и норми. На долга патека, Македонија ќе мора да направи одредени отстапки од својот суверенитет, слично како што постапија постојните членки пред нивниот прием во Европската Унија.
Но неколку правни експерти по меѓународно право, повеќепати досега посочија дека Македонија во споредба со другите кандидати, како и сегашните членки на ЕУ, отстапува премногу од својот суверенитет, отстапки што ги преминуваат постојните меѓународни и европски норми. Со други зборови, од Македонија, како држава или нација, се бара да исполни одредени нешта, нешта што досега никогаш не биле побарани од ниту од една друга држава што станала членка или претендира да биде членка на Европската Унија. Ова е очигледно од нашата преговарачка рамка каде што се вели дека Македонија треба да постигне видливи резултати и спроведување на билатералните договори, како што се Преспанскиот договор и Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година.
Според нашите добро упатени соговорници од ЕУ, проблемот во нашиот случај е што во преговарачката рамка се внесени идентитетски и историски прашања, нешта што се спротивни на меѓународните норми. На овој начин, Европската Унија не само што ја нарушува Повелбата на Обединетите нации, каде што се вели дека: „Ништо во оваа повелба не ги овластува Обединетите нации да интервенираат во прашања од внатрешните работи на некоја земја, ниту пак бара од членките да ги изнесуваат овие прашања на решавање врз основа на повелбата“, туку и сопствените принципи, како што се заштита на човековите права и строгото почитување на меѓународното право. Брисел со преговарачката рамка бара од Македонија да ги почитува Преспанскиот договор и договорот со Бугарија, со што на индиректен начин се нарушува македонскиот државен суверенитет, нешто што веќе се одразува во официјалното именување на македонската држава, а е спротивно на волјата на македонските граѓани, како и идентитетските критериуми од Софија, кои сега се дел од европската преговарачка рамка, а се спротивни на меѓународните норми.
Неискреноста и двојните стандарди на Брисел се очигледни и од фактот дека од Македонија се бара да ги почитува човековите права, во ситуација кога самата Европска Унија ги прекршува човековите права поради недостигот од добра волја или механизми во случајот со Софија, која ги прекршува малцинските права на Македонците, нешто што беше неколкупати потврдено од Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Преговарачката рамка, како и непочитувањето на човековите права од самата Европска Унија, како што е Повелбата за фундаментални права на ЕУ, која го опфаќа и „правото да се биде ослободен од дискриминација врз основа на пол, расно или етничко потекло“, се потврда за неискреноста на Брисел кон македонското општество, но и кон Македонците што веќе се европски граѓани, како оние што се родени и живеат во Република Бугарија, велат нашите соговорници.

Многу примери како потврда за неискреноста на ЕУ кон Македонија

Неколку аналитичари, кои сакаат да останат анонимни поради чувствителноста на темата, без да навлегуваат во причините или (не)оправданоста на воениот конфликт во Украина, посочуваат дека Брисел и повеќето европски политичари, како и речиси сите западни медиуми, имаат двојни стандарди доколку се направи паралела помеѓу македонскиот и украинскиот пример. Аналитичарите и историчарите со кои разговаравме, правејќи ја таа паралела (Бугарија и нејзиниот став кон македонската историја, јазик, култура итн., како и односот на западните политичари и медиуми кон таквиот бугарскиот наратив), не можат, а да не ја издвојат очигледноста кога повеќемина бугарски високи државни претставници, од позиција на сила, од поголема и посилна држава, членка на ЕУ, на тој начин, од позиција на моќ, го негираат постоењето на македонската историска или јазична посебност.
Примери за потсетување во овој контекст има многу, а како едно од нив нашите соговорници го издвојуваат искажувањето на Екатерина Захариева, поранешна бугарска министерската за надворешни работи, дека македонскиот јазик е напишан е „во 1945 година, на основа на западнобугарскиот дијалект. Смениле единствено некои… малку граматика, малку додале зборови од еден друг соседен јазик“. Нашите соговорници го посочуваат и ставот Румен Радев, претседател на Република Бугарија, кој нагласи дека „политичарите кај нашиот сосед сѐ уште им ја должат на своите граѓани вистината за сопствената историја. Историја што со децении е обвиена со манипулации и фалсификати“.
А ова прашање беше коментирано и од Френсис Фукујама, американски филозоф и политиколог, во интервју за Радио Слободна Европа, при неговата посетата на Македонија со повеќемина професори од „Станфорд“.
– Една земја, поголема земја, се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив… Јас мислам дека основниот принцип на демократијата и меѓународните односи е дека сите луѓе треба да бидат слободни да си го одредат својот сопствен наратив и тоа да не биде диктирано од другите земји, од други поголеми земји што сакаат да им кажат различни приказни, изјави меѓу другото Фукујама за Радио Слободна Европа.
Доколку внимателно се споредат западните политички искажувања, особено оние на Брисел и Европската Унија, како и објавите на европските медиуми за Македонија, слободно може да се каже дека постојат двојни стандарди, но и неискреност на Европската Унија кон македонските граѓани, велат нашите соговорници. Истовремено, не само што не беше критикуван бугарскиот наратив за македонскиот јазик и историја туку, напротив, од Македонија се побара разбирање за Софија, како што беше искажувањето на Емануел Макрон, францускиот претседател, дека „блиску сме до договор што овозможува правда за бугарските барања“ (?!), нешто што е сосема спротивно на европските темелни вредности. Неопходно е да се посочат и ставовите на европските медиуми кон ирационалноста на грчките и бугарските барања кон Македонија и македонските граѓани, ставови што се карактеризираат со рамнодушност, нешто што е недозволиво за слободната мисла, коментираат нашите соговорници.


Една земја, поголема земја, се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив… Јас мислам дека основниот принцип на демократијата и меѓународните односи е дека сите луѓе треба да бидат слободни да си го одредат својот сопствен наратив и тоа да не биде диктирано од другите земји, од други поголеми земји што сакаат да им кажат различни приказни, изјави меѓу другото Френсис Фукујама, американски филозоф и политиколог, во интервју за Радио Слободна Европа


Според нашите добро упатени соговорници, експерти од ЕУ, проблемот во нашиот случај е настанат кога во преговарачката рамка се внесени идентитетски и историски прашања, нешта што се спротивни на меѓународните норми. На овој начин, Европската Унија не само што ја наруши Повелбата на Обединетите нации, каде што се вели дека: „Ништо во оваа повелба не ги овластува Обединетите нации да интервенираат во прашања од внатрешните работи на некоја земја, ниту пак бара од членките да ги изнесуваат овие прашања на решавање врз основа на повелбата“, туку и сопствените принципи, како што се заштита на човековите права и строгото почитување на меѓународното право. Брисел со преговарачката рамка бара од Македонија да ги почитува Преспанскиот договор и договорот со Бугарија, со што на индиректен начин се нарушува македонскиот државен суверенитет, нешто што веќе се одразува во официјалното именување на македонската држава, а е спротивно на волјата на македонските граѓани, како и идентитетските услови наметнати од Софија, кои сега се дел од европската преговарачка рамка, а се спротивни на меѓународните норми