Фото: Маја Јаневска-Илиева

Компасот на ЕУ не покажува кон меѓународното право и почитувањето на јус когенс

Светските експерти за меѓународни односи и геополитика укажуваат дека понекогаш асоцијации на држави или наддржави како ЕУ, меѓународни институции, поодделни држави или меѓународни центри на политичка моќ применуваат различни сценарија намерно да држат одредена држава во ситуација што се нарекува „лимбо“. Имено, „лимбо“ означува состојба на неизвесност, чекање, запоставеност со создавање понекогаш непремостливи пречки за одредената држава да се оневозможи да помине одреден застој онака како што самата сака, туку онака како што ѝ налага наметнатото сценарио на посилниот.
Ваквите геополитички сценарија се алатка на поголемите сили (на пример на ЕУ кон нас во делот од интеграцијата) или на различните центри на меѓународна моќ да ја спречуваат засегнатата држава да ги остварува своите политички, економски и други интереси, односно да биде долгорочно без перспективна. Со оваа „алатка“ може да биде оневозможувана односната земја да си избере сопствено политичко или безбедносно интегрирање, потпирајќи се врз својот суверенитет и перемпторно право, како начин да се одбрани и да ја засили сопствената позиција на меѓународната сцена.

Брисел со лимбо-тактика

Со лимбо-тактика се спречува Македонија, на пример, да се интегрира во регионални или континентални асоцијации на наддржави како што е и ЕУ. Изложена на „системска кршливост“, нашата држава се судира напати и со намерно попречување и на нејзиниот севкупен системски развој. Македонската состојба вака наметната „ниту на небо ниту на земја“ уште е обременета и со дополнителни лимбо-пречки со поттикнување „добрососедски спорови“ со околните држави, но и со внатрешни етнички тензии, дури и со иредентизам и закани за отцепување дел од територијата. Ваквите меѓународни геополитички сценарија, применувани кон која било земја и кон Македонија, претставуваат целосно и грубо кршење на нормите и принципите на меѓународното право, „заобиколување“ и на Повелбата на Организацијата на Обединетите нации.

Македонија сѐ уште се држи во лимбо-состојба

Јасно е како ден дека нашата Македонија и нација се ставени од либералните бриселски елити во ваква лимбо-состојба. Имено, и во февруари 2014 година, д-р Едвард Џозеф, професор во Школата за напредни меѓународни студии „Џон Хопкинс“ на Универзитетот во Вашингтон, во интервју за „Гласот на Америка“ ќе предупреди дека „Македонија е во лимбо за членство во НАТО, поради спорот за името со Грција“. Осум години подоцна, во јуни 2022 година, во интервју за ТВ 21 од Скопје, Џозеф ќе констатира дека Македонија стори сè што сѐ бараше од неа, го потпиша и Преспанскиот договор со Грција, но и по сите жртви и натаму останува во истата ситуација. Зошто? „Затоа што сега Бугарија влезе во игра!“, нагласува американскиот експерт во интервјуто. А во каква „игра“ влезе Бугарија кон Македонија?
Истата 2022 година, во аргументираната научна анализа „Несакани ефекти од ‘фантомските болки’: Како го попречува бугарската историска митологија пристапувањето на Македонија во ЕУ“, и втор високопозициониран меѓународен експерт за Балканот, австрискиот историчар д-р Улф Брунбауер, аргументирано на јавна сцена ќе ја нападне Бугарија дека сака да ѝ ја пишува историјата на Македонија. Тој истакнува дека Софија ја поврза својата согласност за пристапување на Македонија во ЕУ со инсистирањето да се исполнат првин сите нејзини барања во врска со македонскиот идентитет, јазик и историја, пишувајќи дека нашата земја Македонија „веќе капитулираше пред бугарските барања во врска со нејзината историја и идентитет“.
– Но Бугарија продолжува да го блокира нејзиното пристапување во ЕУ и ја зголемува неизвесноста на политичката иднина на земјата. Бугарија сега бара и внесување на Бугарите како конститутивен народ во македонскиот устав. Од друга страна го негира постоењето на македонското малцинство на својата територија – заклучува професорот Брунбауер.

Суверенитет и стратегиска автономија за ЕУ – може, но истото тоа да важи и за Македонија!

Ако само се опишува лимбо–ситуацијата во која е втурната Македонија, без да се посочува на решенија, надминување би било само дијагноза, без посочување на лекот, односно решението.
За некакво чудо, лекот, како што вели и старата македонска мудрост, бил – и отровот што долго време во силни дози го примаме од Брисел, Атина, Софија…
Деновиве, можеби несакано од Брисел (и од Париз и од Берлин, односно директно од водечките центри на моќ на ЕУ), како да доаѓаат лекот/решението и „стратегискиот рецепт“ за тоа на кој начин Македонија треба да го надмине тоа наметнато сценарио на одземање на суверенитетот, идентитетот, на своето автономно одлучување за внатрешните работи итн. Имено, на 19 и 20 март 2026 година, Европскиот совет (ЕС) во Брисел беше одржан со нагласувањето дека е потребно „во сегашниот геополитички контекст залагање за стратегиска автономија на Европа“. Понатаму, дека ЕУ „сака да примени стратегиска автономија за да се заштити и да се потврди како суверен и релевантен играч на меѓународната сцена“!
И сега логично се поставува прашањето како Брисел бара „стратегиска автономија“ за себе (за ЕУ) и како бара да биде „суверен и релевантен играч на меѓународната сцена“, а истото тоа со години да ѝ го одзема на Македонија?!

Со свои камења по своја глава

Поранешниот висок претставник за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел во еден свој говор уште во 2020 година ќе истакне дека остварувањето широк суверенитет, а особено т.н. стратегиската автономија е „процес на политичко преживување на ЕУ“. Е сега, истото тоа искажување на високиот функционер на ЕУ, со методот на правна и политичка аналогија ќе го пренесеме и на ниво на поединечна држава, бидејќи „автономијата и суверенитетот“ значат еднакво силно – и за наддржавата – ЕУ, но и за секоја држава поединечно, вклучително и за Република Македонија, односно суверенитетот и автономијата имаат иста меѓународноправна тежина и за поголемите и за помалите!
Парафразирајќи го Борел, тоа значи дека „остварувањето стратегиска автономија и остварувањето на суверенитетот ќе претставуваат процес на политичко преживување не само на ЕУ туку еднакво и на Македонија како држава! За да биде појасно на што точно се мисли, ние ќе се консултираме со меѓународноправни експерти, енциклопедии, учебници и лексикони од кои ќе извадиме есенцијално што точно значи суверенизмот и колку е тој суштински за секоја држава, вклучително и за Македонија.
– Суверенитетот како термин означува врховна и последна политичка институција над која, во однос на донесувањето и спроведувањето политички одлуки – нема друг орган. Суверенитетот е исклучиво право на врховна законодавна, судска, и/или извршна власт над извесен географски регион, група на луѓе или себеси. Суверенитетот е, заедно со населението, територијата и правниот поредок, една од основните карактеристики на една држава! Суверенитетот е повеќеслоен (и затоа „Нова Македонија“ неодамна пишуваше серијал написи не само за политичкиот и правниот суверенитет туку и за енергетскиот, културниот, суверенитетот на своите водите, агросуверенитетот на производство на храна итн.).
Натаму, внатрешниот суверенитет значи дека државата е највисок орган на нејзината територија и дека има моќ што ја нема ниедна друга општествена организација или поединец, додека пак надворешниот суверенитет значи дека државата е независна и еднаква во односите со другите држави и не може која било држава, меѓународна институција или наддржава (како ЕУ) да ѝ го одземе правото на Македонија да одлучува суверено за своите врховни и перемпторни (јус когенс) права! Ова треба да им биде јасно на сите граѓани во нашата држава и дека секое „продавање или предавање“ на суверенитетот не само што е ништовно туку е и најтешко кривично дело со најголема одговорност.
Идејата за суверенитет во меѓународните односи потекнува од Вестфалскиот договор (1648), во кој секое мешање во внатрешните работи на друга држава се сметало за кршење на новонастанатиот меѓународен правен поредок. Принципите што го сочинуваат државниот суверенитет беа прогласени со Декларацијата на Генералното собрание на ООН за принципите на меѓународното право од 1970 година.
Оттогаш, идејата за таканаречена суверена државност е основа за дејствувањето на државите на глобално ниво. Формално и правно, суверенитетот се изразува како чин на признавање на постоењето на една држава од страна на други држави во полн капацитет и обем, а не како што некои соседни држави на Македонија (Бугарија и Грција, на пример), поддржани од Брисел, дозволија со невидени притисоци, уцени и ултиматуми на Македонија да ѝ бидат одземени нејзините основни државни белези и симболи и притоа да го негираат или одземаат идентитетот и како држава и како нација!?

Брисел да се врати на своите темелни вредности и принципи

На 25 ноември 2025 година, Европското меѓународно движење во својата Копенхашка декларација за европската стратегиска автономија и суверенитет ги повика ЕУ и државите што се нејзини членки „да го зајакнат својот капацитет на дејствување“, но и „да се бараат партнерства со земји што ги делат темелните вредности на ЕУ, да ги бранат своите интереси и да се штитат сопствените граѓани“.
– Сега е моментот да се консолидира способноста на Европа да дејствува – во одбрана на своите вредности и својата иднина – – се нагласува во таа Копенхашка декларација.
Заложбите од оваа декларација можат и треба соодветно да се применат и во случајот на Македонија: дека и за неа сега е моментот да започне да дејствува со примена на европскиот принцип на полн суверенитет и стратегиска автономија за одбраната на своите интереси, на своите граѓани, на својата иднина, спротивставувајќи им се на странските мешања во нејзините внатрешни работи.

Свето Тоевски