Неколку клучни прашања за ЕУ избиваат меѓу топ петте предизвици во наредниот период: внатрешните реформи на Унијата, нејзината конкурентност, безбедноста, проширувањето, трошењето на буџетските средства… Во повеќето анализи што се однесуваат на еден од предизвиците, односно – проширувањето, се посочуваат „и предностите и ризиците од проширувањето на Унијата“, како и начинот на кој треба да продолжи процесот. Токму последново, каков и да биде усвоениот начин на проширување, ќе има битно влијание и врз Македонија…
На Европската Унија ѝ претстојат најголемите политички битки од основањето
Европската Унија ја очекуваат многу длабоки внатрешни предизвици. Тие изгледа дека ќе бидат многу повеќе за време на вториот мандат отколку за време на првиот на Урсула фон дер Лајен, како претседателка на Европската комисија (европската влада). За потсетување, првиот мандат на претседателката на Европската комисија (ЕК) беше обележан со пандемијата на ковид-19 и избувнувањето војна на границите на Европската Унија. А тоа не беа мали предизвици. Напротив. Но дали тоа значи дека реномираните аналитичари предвидуваат предизвици за ЕУ и Брисел со уште поголеми размери од доскорешните?!
Анализи за предизвиците на ЕУ со почетокот на 2025 година има многу. Некои од аналитичарите предизвиците на Унијата ги нарекуваат искушенија, а некои дури и ги именуваат и како „последните искушенија на Европа“.
Една од анализите и проекциите за ЕУ издвојуваме како особено интересна, објавена во европското издание на магазинот „Политико“.
Според „Политико“, кои се неколкуте клучни прашања за ЕУ?
Во анализата на европското издание на магазинот „Политико“ се истакнуваат неколку клучни прашања за ЕУ, меѓу кои се проширувањето, конкурентноста, реформите, безбедноста, трошењето, човековите права и правото на слободен говор… Посочени се и предностите и ризиците од проширувањето на ЕУ што се земаат предвид за начинот на кој треба да продолжи процесот, што ќе има влијание и врз Македонија.
Меѓу главните задачи на Фон дер Лајен е проширувањето на ЕУ. По избивањето на војната во Украина, ЕУ наводно „ги отвори своите прегратки“… Но сето тоа е само симболично, привидно, и тоа за апликациите за членство на Украина и Молдавија… А повеќе од очигледно е дека „за започнатиот процес ќе бидат потребни години и децении за тој да се заврши“.
Се поставува прашањето и што ќе стори Фон дер Лајен со кандидатурите на државите од Западен Балкан, кои се во чекалницата на ЕУ многу подолго?! Јасна претстава нема, иако Брисел е полна со декларации дека „има јасни добри страни за проширувањето на ЕУ надвор од сегашна група од 27 членки“!? „Политико“ анализира дека проширувањето на блокот ЕУ помага да се зголеми неговиот внатрешен пазар и да се бори против опаѓањето на бројот на населението, истовремено покажувајќи дека ЕУ има многу поголема привлечна моќ како геополитичка сила отколку нејзините ривали.
Но тоа е и политички опасна вежба. Во услови на изјави за поддршка за проширувањето што доаѓаат од главните градови на ЕУ, постојат стравувања дека внесувањето населени земји како Украина ќе доведе до преплавување на внатрешниот пазар на ЕУ со евтина работна сила и производи, ставајќи ги другите членки, особено соседите на Украина, како што е Полска, во неповолна положба.
Ваквите грижи веројатно ќе ја наведат Фон дер Лајен да продолжи со претпазливост при процесот на проширување. Но таа исто така ќе биде свесна дека предолгото држење на земјите кандидати во чекалницата на ЕУ има свои ризици, со можност да се зголемат разочарувањето и искушението и да се свртат кон други надворешни партнери.
За националните интереси
„Политико“ предвидува дека „предлогот на Европската комисија за нејзиниот следен седумгодишен буџет ќе биде предмет на жестоки преговори меѓу националните престолнини, кои ќе се протегаат до крајот на 2027 година“.
Една од политички најчувствителните теми во Брисел, буџетот од 1,2 трилиони евра, ги регулира трошењата за сѐ, од поддршка за Украина до субвенции за филмови. Источноевропските и нордиските земји, вклучувајќи ги Полска и Шведска, сакаат да ги зголемат трошоците на ЕУ за одбрана, додека јужните, како Италија и Грција, би сакале повеќе пари за да го спречат пристигнувањето на мигрантите од Африка.
Едно од големите прашања е низ колку „обрачи“ ќе треба да поминат земјите за да пристапат до нивните пари. Комисијата би сакала престолнините да ги спроведат клучните економски реформи во замена за пристап до нивниот дел од парите на ЕУ. Но земјите што го добиваат најголемиот дел од финансирањето, главно во Источна Европа, не се љубители на овој пристап, наведува „Политико“.
Во 2025 година земјите од ЕУ ќе ги постават своите „црвени линии“ за преговорите. Но, земајќи ја предвид практиката од минатото, лидерите ќе се расправаат и ќе постигнат конечен договор само во последен момент.
Уште еден тежок предизвик: Конкуренција наспроти конкурентност
Со стагнирање на економијата на ЕУ, ниеден предизвик не изгледа толку битен за Фон дер Лајен како потребата да се поттикне конкурентноста на блокот. Без разлика дали се работи за американската доминација во вештачката интелигенција или неодамнешниот подем на кинескиот извоз на електрични возила, европските фирми ја губат трката со странските ривали. Токму затоа креаторите на политиките во Брисел очајнички се обидуваат да смислат начини да се осигурат дека домашните бизниси нема да заостанат на глобалната сцена.
Поранешниот шеф на Европската централна банка, Марио Драги, предлага да им се помогне на компаниите во ЕУ да се прошират. Телекомуникациската индустрија е пример: ЕУ има 34 мобилни оператори во споредба со само три во САД. Решението? Олабавување на правилата за спојување, за да им се овозможи на етаблираните играчи да ги приберат своите помали ривали.
Шпанската социјалистка Тереза Рибера ќе игра улога во градењето на европските капацитети во секторите што се движат од финансии до одбрана. Истовремено Рибера ќе треба да одговори на егзистенцијалното прашање што претстои за политиката на конкуренција, за тоа дали Европа се држи до сегашниот пристап што ги одржува цените ниски, а компаниите мали, или го олабавува својот пристап за да дозволи да се појават поголеми и глобално поконкурентни играчи.
Безбедност наспроти трошење: Ќе се бараат проширени обврски од земји што не се навикнати на вложување?
Додека ЕУ размислува за иднината во која Вашингтон ќе инвестира помалку во НАТО и делумно ќе ја повлече својата поддршка за Украина, блокот се подготвува да се бори за пари.
Ако ЕУ треба да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност, ќе бара огромни инвестиции од земји што не се навикнати да трошат многу за одбраната. Фон дер Лајен идентификуваше 500 милијарди евра инвестиции потребни за зајакнување на воено-индустрискиот апарат на блокот. Единствениот проблем: каде да се најдат пари кога најголемите економии на континентот се мачат и кога се потребни огромни суми за зголемување на конкурентноста на ЕУ.
Другата битка е дали средствата за одбрана на блокот ќе се користат за купување само на опрема произведена во ЕУ. Некои земји, главно Франција, тврдат дека Европа треба да инвестира во сопственото производство за да ја поттикне одбранбената индустрија, која значително се намали од крајот на Студената војна.
Се зема предвид потребата брзо и ефикасно да се добие оружје, како и ризикот да се иритира Вашингтон бидејќи американските власти не го кријат фактот дека не им се допаѓа идејата за „купување европски производи“. П.Р.