Се зголемува приливот на мигранти во Грција / Фото: ЕПА

Италија и Грција го вклучија алармот поради зголемениот прилив на мигранти, ЕУ и НАТО се прават дека не слушаат

  • Гласни пораки од Рим и Атина: „Не фокусирајте се толку многу на Украина бидејќи нема да ги забележите сериозните закани за европската безбедност што се создаваат од Либија“! Ова е пораката што Италија и Грција се обидуваат да им ја пренесат на своите сојузници во ЕУ и НАТО, но без многу успех
  • Протокот на мигранти од Либија повторно е во енормен пораст, во време кога Рим сè повеќе е загрижен за нестабилнатасостојба во северна Африка, од каде што се создаваат сериозни безбедносни закани преку испораки на оружје… 

Приливот на мигранти повторно се зголемува во двете клучни земји на Европската Унија што се први погодени од нив – Италија и Грција. Тоа претставуваше и повод и причина за вклучување на алармот од страна на Рим и Атина.
Неодамнешната катастрофална дипломатска мисија на ЕУ во Либија, која имаше цел да обезбеди запирање на нелегалната миграција преку таа земја кон европскиот копнен дел, имаше особено негативно влијание и заврши со целосен дебакл.
Ниту сите претходни иницијативи, вклучително и практичните чекори преземени од Рим во однос на запирањето на нелегалните мигранти, очигледно не донесоа многу придобивки, како оние во врска со отворањето прифатни центри за мигранти во Албанија.

Брисел, фокусирајте се на Либија, оставете ја Украина

Не фокусирајте се толку многу на Украина бидејќи нема да ги забележите сериозните закани за европската безбедност што се создаваат во Либија. Ова е пораката што Италија и Грција се обидуваат да им ја пренесат на своите сојузници во ЕУ и НАТО, но без многу успех.
Протокот на мигранти од Либија повторно е во пораст, во време кога Рим сè повеќе е загрижен за нестабилната состојба во северна Африка, од каде што се создаваат сериозни безбедносни закани преку испораки на оружје и потенцијална нова поморска база во североисточното пристаниште Тобрук.
Атина, исто така, испрати два воени брода да патролираат покрај брегот на Либија како одговор на порастот на миграцијата и нејзината стратешка загриженост дека нејзиниот најголем ривал, Турција, соработува со Либијците за поделба на Медитеранот на поморски зони за истражување. Зоните полагаат право на водите јужно од грчкиот остров Крит, што Атина го смета за нелегален, според меѓународното поморско право.
Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, ја опиша Либија како „вонредна состојба што Европа мора да ја реши заедно“, но обидот на Европа да постигне одреден дипломатски напредок минатата недела се претвори во фарса.
– Улогата на Русија во Либија продолжува да се шири, користејќи ја како центар во својата африканска стратегија – ја префрла вината на Москва еден дипломат од ЕУ, кој уште повеќе зачини со изјавата дека „политички поврзаната мрежа на шверцери во Либија ги поддржува стратешките напори на Русија, помагајќи ѝ на Москва да ги заобиколи санкциите“.
Сепак, Италија и Грција знаат дека за решавање толку сложен проблем како Либија – земја повеќе од трипати поголема од Шпанија, ќе биде потребна поддршка од големите сојузници, како САД и Франција. Но, засега, одговорот од тие сојузници беше разочарувачки.

Миграцијата повторно е главна тема во Грција

Грчката влада минатата недела објави строги нови правила за миграција додека се справува со порастот на пристигнувањата од Либија на Крит во екот на туристичката сезона.
– Вонредната ситуација бара вонредни мерки и затоа грчката влада донесе одлука да ја информира Европската комисија да го суспендира процесирањето на барањата за азил, првично за три месеци, за оние што пристигнуваат во Грција од северна Африка преку море – изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис пред пратениците.
Околу 9.000 луѓе пристигнале на Крит од Либија од почетокот на годинава, повеќето од нив во последните неколку недели, што веќе е речиси двојно повеќе во однос на целата 2024 година.
Кон крајот на јуни, Грција распореди два воени брода во обид да го спречи неодамнешниот пораст на пристигнувањата на мигрантите. Високи владини претставници се сомневаа во нивната ефикасност, а грчката влада е критикувана и од опозицијата и од нејзините сопствени претставници за напуштање на случувањата во Либија во последните години.
Всушност, само во последната недела, повеќе од 2.000 мигранти се истовариле на Крит. Севкупно, во првиот дел од годината е забележано зголемување од седум проценти на нелегалните преминувања во централниот Медитеран, речиси целосно од Либија, во споредба со вкупниот пад од 20 проценти на сите други главни маршрути.
Грчките репресии, исто така, предизвикаа стравувања во Италија дека уште повеќе мигранти ќе бидат принудени да влезат во италијанските води.
– Загрижени сме за ситуацијата во Либија и неодамнешното зголемување на нелегалните заминувања – изјави портпаролот на Европската комисија пред посетата на ЕУ на земјата.
Дипломатите ја опишаа дипломатската мисија од минатата недела како обид да се утврди кои решенија би можеле да бидат изводливи. На крајот на краиштата, парите од ЕУ веројатно би играле улога. ЕУ склучи многу контроверзен договор со Тунис во 2023 година, во кој им плати на властите да ја сопрат миграцијата, но дипломатите се сомневаат дека таков модел би можел да се склучи во земја дестабилизирана од сопернички милиции како Либија.

Елисејската палата калкулира со поддршката на Рим додека не се
испеглаат „нијансите“ на недоразбирањата

И покрај сериозноста на овие закани од Либија, Италија и Грција се борат да ги убедат своите сојузници да се вклучат во заедничко решавање на проблематичната ситуација. Италијанската премиерка Џорџа Мелони неодамна разговараше на темата „Либија“ со францускиот претседател Емануел Макрон на тричасовен состанок во Рим.
Либија „секако е тема од клучно значење и за Италија и за Франција“, изјави за медиумите неименуван италијански функционер, директно запознаен со разговорите меѓу Париз и Рим, нагласувајќи „заеднички загрижености, особено во однос на безбедноста – бидејќи се однесува на растечкото присуство на Русија таму – и се разбира миграцијата“. Италијанската премиерка Мелони, сепак, призна дека постојат „нијанси“ меѓу позициите на двете земји (Италија и Франција), „за можните заеднички политички решенија“.
Либија сè повеќе се додава на агендата на дипломатските форуми, но во пракса малку се случува. Додека Италија очајнички бара поддршка од воената сила Франција, ова прашање едноставно не е толку важно за Париз колку што е за Рим, па дури и ги разоткрива неодамнешните француски неуспеси во Мали и Нигер.
– За Италија, прашањето за Либија е поважно на краток рок отколку за Франција – рече Вирџини Коломбие, професорка на Универзитетот „Луис“ во Рим и експертка за Либија.
Со оглед на тоа што САД сѐ повеќе се насочуваат кон Пацификот, има мала надеж дека Вашингтон ќе инвестира многу политички капитал во стабилизирањето на земјата. А најзначајно е што Африка дури и не се споменува во последната декларација на НАТО потпишана на 25 јуни во Хаг.
– Никој не сакаше да вклучи спорни прашања бидејќи НАТО сега има многу минималистичка агенда – рече Алесандро Мароне, раководител на програмата за одбрана, безбедност и вселена во аналитичкиот центар „Институто афари интернационали“ со седиште во Рим.
Тоа е горчлива пилула за Италијанците. Рим „сега мора да се соочи со оваа реалност“, додаде Мароне. Слично соочување со реалноста во која не може да смета на помош од сојузниците од ЕУ и НАТО ја очекува и Грција, па засега е извесно дека двете земји се оставени сами да се справуваат со горливото прашање. Р.С.