Никола Саркози упати тешки критики за политиката на Брисел / Фото: ЕПА

Поранешниот француски претседател Никола Саркози во интервју за францускиот дневен весник „Фигаро“ посочи дека Западот непотребно ја троши својата енергија кон дополнителна милитаризација и реторика што води кон конфликти наместо да се насочи кон поттикнување конструктивен дијалог и наоѓање мирно решение, со кое Украина повеќе нема да биде земјата што ги трпи суровите последици од војната, која на терен очигледно ја губи

Поранешниот француски претседател Никола Саркози отворено во јавноста за потфрлањето на политиките на Европа

Расте бројот на актуелни и поранешни европски лидери што отворено се спротивставуваат на политиките на либералните европски елити, со забелешка дека со своите потези ја туркаат Европа кон изолација и го девалвираат нејзиниот кредибилитет.
Последен во низата критичари на актуелното европско водство е поранешниот француски претседател Никола Саркози, кој смета дека европските закачки со Русија нема да ѝ донесат ништо добро на Европската Унија, туку напротив, ќе ја направат уште помаргинална и помалку видлива во новите геополитички случувања.

Саркози: „Нарекувањето на Русија главен
непријател на Европа е историска грешка што може да има далекосежни последици“!

Имено, Саркози во интервју за францускиот дневен весник „Фигаро“ се осврна на европскиот пристап кон војната во Украина, притоа нагласувајќи дека нарекувањето на Русија главен непријател на Европа е „историска грешка“ што може да има далекосежни последици.
– Ја нарекуваме Русија наша главна закана и наш главен непријател. Ова е историска грешка – рече Саркози, додавајќи дека Европа сега е поизолирана на меѓународната сцена од самата Русија.
Според него, истата таа Европа наместо да го зајакне своето влијание, ризикува да изгуби уште повеќе, бидејќи не само што „не победува туку губи“ во сегашниот конфликт. Саркози оцени дека она за што постојано предупредувал се случува на Стариот Континент, односно Западот непотребно ги троши својата енергија и ресурси кон дополнителна милитаризација и реторика што води кон конфликти наместо да се насочи кон поттикнување конструктивен дијалог и наоѓање мирно решение, со кое Украина повеќе нема да биде земјата што ги трпи суровите последици од војната, која на терен очигледно ја губи.
Слични критики доаѓаат и од други европски лидери, како шпанскиот премиер Педро Санчез, неговиот унгарски колега Виктор Орбан, словачкиот премиер Роберт Фицо, главната француска опозиционерка Марин Ле Пен, новиот полски претседател, кои истакнуваат дека Европската Унија е далеку од она што некогаш била, има двојни стандарди за повеќе клучни прашања и доколку продолжи така да се однесува, не само што ќе го загуби кредибилитетот туку нема ниту да постои.

Ќе расте отпорот кон актуелните европски политики

– Ќе расте отпорот кон актуелните европски политики бидејќи како никогаш досега Европската Унија не била турната толку на страна од глобалните политички процеси. Гледаме сега дека се обидува некако да се факторизира со најавите за испраќање воени сили во Украина, но очигледно ниту тоа нема да помине ако нема согласност од главните светски играчи. Русија веднаш кажа не, а ниту САД засега не го делат европскиот став за дотурање масло на огнот. Најтрагично е што во целата оваа работа, Украина, која е целосно разрушена од неколкугодишната војна, воопшто и не се прашува. Повеќе од јасно е дека ова денешно европско водство дефинитивно ги напушти основите врз кои е изградена самата Европска Унија, да пропагира мир, да се залага за воспоставување критериуми што ќе гарантираат почитување на различностите, демократија, владеење на правото, економски развој, оние изворни идеи врз кои поранешната заедница за јаглен и челик се преобрази во унија на земји што ги споделуваат европските вредности. Сегашните критики се всушност јасна порака дека се напуштени тие принципи и дека Европа се движи по опасен пат, особено ако се земе предвид фактот дека Стариот Континент се милитализира како никогаш досега. Какво е тоа залагање за мир кога се градат воени капацитети, кога постојано се посочуваат едни или други непријатели, кога некои европски земји разработуваат сценарија за потенцијален поширок конфликт на европско тло. Тоа асоцира само на една работа, која не е воопшто добра – посочуваат коментаторите на актуелните случувања на европската политичка сцена.


Во пресрет на обраќањето на претседателката на Европската комисија за состојбата во Унијата

Фон дер Лајен се соочува со директни обвиненија за декаденцијата во ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска се подготвува да се соочи со наелектризираниот Европски парламент (ЕП), кој сака јавно да го искаже својот долг список на поплаки. На оваа тема истражува реномираниот медиум „Политико“, каде што соговорници европарламентарци сакаат да ги слушнат нејзините планови за иднината.
Се смета дека при денешното прво обраќање на Фон дер Лајен за состојбата на ЕУ во нејзиниот втор мандат, критичарите ќе ја обвинат дека таа ја ослабува Европа со тоа што се „предаде“ пред американскиот претседател Доналд Трамп преку асиметричен трговски договор со САД, дека ги напушта земјоделците со одобрување договор со Јужна Америка, дека ги разоткрива политиките за справување со климатските промени итн.
– Ова беше лошо лето за Европа. Она што јасно го сакаме како порака од претседателката на комисијата е дека работите треба да се променат – рече Бас Ајкаут, копретседател на зелените во Европскиот парламент.
Едвај десет месеци по нејзиниот втор мандат на чело, Фон дер Лајен е под силен притисок – од демократски избраниот европарламент, од пошироката структура на ЕУ и од глобалните настани. Политичките групи што со децении беа пријателски настроени кон претседателите на комисијата, сега ги доведуваат во прашање тие лојалности. Растечките десничарски сили бараат построги политики за прашања од миграцијата до животната средина и ја гледаат ЕУ како практична вреќа за удирање.
– Очекуваме јасно лидерство од извршната власт. Европа не може да си дозволи институционална стагнација или застој – ​​изјави Валери Хајер, шефица на либералната група „Обнови ја Европа“.
Токму тој очигледен недостиг од лидерство ги разочара политичарите од сите страни и затоа се подготвени лично да се нафрлат врз Фон дер Лајен, наведува „Политико“. Меѓу членовите на комисијата и парламентот, раните сѐ уште се свежи од гласањето недоверба на Фон дер Лајен во јули. Групите на поекстремните краеви на политичкиот спектар веќе планираат уште еден говор што ќе се одржи во октомври, во досега невидена демонстрација на противење на претседателот на комисијата. Р.С.