- Протестите на професионалните возачи, долгите застои на границите, депортациите и ограничувањата за престој според правилото 90/180 дена не беа само „локален“ проблем на превозниците од Западен Балкан и другите трети земји. Тие прераснаа во закана за синџирите на снабдување во рамките на ЕУ, за навремената испорака на стоки и за конкурентноста на европскиот пазар. Кога, според извори од самата Унија, економската штета почна да се мери со суми до 100 милиони евра дневно, проблемот одеднаш стана „европски“. Токму во тој момент Европската комисија (ЕК) започна да размислува за она што превозниците и регионалните влади со години го бараат…
Старата поговорка дека сто стапа по туѓ грб не болат ретко каде се потврдува толку доследно како во функционирањето на Европската Унија. Со години проблемите на транспортните компании и професионалните возачи од земјите надвор од ЕУ беа третирани како маргинално прашање – административна последица од строгите шенгенски правила, а не како системски ризик. Но, штом тие проблеми почнаа директно да ја удираат европската економија по нејзиниот грб, реакцијата стана неизбежна.
Протестите како закана за синџирите на снабдување во рамките на ЕУ
Протестите на професионалните возачи, долгите застои на границите, депортациите и ограничувањата за престој според правилото 90/180 дена не беа само „локален“ проблем на превозниците од Западен Балкан и другите трети земји. Тие прераснаа во закана за синџирите на снабдување во рамките на ЕУ, за навремената испорака на стоки и за конкурентноста на европскиот пазар. Кога, според извори од самата Унија, економската штета почна да се мери со суми до 100 милиони евра дневно, проблемот одеднаш стана „европски“.
Токму во тој момент Европската комисија започна да размислува за она што превозниците и регионалните влади со години го бараат: флексибилност во визниот режим. Во работниот документ на Комисијата, кој служи како основа за идната нова стратегија за визи на ЕУ, за првпат формално се отвора прашањето за исклучоци од правилото 90/180 дена. Аргументот повеќе не е хуманитарен, ниту политички – туку чисто економски: загуби, нарушувања на единствениот пазар и намалена привлечност на ЕУ како економски простор.
Предлогот да се разгледа престој во шенген подолг од 90 дена, под услов да не се надминат 90 дена во поединечна земја членка, јасно цели на професиите чие работење зависи од постојана мобилност – пред сè камионските возачи што работат за компании со седиште во ЕУ. Со тоа, проблемот што со години се сметаше за „надворешен“, конечно се препознава како прашање на конкурентноста на самата Унија.
Што ако немаше директна економска штета по земјите членки на ЕУ?
Да не беше директната економска штета по земјите членки, реакцијата на Брисел веројатно ќе останеше заглавена во познатите бескрајни процедурални лавиринти.
Но, еве и денес, и покрај сигналите за промена, нема збор за итна регулаторна интервенција. Станува збор за почеток на т.н. стратешка дискусија – што во европскиот контекст и речник значи долг процес, со неизвесен исход.
Токму тука се отвора второто, еднакво важно прашање: Како земјите од Западен Балкан ќе настапат во овој процес?
– Досегашното искуство покажува дека индивидуалните, еднонационални иницијативи ретко даваат резултат кога се соочени со ригидната и комплексна европска бирократија. Затоа, сигналите што доаѓаат од овој процес може да се читаат и како повик – или можност – за наднационална организираност на регионот. Формирањето заедничко преговарачко тело, во кое земјите од Западен Балкан би настапувале координирано, со усогласени позиции и јасна аргументација, би можело значително да ја засили нивната преговарачка моќ – велат наши соговорници од Стопанската комора.
Тие додаваат дека таквото тело не би било симболичен гест, туку практичен инструмент: платформа за собирање податоци, економски анализи, правни аргументи и конкретни предлози што директно кореспондираат со интересите на ЕУ.
– Наместо апели засновани на „неправда“, фокусот би бил на заедничката штета и заедничката корист – јазик што Брисел најдобро го разбира – велат од бизнис-секторот.
Мериторност како основен принцип
Но, наднационалната рамка сама по себе не е доволна. Таа подразбира и вклучување способни, подготвени и кредибилни преговарачи – луѓе што однапред ќе ги познаваат европските процедури, ќе ги антиципираат контрааргументите и ќе дејствуваат проактивно, а не реактивно. Само така регионот може да се натпреварува со инерцијата на европската администрација.
– Оваа епизода уште еднаш ја потврдува суштинската логика на ЕУ: солидарноста и флексибилноста најчесто доаѓаат дури кога ќе бидат поткрепени со јасна економска цена. За земјите од Западен Балкан, пораката е јасна – ако сакаат нивните проблеми да бидат сфатени сериозно, тие мора да бидат артикулирани заеднички, стратешки и со јазикот на интересите. Во спротивно, „стоте стапа“ ќе продолжат да болат – но не и да предизвикуваат реакција – поентираат соговорниците од бизнис-секторот.
Потпретседателот на Владата неформално најави дека брисел усвојува
решение за спорот
Николоски: ЕУ ги прифати возачите како професионалци
Според последните вести соопштени од вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, возачите се прифатени како професионалци од страна на Брисел, што треба да донесе побрз излез од кризата.
– Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме. По протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисел ќе донесе нова стратегија за визи, која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи – напиша Николоски во објава на Фејсбук. Н.М.
































