Фото: ЕПА

ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ЗАГЛАВЕНИ „ПОМЕЃУ НЕГИРАЊЕ И СТРАВ“ ПО КРИТИКИТЕ ОД АМЕРИКАНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ТРАМП

  • Лидерите на Европската Унија и нејзините земји членки одлучија да не одговорат на најновите обвинувања од американскиот претседател Трамп и неговата администрација, со што повторно оставаат впечаток на слабост како по трговскиот договор постигнат летоска помеѓу САД и ЕУ

Најновите критики од американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација против европскиот модел деновиве беа дочекани со оглушувачка тишина на Стариот Континент, со ретки исклучоци. Оваа комуникациска стратегија, усвоена од главните градови и институциите на Европската Унија, остави впечаток на повлечена Европа, која, заглавена помеѓу негирањето и стравот од потенцијална американска одмазда, дозволува да биде навредувана без да одговори.
Тоа потсетува на уште еден неодамнешен пример на покажана слабост, кога на 27 јули, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, славеше со кренат палец нагоре во знак на одобрување, откако склучи неурамнотежен трговски договор со Соединетите Американски Држави на голф-одморалиштето на Доналд Трамп во Тарнбери, Шкотска.

Уште еднаш, Вашингтон не се воздржа од критики. Во својата нова стратегија за национална безбедност, објавена на 5 декември, американската влада во однос на ЕУ се осврнува на „економскиот пад и реалната перспектива за цивилизациска ерозија“, особено поради имиграцијата, намалувањето на стапката на наталитет и наводната цензура на слободата на изразување. САД, исто така, го нагласија „растечкото влијание“ на крајната десница како решение за европските маки. Истиот ден, додека Европската комисија објави казна од 120 милиони евра против социјалната мрежа Икс, нејзиниот сопственик и поранешен член на втората администрација на Трамп, Илон Маск, тврдеше дека ЕУ треба да биде „укината“.
Не е изненадувачки што унгарскиот премиер Виктор Орбан, русофил колку што е и трампист, му „спушти шапка“ на Маск, додека италијанската премиерка Џорџа Мелони, идеолошки блиска до американскиот претседател, на 6 декември тврдеше дека „не гледа пукнатини“ во трансатлантските односи.
Други европски шефови на држави и влади одлучија да ги игнорираат овие забелешки, нудејќи слични аргументи, што не е ништо ново. Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, веќе ја започна оваа идеолошка битка во февруари на Минхенската безбедносна конференција, што сега е претставена во документ од американската администрација, а не само како изјава од Доналд Трамп. Затоа, Елисејската палата не гледа причина да се „вклучи во битка на Твитер со американски функционери од понизок ранг“.

– Суштинската работа е да се дејствува. И во овој момент ние ги сфаќаме нашите одговорности сериозно со тоа што ќе застанеме на страната на Украина, ќе ги зголемиме трошоците за европска одбрана, ќе го браниме регулаторниот суверенитет на ЕУ и ќе работиме на зајакнување на нејзината конкурентност – истакна извор близок до францускиот претседател Емануел Макрон, а пренесе париски „Ле монд“.
Само полскиот премиер Доналд Туск сметаше дека е соодветно да изрази одредена непријатност.
– Драги американски пријатели, Европа е вашиот најблизок сојузник најмалку осумдесет години и тоа е единствената разумна стратегија за нашата заедничка безбедност. Освен ако нешто не се променило – напиша Туск на Икс на 6 декември.
Во Брисел, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, исто така сакаше да употреби поинаков тон.

– Говорот на Џ.Д. Венс во Минхен и различните твитови на претседателот Трамп станаа официјални. Ова е доктрината на Соединетите Американски Држави. Мораме да ја признаеме и да дејствуваме соодветно – инсистираше португалскиот функционер на 8 декември, додавајќи дека наводните сојузници си должат „почит“.
Фон дер Лајен, од своја страна, се одлучи за пристап „како на ној“. На дневната прес-конференција на извршната власт на ЕУ на 5 декември, нејзината портпаролка, Паула Пињо, одби да ја коментира новата американска безбедносна стратегија, која нејзиниот оддел „немал време да ја анализира“ и повтори дека Соединетите Американски Држави се „клучен сојузник“ на ЕУ. На институцијата ѝ беа потребни два дена да ги испрати своите коментари до новинарите на 7 декември.
– Го поздравуваме силниот приоритет што го дава американската безбедносна стратегија за завршување на војната што ја водеше Русија против Украина – се вели во соопштението.
Понатаму се додава: „Целосно се согласуваме со премисата наведена во американскиот документ дека Европа останува стратешки и културно витална за Соединетите Американски Држави и трансатлантската трговија останува еден од столбовите на глобалната економија и американскиот просперитет“.
– Сите најдоа нешто смирувачко во американската стратегија – анализира еден европски дипломат.
Ова очигледно е случај со високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, која ги сметаше одредени аспекти од документот за вистинити, порачувајќи „Соединетите Американски Држави остануваат наш главен сојузник“.
– Не смееме да заборавиме дека таа е поранешна премиерка на земја, Естонија, чија безбедност зависи од Соединетите Американски Држави – тврди извор од ЕУ за париски „Ле монд“.
Соочен со оваа речиси универзална апатија, Доналд Трамп повторно ја нападна ЕУ во вторникот.

– Мислам дека Европејците се слаби. Тие сакаат да бидат политички коректни, а тоа ги прави слаби. Тие ги уништуваат своите земји – кажа Трамп во интервју за „Политико“ критикувајќи ја наводната благост на 27-те земји членки на ЕУ во однос на трговската и имиграциската политика.
Американскиот лидер изнесе сличен став и во врска со европската улога во Украина, велејќи „тие зборуваат, но не дејствуваат, а војната само продолжува да се одолжува“.
Овие изјави, овој пат од Белата куќа, го поттикнаа германскиот канцелар Фридрих Мерц да даде одговор.
– Одредени тврдења во американската безбедносна стратегија се неприфатливи – изјави Мерц.

Иако трансатлантските односи се од централно значење за германската надворешна политика, канцеларот повторно ја повика ЕУ да „стане многу понезависна од Соединетите Американски Држави по безбедносни прашања“.
– За време на моите разговори со Американците, им велам дека „Америка на прво место“ е во ред, но им требаат партнери низ целиот свет. Ако тоа не може да се направи со Европа, тогаш барем направете ја Германија ваш партнер – додаде Мерц.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција


Острото американско предупредување ја разниша довербата на ЕУ во трансатлантските односи

Мерц и Макрон вознемирени од американските „игри“

Дали треба да заклучиме од ова големо предупредување дека 27-те земји членки на ЕУ сè уште ги гледаат Соединетите Американски Држави како сигурен партнер, и покрај агресивните тактики на Вашингтон? Балтичките држави несомнено сè уште сакаат да веруваат во тоа, со оглед на тоа колку е суштински американскиот чадор за нивната независност.
– Доналд Трамп е на наша страна. На самитот на НАТО во Хаг во јуни, тој беше многу јасен. Немаше сомнение за тоа. Тој се посвети на дипломатски напори за ставање крај на војната во Украина. И соработката со Соединетите Американски Држави функционира – вели дипломат од една од овие земји, чие мислење не е променето од неодамнешните настани.
– Она што е важно не се зборовите, туку она што всушност се случува и одлуките што всушност се носат. Со години се справуваме со обиди за мешање на САД. Ништо ново под сонцето – се доверува друг.
Објавата на германското списание „Шпигел“ на 3 декември за разговор меѓу европските лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски, два дена претходно, сугерира дека првите, сепак, ги забележале промените во односите.
– Володимир мора да бидеш многу внимателен во наредните денови. Тие играат игри со вас и со нас – рекол Фридрих Мерц, осврнувајќи се на американските преговарачи, според известувањето на „Шпигел“,.
– Можно е САД да ја предадат Украина – наводно предупредил францускиот претседател Макрон.

– Тие не се наивни, но не можат да преземаат ризици по украинското прашање додека се водат преговори со САД и би можеле да бидат исклучени во секој момент. Исто како што се воздржаа од демонстрација на сила за време на трговските преговори со Вашингтон ова лето од страв дека САД ќе го напуштат Киев. Европејците денес претпочитаат да ја проголтаат својата гордост, надевајќи се дека ќе купат време до изборите на половина мандат, за кои се надеваат дека можеби ќе влијаат врз политиките на Доналд Трамп – вели извор од ЕУ.
– Европејците секојпат ги прифаќаа ударите, стремејќи се да го одржат Вашингтон ангажиран и да го спасат она што остана од трансатлантските односи. Тие му понудија на Трамп толку многу што човек се прашува дали уште имаат образ – забележува Натали Точи, специјалистка за меѓународни односи, во коментар објавен во „Форин полиси“ на 5 декември.

– Европејците мислат дека Трамп е непредвидлив и недоследен. Тие грешат. Тој е предвидлив и доследен – тврди европратеничката Натали Лоазо од „Хоризонти“, додавајќи дека шефовите на држави и влади не се избрани за да бидат понижени.
– Ако не можете да зборувате, дејствувате – тврди европски дипломат, наведувајќи ја повторената поддршка на ЕУ за Украина како доказ. Самитот на шефови на држави и влади закажан за Брисел на 18 и 19 декември ќе биде клучен. Ако 27-те земји членки не успеат да се договорат за нова финансиска помош за Киев, кој ќе остане без пари на 1 април, нивниот кредибилитет ќе биде изгубен.
Без да чекаат, тие планираат да ги замрзнат 210-те милијарди евра средства на Централната банка на Русија во Европа до крајот на војната во Украина, за да не бидат на милост и немилост на Унгарија, која може да стави вето на обновувањето на ова замрзнување на секои шест месеци. Ова исто така би сигнализирало дека иднината на Украина не може да се одлучи без нив, бидејќи користењето на овие средства е дел од дискусиите за исходот од конфликтот. Мировниот план на Доналд Трамп предвидуваше тие да бидат поделени меѓу САД, Русија и Украина.
– Имаме мускули, но имаме и синџири – сумираше еден европски дипломат, како што пренесуваат новинари акредитирани во Брисел.

Т.Г.