Исчекор кон енергетска нуклеарна преродба
Само пред неколку години нуклеарната енергија беше симбол на старото време, која требаше да биде заменета со обновливи извори. Денес, по енергетската криза и геополитичките потреси, сè повеќе европски држави ја преиспитуваат таа одлука.
1. Германија: од затворање до ретерирање
Германија во 2023 година ги затвори последните нуклеарни реактори, завршувајќи ја политиката на енергетска транзиција (Energiewende), што подразбираше постепено напуштање на атомската енергија. Но енергетската криза, зголемената зависност од увоз и индустриските предизвици отворија дебата дали одлуката била избрзана. Дел од германската индустрија јавно повика на преиспитување на нуклеарната стратегија поради високите цени на струјата и ризикот од деиндустријализација.
2. Франција: нуклеарна експанзија како национална стратегија
За разлика од Берлин, Франција одамна ја гледа нуклеарната енергија како столб на својата енергетска независност. Претседателот Емануел Макрон најави изградба на нови реактори и продолжување на животниот век на постојните централи, нагласувајќи дека без нуклеарна база нема стабилна декарбонизација. Франција денес произведува мнозинство од својата електрична енергија токму од атомски централи.
3. Белгија и Шведска: постепеното гаснење прерасна во засилување
Белгија првично планираше целосно напуштање на нуклеарната енергија, но по енергетските шокови одлучи да го продолжи работењето на дел од реакторите.
Шведска, пак, ја измени својата политика и отвори можност за изградба на нови реактори, препознавајќи дека стабилната базна енергија е неопходна за индустрија и електрификација.
4. Во Источна Европа започнува нова нуклеарна офанзива
Земји како Полска, кои никогаш немале нуклеарни централи, сега активно инвестираат во нив како дел од стратегијата за намалување на зависноста од фосилни горива и увоз на енергија. За Варшава, нуклеарната енергија е прашање и на економија и на суверенитет.
Прагматизам наместоидеологија
Она што се случува не е целосно напуштање на зелената агенда, туку нејзина корекција. Реалноста покажа дека обновливите извори, без стабилна базна поддршка, не можат сами да обезбедат сигурност и индустриска конкурентност.
Европа, тивко но решително, се враќа кон нуклеарната енергија — не како идеолошки избор, туку како прагматична одлука. Прашањето повеќе не е дали атомската енергија е зелена, туку дали континентот може да си дозволи да биде без неа. П.Р.
































